Започнаа собраниските празнувања: Приготвени 80.000 посни амандмани за прослава на Буџетот

Во Собранието на Република Македонија започнаа подготовките за (ис)празнувањето на Буџетот заштитникот на државната каса, а 123 пратеници, членки на политичките партии, денеска па се до петок ќе ги приготвуваат 80-те илјади мали посни амандмани што традиционално се служат за Буџетот.

За подготовка на амандманите се употребени 1,6 тони хартија и 100 килограми тонер. Годинешен домаќин на прославата на Буџетот во Собранието е Комисијата за финансирање и буџет, потпомогната од Фајт Клубот на пратеници.

„Очекуваме дека после обуката во Фајт Клубот на пратеници во рамки на акцијата Амандмани без мани за повеќе мани, пратениците ќе бидат ефикасни и ќе ги елиминираат амандманите со брзина со која пратеник елиминира сарма во собранискиот ресторан. Ги добија сите потребни инструкции од тоа како да требат буџетски ставки со боксерска ракавица до како да се одбранат во случај на заталкан Устав во собраниската сала“ велат од Фајт Клубот.

Како и другите години, и оваа година Извршните и Локалните власти традиционално ја поддржуваат прославата на заштитникот на државната каса, пловците во долгови и администрацијата.

Пратениците видно возбудени, со нетрпение очекуваат прославата да започне, прелистувајќи го Деловникот кој од оваа година заради некои посни амандмани подготвени по традиционалните  рецепти на Цар Душан ќе се нарекува  Јеловник.

„Многу сме возбудени од почетокот на празнувањето. Знаете, лани дури и се истепавме кој попрво амандман да пушти, свиревме, викавме, по ходници спиевме, конобарите се убија од работа. Е сеа се чепнавме и со обезбеџење, ама не се знаеме толку добро со Големиот брат на газдата“ изјавуваат сложно од Собранието.

Потсетуваат дека поминале неверојатно дружење и низ песна.

„Ги пеевме песните како Кој е крив дал Бранко ил судбина, Доста време в стечај одев доста лични приходи не водев, Транзицијата пуста да остане таа од власта ме раздели, Ејдиги луди млади години летнавте како CV во Агенција за вработување, Празна каса на мом столу, из те чаше ти си пила, Роди ме мајко пратеник и фрли ме на Дрисла Италијан да бидам, Помагајте другови хочу да се убијем због власт, због власт због власт, Амандманот ми пристигна, Не зори Зоро, буџет на оро со мене заиграј, Еј животе тешко јеботе, Сите амандмани мамо се прифатија, само моето амандманче најлично не се прифати, Имам за Армани, немам за Амандмани“ емотивно се присетуваат тие на заедничките моменти поминати низ песна. Но потоа, како што велат,  полицијата и им ја расипала дружбата.

„Здравје, еве ќе види народов ако не го убие воздухов дотогаш, дека оваа година сме спремни, па со приготвувањето на 80.000 собраниски посни амандмани очекуваме конструктивна дебата. Очекуваме и да ни донесе среќа на државно ниво ова (ис)празнување на Буџетот и демократијата, да тргне на арно работава. На пролет може избори ќе имаме, па да се сефтоса тоа (ис)празнување со нов почеток“ изјавуваат тие сложно и радосно.

За Буџетот во собраниската главна сала, пред елката која романтично им намигнува на собраниските претставници на народот, ќе биде поставена трпеза со 80.000 амандмани, 300 килограми хартија со говори на пратеници, 400 килограми молчење ко риба од други пратеници, 500 килограми списанија за убивање на досада, три килограми испиено вино и 3 литри ракија во просек по пратеник за смирување на страстите набилдани како пратеничка плата, а ниски како месечна работничка плата.

 Објавено: 16.12.2013