Фудбалски Гали од Долни Срем ја поробија Србија

Вреди мистеријата да биде истражена: како едно војводинско село од 2500 души, познато досега по Музејот на лебот, произведе лидери на фудбалското првенство во Србија? Зошто не смее да се игра фудбал во Печинци, па играчите од Долни Срем и понатаму гостуваат и како домаќини, на стадионот Војводина во Нови Сад

Фудбалската чаршија во Белград веќе стокми трилер заговор во кој, види чудо, главен јунак не е семоќниот и неменливиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија, Томислав Толе Караџиќ. Сценариото почнува вака: довчерашниот тренер на Црвена Ѕвезда, Роберт Просинечки, пред неколку дена избега од Маракана, па лутите Делии од митската северна трибина, се уште не можат да ги запрат солзите за единствениот Хрват со кој гушнати би дотрчале до работ на провалијата, а потоа би го замолиле сите да ги истурка во амбисот, само ако тоа донесе 3 бодови и ако тоа евентуално би го направило него среќен. Што тогаш го загрижи големиот Роби па да си оди? Навивачите на Ѕвезда, од салонски мешетари, до хулигани кои нешто би заклале, посебно ако тоа „нешто“ е Хрват, подеднакво го обожаваа, додека обичниот свет во него уште гледаше херој од почетокот на 90-те, кој го напушти Загреб во пресрет на граѓанската војна во СФРЈ, како момче дојде во Ѕвезда, за така млад да стане клучен играч во освојувањето на Купот на шампионите  во Бари, 1991 година. Зошто тогаш, уплашен и тресејќи се, Роби ја напушти Маракана? Големиот Жути, вели овој мелодраматичен фудбалски заплет, всушност трепери од страв од нешто друго, од средбата со чудото наречено – Долни Срем. Кои се сега тие ѕверови од војводинското село Печинци, оддалечено 50 километри од Белград?

Прогласени однапред за аутсајдери и селандури, тие момци всушност, во очи на секоја утакмица, се претвораат во чудовишта од Обедската бара, па маскирани во играчи, најпрвин го проголтаа ОФК Београд на Карабурма, а потоа во два залака го изџвакаа големиот Партизан во Нови Сад!

И можеби оваа бајка за низинските Гали кои се борат против многу помоќното и благонадежно белградско фудбалско царство трае само две кола. Можеби некој ќе им го дрпне магичниот напиток кој ги донесе до првото место на табелата, можеби Астерикс, Обеликс и екипата од Печинци, ќе ослабат до крајот на шампионатот…

Играме со срце и затоа ќе бидеме шампиони

Но вреди мистеријата да биде истражена: како едно војводинско село од 2500 души, познато досега по Музејот на лебот, произведе лидери на фудбалското првенство во Србија? Зошто не смее да се игра фудбал во Печинци, па играчите од Долни Срем и понатаму гостуваат и како домаќини, на стадионот Војводина во Нови Сад?

Тргнав во селото да ја откријам тајната, евентуално да ја дознаам формулата за магичниот напиток, да ја пробијам шифрата, да проникнам во прашањето на сите прашања: има ли сепак надеж за српскиот фудбал, кој го допре дното, па сега и Партизан и Ѕвезда треперат кога во Европската лига добиваат екипа од Фарските Острови, чие име можат да го напишат само професорите од Катедрата за скандинавски јазици на Филолошкиот факултет во Белград. Лигата на шампионите веќе никој и не ја споменува, зошто е нешто подалеку од галаксијата Млечен пат.

Никаде патоказ, дури и патарите ги заболе за Печинци. Ако немате навигација, мора да ги прашате селаните кои ќе ве одведат до целта. Нормално дека нема табли, ниту какви било ознаки кои би однеле странец до стадионот.

Влегов, значи, во тајната база на фудбалскиот револуционерен штаб, на крајот на селендрата, на крајот на светот. Јуниорите играа на класичен, селски терен, ограден со жица, додека од страна ги гледаше момче и се восхитуваше. Малиот има десетина години, очигледно е сиромашен, зошто на обична жолта, кинеска маичка со црн фломастер го нацртал бројот 10 и името Меси. Стадионот е отворен, но сенишно празен. Само економот на клубот на жица ги суши дресовите на првотимците кои моментално владеат со овдешниот фудбал – само колку бајката за бедниците кои ги мљацкаат фаворитите да биде совршена.

