/ Прочитано:

1.995

Чии цевки ќе ја чуваат цевката „Јужни ток“

Ивица Дачиќ и Никола Груевски се премногу големи играчи да не  знаат уште нешто: дека сите влади кои со Русите потпишаа државни спогодоби во областа на енергетиката за влез во „Јужни ток“ сега се поранешни! Од Силвио Берлускони, најдобриот Путинов пријател на запад, до владата која во Србија фактички ја водеше Борис Тадиќ, а само формално на нејзино чело фигурираше бледиот апаратчик Мирко Цветковиќ

Ако ги прашате Американците, тие сигурно ќе го наречат Јужни јок. Ако ги прашате Русите, тој гасовод е повеќе од геостратешка енергетска политика, тоа е најголемата визија која и се укажа на Москва, последниве децении, бидејќи Јужни ток не е само мрежен систем од цевки преку кој гасот ќе тече до радијаторите и енергетските постројки на европските живеалишта, или џиновските корпорации, жедни за енергенси кои ќе го голтаат клучниот ресурс на големата и разбудена мечка.  Гасоводот „Јужни ток“ е многу повеќе од тоа. Тоа е новиот геополитички крвоток, нова руско-европска аорта, која со своето пулсирање може потполно да ја измени анатомијата на модерниот свет, за кој некогаш сонуваа Петар Велики и Шарл де Гол.

Разбирливо е дека таква голема приказна не може да ја заобиколи поранешната југословенска трансверзала, некогашните разделени браќа кои некогаш имаа мозок и богата земја, а сега имаат распарчени и презадолжени државички, на просторот кој се вика западен Балкан.

Кога америте ја поставија својата база за антиракетен штит во романско селце близу до романско-српската граница, а потоа кога третиот човек на Русија, моќниот Сергеј Шојга во Ниш ја отвори руската база за хуманитарни интервенции, од каде Русите би гаселе пожар по регионот, само најсуптилните стратези гледаа во третата точка – во околината на Заечар, град на истокот од Србија, главно познат по влашките вуду баби кои ја предвидуваат судбината како и колоритните локални политичари, што политиката ја сфаќаат како реалити шоу, па го забавуваат народот будалејќи се на ТВ Пинк или на изборите за градоначалник.

Тајната тврдина на Слободан Милошевиќ

Недалеку од Заечар, се простира планината Црн врв, каде американските рударски компании во последно време интензивно испитуваат златни жици и тврдат дека токму таму се наоѓа новиот Сиера Мадре, а на самиот врв на митската планина, опкружена со бодликава жица, со бедна портирска куќичка на влезот, како сениште извира тајната тврдина на Слободан Милошевиќ. Градена е во совршена тајност, во очи на падот на Слобо, овој забранет град сега лебди над непристапни планински предели украсени со борови дрвја, со огромен хотел, неколку вили резиденции, сопствена станица за енергетско напојување и комплекс подземни гаражи, за кои опозицијата на Милошевиќ тврдеше дека е таен бункер. Престојував таму како репортер за белградскиот весник „Политика“ кој прв влезе во овој комлекс по 2000-та година и верувајте ми на зборот, тоа не беше хотелски центар за развој на туризмот. Тоа беше нов град во изградба. Остана, меѓутоа, само градежниот скелет, само груби работи и километри најлони кои ги прекриваат зградите, па кога силно ќе задува, се произведуваат звуци кои би го уплашиле и Стивен Кинг, кој во моментите на инспирација би можел да се вовлече на Црн врв вооружен со моторна пила

Во тој бел хотел – костур, само еден супер-луксузен апартман беше сосема завршен, опремен со италијански мебел, во сивата зона на некое идно здание, во сивата зона на српското минато, чија дополнителна мистерија ја подгрева податокот дека ниту една пост-милошевска влада не ја доврши оваа работа и не го претвори комплексот, да речеме, во скијачки центар.

Имаше многу теории во врска со тоа, зошто Милошевиќ ја почна изградбата на тој суперград, т.е. таа модерна тврдина на супер-луда локација. Една од нив беше дека таа ќе биде негово засолниште по падот од власта, но сите тие теории се изјаловија. Дури и да не е точна тезата според која тврдината е градена со намера да биде некој вид на супер-модерна караула, со претседателска резиденција, како првата тврдина за влез на цевката „Јужни ток“ во Србија, зошто трасата на гасоводот влегува впрочем кај Заечар, таа теорија на заговор зборува за тоа што во наредните години ќе биде од клучен интерес за западните и источните сили, кои како и отсекогаш ќе се прекршат врз баксузниот Балкан.

