Македонско судство ONLINE

Измените на Законот за парничната постапка од септември 2011 година утврдија револуционерен начин на доставување на судските писмена и комуникацијата со адвокатите. Револуционерно за нас, навикнати на папки расфрлани по судските соби и вечно траење на обична достава.

Од 9 септември 2011 година доставата требаше да се врши по електронски пат. Судовите да ги доставуваат писмената до странките и адвокатите со инфо по e-mail, а тужбите и материјалите кои ги следат тужбите би се наоѓале во електронски сандачиња од каде задолжително би се преземале.

За жал на прогресивните во правосудството, оваа реформа експресно застана. Како и многу пати претходно, во судовите преовлада спонтаниот, забавен метаболизам на уникатната методологија на водење на работите која се вика “скептичност до перфекција”.

Наместо страв од промени, оваа година беше важно да се запре првиот шок и неверувањето во правните кругови и да се почне со работа. Работата е многу едноставна и се состои во неколку чекори:

  • судовите ја имаат информатичката опрема, супер моќни сервери кои само треба да се стават во функција;
  • еден мал тим од компјутерски писмени судии и судски службеници може да ја осмислат мапата за чување и преземање на документи од електронските сандачиња како и начин на комуникација со корисниците;
  • сите надворешни институции имаат електронски адреси, за адвокатите тоа не е новост. Електронските адреси дури се и дел од формалните елементи на тужбите;
  • само еден “компјутерџија” ја завршува целата техничка работа.

И готово!

Ништо проблем, а извонредно значајно олеснување на комуникацијата со судот. Се разбира, на дел од правосудната фела на кој одолговлекувањето на доставата е музика за ушите сигурно нема да и се допадне оваа иновација, но овде зборуваме сепак за сериозна работа. Овој дел од фелата и така оди во историјата. Се разбира ќе се изнаслушаме потсмешливи коментари дека ние вода во очите немаме, електронска достава ќе правиме или дека судската полиција повеќе е ангажирана буквите да им ги бара на судиите по компјутерот отколку за примарната работа. Судството е самото виновно за ваквите коментари, за неколку години со компјутерите пред себе не успеа да не увери дека истите и нешто ефикасно ги користи, ама секое зло за добро, барем знаеме како не треба и како не бива што е прв чекор кон одржлив развој.


Објавено: 14.06.2012