фото: Дарко Чирков („Политика“)

Тоа е значи базата на српското фудбалско движење на отпорот. Седиштата на трибините се излитени. Се на се 750 места. Правилата на Фудбалскиот сојуз пропишуваат 3000 столици, за 500 повеќе од вкупниот број жители во селото.

Претпладневниот тренинг е завршен и момците се разладуваат во базените на локалниот бизнисмен и сопственик на ланецот сремски мини-маркети Живорад Пантиќ Лукија, чија што група на граѓани  „Луки” е дел од општинската коалиција на власт. Луки е мистериозен тип, со фама на „низински Мишковиќ“. Присутен е секаде, освен во медиумите.

Базенот е затворен за сите, освен за нив.

„Играме со срце и затоа ќе бидеме шампиони. Ќе гинеме до крај“ – вели фанатично офанзивниот напаѓач Жарко Јеличиќ, кој се излежува на лежалката. Го врзал пешкирот околу глава како Јасер Арафат, па дури и во гаќи за капење делува субверзивно.

Се до доѓањето во Печинци, Жарко не ја најде фудбалската среќа, туку печалбареше по мали клубови во Белгија и Словенија. Тоа е главно судбината и на останатите играчи во тимот без ѕвезда кои, платени како локални чиновници во општина, од 500 до 600 евра, покажаа дека драмата не е единствен српски жанр.

„Имавме мала криза со резултатот минатата година. Одлучивме заедно да тагуваме. Отидовме во кафеана на Фрушка гора, без тренерот и раководството и лумпувавме до зори. Но, сите бевме собрани, никој не недостасуваше. Затоа успеавме. Затоа што заедно се радуваме и заедно тагуваме“ – ми раскажува запалено капитенот Милош Јосимов. Единствениот од играчите кој е роден во општина Печинци, последна пошта Обреж. Тоа е село покрај Обедска бара, природен резерват кој некогаш бил омилено ловиште на Хабсбурговците, во добата кога владееле со западното царство, моќната Австро-унгарска монархија. Обедска бара, тврдат локалпатриотите, по американскиот изгасен вулкан Јелоустоун е втор резерват прогласен за светски парк на природата. Од таа војводинска убавина, значи потекнуваат фудбалските десперадоси, рушејќи ги сите закони на логиката.

Зборовите на капитенот ја разбрануваа водата во базенот. Кога ја изговори одата на нивното братство и единство, останатите играчи ги подигнаа рацете и почнаа да урлаат, да удираат по водата и да се смеат… Во нив е активирана мешавина од гордост и бес, која допрва ќе експлодира, зошто никој од нив не е ни на поширокиот список на селекторот на Србија, Синиша Михајловиќ, никогаш не ги побарале ниту Ѕвезда, ниту Партизан, спортските новинари никогаш не им давале високи оценки, ниту пак фаците им излегувале на насловните страни. Спонзорушите ги избегнуваат како да се грди пајчиња, настанати од вонбрачната врска помеѓу Мистер Бин и Јелена Карлеуша…

Во нив веруваше само Богичевиќ

Во нив веруваше само тенерот Богич Богичевиќ. Во Богич веруваа само претседателот на клубот, Миленко Ѓурѓевиќ, сопственик на голема селска кланица која станува се попозната во земјава. Во управата е уште еден локален претприемач – Милан Алексиќ, потпреседателот на клубот. Така е воспоставена хиерархијата која што управува со чудото: за четири години, од четврта лига влегоа во Суперлигата, станувајќи европски феномен, како италијанскиот Киево, германскиот Хофенхајм, бугарскиот Лудогорец.

Стариот белградски волк, тренерот Богич Богичевиќ, имењак на поранешниот член на Претседателството СФРЈ од БиХ, оној кој не гласаше за воениот удар на ЈНА, по кој би биле уапсени претседателите на републиките на поранешна Југославија, мирно ги гледа своите момци, како синови, додека уживаат во ворхоловските 15 минути слава. Неговата судбина е слична на животната приказна на тие деца. Го тренираше Хајдук од Лион, Бежанија, Инџија, Земун стекнувајќи слава во мали клубови, како тренер тегнач кој шлепува кога ќе се падне во кал. Не беше ничиј пион, немаше грб во замрсените лавиринти на српскиот фудбал и пазете го сега ова: во Србија не можеше да се запише во школата која би му издала лиценца за водење на прволигашка екипа. Фудбалскиот труст на мозоци процени дека Богич не е талентиран, па тој отиде во Вогошча, Сараево.