Кој крак од гасоводот ќе се одлие во Македонија?

Сега скенерот на гасоводот е скоро комплетиран. На неодамнешната заедничка средба на македонскиот премиер, Никола Груевски, и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со Владимир Путин во Санкт Петербург, кој навистина ги пречека како мали цареви, потврдено е дека и српскиот ентитет во Босна, како и Македонија ќе се приклучат кон гасниот проект на Русија.

И Миле Додик, многу омилен политичар во Србија, како и македонскиот премиер Груевски, се вратија од мезето со Владимир Владимирович, многу добро расположени и возбудени. Македонија и официјално влезе во „Јужни ток“, откако претставниците на владата на Руската федерација и „Газпром“ му ја предадоа на македонскиот министер за финансии, Зоран Ставрески, нацрт спогодбата со која Македонија е дел од овој енергетски проект. Единственото прашање е само кој крак од гасоводот ќе се одлие во Македонија. Се верува дека тоа ќе биде од бугарската страна, зошто тоа е далеку поевтина опција, отколку кракот да доаѓа од Србија. Ние имено, дел од цевката ќе прелиеме во Република Српска. Имено Русите не губат време. Изградбата на гасоводот „Јужни ток“ ќе почне на крајот од оваа година – така потврди рускиот претседател Владимир Путин на отворањето на бизнис самитот Русија – ЕУ, појаснувајќи им на Европејците дека Москва планира да започне со изградба на гасовод до крајот на оваа година. Путин предвидува дека ќе биде потребна година и пол до две за гасоводот да проработи, потсетувајќи дека изминатите години реализацијата на овој проект добила уште еден импулс. Впрочем тоа не беше импулс, туку глобален електрошок, бидејќи Русија доби официјална дозвола од Турција дел од гасоводот да се постави на дното на Црно Море.

Приближната вредност на гасоводот – 15,5 милијарди евра

Суперпроектот предвидува пропусната моќ на гасоводот да биде 63 милијарди кубни метри годишно. Приближната вредност на гасоводот изнесува 15,5 милијарди евра. Гасоводот „Јужни ток“ заедно со неговиот „северен“ аналоген – „Северен ток“ со кој управува поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, претставува најважен елемент во реализацијата на руската стратегија со која би се обезбедила енергетска сигурност во Европа, сметаат руските аналитичари. Основната цел на оваа стратегија претставува намалување на транспортниот ризик во техничка, а уште повеќе и во политичка смисла.

Посебна улога му е наменета токму на Јужни ток  поради неговата должина и површината на територија која ќе ја опфати потребната инфраструктура. Разработувањето на овој голем проект траеше 5 години, без оглед на геополитичките компликации кои периодично се појавуваа. Првиот документ, како дел од реализацијата на Јужен токбеше меморандум за меѓусебно разбирање кој во јуни 2007 година го потпишаа заменик претседателот на Газпром, Александар Медведев, и извршниот директор на италијанската компанија„Ени“, Паоло Скарони.

Русите, претпазливи

Во јули 2008, ратификувана е спогодбата за учество на Бугарија во овој проект. Што се однесува на другиот важен учесник – Србија – прелиминарната спогодба со неа беше потпишана уште во декември 2006  година. Се работи за спогодба на „Газпром“ со српската државна монополистичка компанија за гас – „Србијагас“ – за вршење на заедничка експертиза по предметот за можна изградба на српскиот дел од гасоводот од границата со Бугарија. Развивајќи го тој договор, во Москва во јануари 2008 година беа потпишани пакет документи за билатерална соработка во областа на енергетиката. Тие документи, конкретно, предвидуваат низ Србија да се постави гранка на гасоводот Јужни ток. Освен тоа, спогодбите содржат и руска финансиска помош за изградба на складиште за гас на територија на градот Банатски Двор. Гранката која би почнувала од Бугарија и  би продолжила во Србија, треба да помине преку Унгарија се до австриската станица за дистрибуција на гас во Баумгартен. Но доколку дојде до можни политички компликации, руската страна спреми резервна варијанта за транспорт на гас – преку Хрватска и Словенија до австриската станица за дистрибуција на гас во Арнолдштат. Освен тоа германскиот концерн „МОЛ“ во договор со „Газпром“, за секој случај припреми уште една замена: доколку австриската страна одбие да учествува во проектот – улогата на станицата за дистрибуција на гас од Баумгартен ќе ја преземе иста таква станица во унгарското гратче Варошфелд.

Претпазливоста воопшто не е залудна, сметаат Русите, бидејќи од самиот почеток гасоводот се најде во центар на игри кои неодоливо потсетуваат на времето на кошкањето на западот со Советите, особено после развојот на американскиот проект „Набуко“ кој имаше за цел да ги спои добавувачите на природен гас од Прикаспискиот регион и Блискиот Исток со Европската унија, Турција и Грузија кој го започна Европската унија. Меѓутоа проектот во главно се покажа неуспешен.

Но, веројатно главната копнена гранка на „Јужен ток“ порасна и изгледа вака: од бугарското пристаниште Варна преку Србија, Унгарија, Хрватска и Словенија – во Италија. Во „токот“ се наоѓа и Грција. Што се однесува на Бугарија, владата на Бојко Борисов во 2011 година почна да покажува сомнежи во целисходноста за учество на Бугарија во проектот „Јужни ток“. Меѓутоа, Софија сепак има намера активно да учествува во проектот. Руската страна пак, повторно има замена, Бугарија, евентуално да биде заменета со Романија. Двете земји ги врзуваат историски сложени односи и традиција на борба за регионално лидерство во Југоисточна Европа.

Кој верува дека Американците ќе се однесуваат како хипици, нека стапи во контакт со духот на Гадафи

Што всушност ќе се случи ако руските планови се реализираат, цевките се постават и потече гас кон Европа? Кој верува дека Американците тогаш ќе се однесуваат како хипици, нека стапи во контакт со духот на полковникот Гадафи.

Кој тогаш ќе ги обезбедува цевководите од, ајде да ги наречеме, безбедносните предизвици и сили кои според апокалиптичните проекции, ќе пробаат на сила да го прекинат енергетскиот линк на Москва со Европа. Чии долги цевки ќе ја обезбедуваат цевката „Јужни ток“? Спрема договорот со Србија, цевките во нашата земја ќе ги чуваат српските безбедносни сили. Секоја земја ќе гарантира сигурност на протокот на гас на својата територија, според тоа не верувам дека тоа ќе го прават командоси од локални гасни станици наоружани со ловечки пушки.

Колку „Јужни ток“ е важен проект и за Србија, покажува фактот што Душан Бајатовиќ, еден од најблиските соработници на мандаторот за состав на новата српска влада Ивица Дачиќ, и понатаму е на чело на „Србијагас“. Бајатовиќ е човекот кој ќе управува со „Јужни ток“ низ Србија и ако некој се прашува зошто во очи на составувањето на новата влада Ивица Дачиќ отпатува во Москва, со констатација дека за составот на идниот кабинет Русите биле повеќе од заинтересирани, нека не мислат дека Ивица со Русите разговарал за животот или за чеховската меланхолија. Но и Ивица, како и Никола Груевски, се премногу големи играчи да не  знаат уште нешто: дека сите влади кои со Русите потпишаа државни спогодоби во областа на енергетиката за влез во Јужни ток сега се поранешни! Од Силвио Берлускони, најдобриот Путинов пријател на запад, до владата која во Србија фактички ја водеше Борис Тадиќ, а само формално на нејзино чело фигурираше бледиот апаратчик Мирко Цветковиќ. Имено, при потпишувањето за влез на Србија во гасната трансверзала, гаранти беа тогашниот премиер Воислав Коштуница и претседателот Борис Тадиќ.

Значи, „Јужни ток“ е истовремено и шанса и несреќа. И иднина и минато. Тоа совршено го знаат Русите, па Димитриј Малишев, советникот на генералниот директор на Гаспромњефт, баш овие денови го замоли српскиот патријарх Иринеј да го благослови гасоводот, додавајќи и религиозна компонента на идната енергетска магистрала. Зборот на севишниот може да биде пресуден, зошто, заборавив една ситница. Гасот кој ќе потече ќе биде толку експлозивен, што неговиот состав ќе предизвика хемиски парадокс. Запаливиот гас ќе создаде – ладна војна, а тогаш Бог нека ни е на помош.