„Не пројдов во Србија, па ме прифатија луѓето од БиХ. Затоа вечно ќе му бидам благодарен на Мунир Таловиќ од Сараево“, рамнодушен е Богич. Смирен и ладен, како да нема трошка емоција, како бајките да не го допираат, како да е стотина километри далеку од Печинци. 

Дали размислува за третиот скалп, Ѕвездиниот, кој што би можел да го закачи во својата канцеларија? Само кратка насмевка, но едвај приметна. Лукав, искусен, превеан и отфрлен, 57 годишник, по потекло Чачанин, планира Долни Срем да ја доживее судбината на бугарскиот Лудогорец. Влегоа во лигата и веднаш го земаа првенството и купот.

„Ако тие се од луда шума, ние сме од луда нива со пченка“ – по прв пат е опуштен. Неговата кариера покажува зошто пропадна српскиот фудбал. Во 90-тите, тренираше тимови чии сопственици, заедно со џиповите, главно летаа во небо. Имено, тоа беа новопечени богаташи од сивата зона на подземјето, кое го промовираше покојниот Жељко Ражнатовиќ Аркан, висок функционер во Југословенската тајна служба и омилен офицер на Стане Доланц, тогашниот шеф на Удба. Аркан беше задолжен за егзекуција на членовите на екстремната емиграција во странство, каде слободното време го поминуваше ограбувајќи банки, златари и служеше прецветани контеси.

Со доаѓањето на Слобо на власт, Аркан го презема српската служба и беше пратен на нова задача. Неговиот фронт станува северот на Маракана, чии што навивачи почнаа да му скандираат на тогашниот опозициски лидер Вук Драшковиќ. Задачата на Аркан беше да ги дисциплинира навивачите и да ги пренасочи на следната цел – светите српски земји во Хрватска и Босна. Навивачките групи се милитализираат, а по истата матрица се формираат и паравојските на загребските Бед Блу Бојс и сплитската Торцида. Значи, малата, крвава граѓанска војна можеше да почне.

Аркан подоцна го купи фудбалскиот клуб Обилиќ, кој станува државен шампион. Судиите, секако, свиреа пенали за момците на Аркан, кога тој тажно ќе ги погледнеше… По вертикала, се до најмалите клубови, членовите на управата или сопствениците, стануваат момци со златни синџири и црни хеклери.

Тука фудбал веќе немаше. Играчите се продаваа на кило. Штом некој клинец ќе научеше од корнер да дофрли до шеснаестерецот, веднаш се продаваше, а добивката  ја делеа клубовите и стотина менаџери, кои го создадоа моќниот картел, помоќен од државата. Картелот по правило ги финансираше своите добронамерни и лојални на клубот, хулигани. Ништо не се промени ни по 5 октомври и падот на Милошевиќ, освен што суровите момци научија да врзуваат вратоврски и да запослуваат портпароли, за да не пелтечат на прес-конференциите.

Во Печинци, како да дошол Чак Норис со аѓутантите Сталоне и Шварценегер

Репрезентацијата се понижува на меѓународните натпревари. Дури ни обидот со славниот тренер Радомир Антиќ како селектор, кој некогаш освои двојна круна водејќи го Атлетико Мадрид, а потоа го водеше Реал, не успеа. Србија се пласираше на Светското првенство во Јужна Африка, но таму доживеа целосен колапс од кој се уште не се опоравила. Босот на српскиот фудбал Томислав Караџиќ, кој од Спартак од Суботица, преку Партизан се искачи на една од највисоките коти во Србија, го одржува статус-квото, поставувајќи послушници на клучните места. На никој од фудбалските бирократи и менаџери не им е цел развој на фудбалот, туку трансфери од продажба на играчи. Ако како клинец напамет го знаев тимот на Ѕвезда, сега не разликувам голман од центарфор, крило од бек.

Во прастарите времиња, лично Тито не дозволуваше фудбалерите да ја напуштат земјата до 28-та година, сметајќи дека тоа е едно од клучните револуционерни придобивки. Бидејќи големиот црвен поглавица на Втората Југославија  знаеше дека силна фудбалска лига значи еден од столбовите на самоуправниот социјализам, па Драгослав Шекуларац е прогласен за најдобар играч на Светското првенство во 60-тите години во Ургвај, но ЦК СКЈ на тајна седница одлучи дека Шеки никако не смее да прејде во Јувентус, за да може да остане да ја забавува работничката класа. Кога Пеле се простуваше од фудбалот, инсистираше Бразил да изигра проштален натпревар со репрезентацијата на СФРЈ. Знаете ли зошто? За последен пат во својата ненадмината кариера да го размени капитенското знаме со уште еден великан на светскиот фудбал – левото крило на Ѕвезда, Драган Џајиќ! Истиот тој човек, Драган Џајиќ, пред неколку години станува пречка за мешетарите, па го апсат како да е припадник на Земунскиот клан, пред телевизиските камери му ставаат лисици и го ставаат во марица, а потоа го праќаат во Централниот затвор. Џаја одамна е на слобода, а овие денови, по медиумите се расплеткува дали конечно ќе се врати во Ѕвезда.

Затоа и луѓето како Богич Богичевиќ, творци и мислители, се турнати на маргините на провинцискиот фудбал, па така овој тренер, премачкан со сите масти, мораше да ја чека 57 година од животот за конечно да му објави на светот дека успеал.

Ги дочека своите пет минути во село од 2500 души. Селото има шеќерана која, секако, ја купи Миодраг Костиќ Коле, сопственикот на МК Комерц, првиот маж на Маријана Матеус и првиот дечко на Наташа Беквалац. Печинците имаат и кланица… Имаат и седиште на истоимената општина Печинци, со петнаесетина села и дваесет илјади жители. Во соседното село Шимановци, подигната е моќна индустриска зона со 40 компании, во која до крајот на годината се вселува и славниот „Бош”. Многу пред него, во Шимановци, филмско студио подигна и сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ, со намера да снима холивудски филмови од Б продукција.

Навистина, во Печинци, како да дошол Чак Норис, со аѓутантите Сталоне и Шварценегер!

„Цел Долни Срем оди да ги гледа во Нови Сад. Фудбалот никогаш не ме интересирал, немам поим какви се правилата, но ќе ги гледам цела сезона” – вели блондиката Сања, додека со другарките си пие ладен коктел во едно кафуле.

И претседателот на општината, Сава Чојиќ, со манирите на Тома Николиќ и Ивица Дачиќ, а до неодамна и Борис Тадиќ, им прати честитка на фудбалерите на Долни Срем, минута по победата над Партизан. Иако тврди дека фудбалот не се мачка на леб, па приматот и го дава на индустријализацијата, развојот на земјоделството и туризмот, Чојиќ, соочен со скромниот буџет на општината, топката ја префрли од општинскиот, на половина терен на републичката влада.

Имено, локалната самоуправа нема пари да финасира поставување на 3000 седишта на трибините, за Долни Срем конечно да одигра натпревар на свој терен. Затоа, сиромашките, патуваат во Нови Сад.

„Ќе аплицираме за средства во Министерството за регионален развој и локална самоуправа, во чиј состав се наоѓа НИП. Сите се надеваме дека стадионот ќе биде готов до пролет” – оптимист е Чојиќ.

Всушност тој е член на Обединетите региони на Србија (ОРС), која ја предводи Млаѓан Динкиќ, алфа и омега за економија и финасии на сите демократски влади. Министерката за регионален развој, Верица Калановиќ, е негова партиска колешка, па би можела да издвои некоја паричка за фудбалските херои… И се зборува дека жената сака фудбал, но во оваа приказна далеку поголем адут е Млаѓа, познат по тоа што цел живот се наоѓа во предизборна кампања, па очекувам дека ќе собере два и два и ќе го сфати политичкиот потенцијал што со себе го носи ФК „Долни Срем“…

Дали тоа ќе вроди со плод, ќе помогне ли владата да се прошири стадионот? Дали големата машинерија на српскиот фудбал сега ќе се сврти против Долни Срем за да го врати на прапочетокот? Дали Богич Богичевиќ некогаш ќе ги тренира Ѕвезда или Партизан?

Што би рекла блондиката Сања, „појма немам”, но штета е стадион со 750 места да зјае празен.

И сапуницата продолжува. Долни Срем зема бод на тешкото гостување во Ужице и ја задржа лидерската позиција. Богич свесно одеше на реми, зошто што Слобода е тврд тим. Осамен, стар волк на српскиот фудбал, дочека судијата на гостувањето, за време на судиското продолжение да свири пенал за неговиот тим. Легендата за чудовиштата од Обедската бара се прошири во Србија и изгледа и на судиите им е потребно бајката да потрае. Но Богич Богичевиќ, како намќор со пророчки талент, сигурен е дека ова првенство ќе се заснова на три правила: ќе биде тешко, долго…Навистина е лудо. Долни Срем изгуби од Војводина, која му го изнајми стадионот.


Објавено: 03.09.2012 Останато од авторот: