Кој, навистина, е Дарко Шариќ: Мистерија на пљевљанскиот Ескобар

Актуелно

Дали  Дарко Шариќ е најглупавиот во класот,  поставен како кукла во регионалните, политичко – разузнавачко – мафијашки активности или навистина е оној генијален, самоук нарко – бос, кој што управува со милијарди евра и како дух шета меѓу континентите: од прашумите на Јужна Америка, чуван од брадестите компањероси, до тврдините, со стража, во длабочината на Јужна Африка, па, се до тајните брвнари во швајцарските планини, откаде, наводно, намерува да се префрли некаде во соседството – во Албанија, Босна, Македонија…

Кое, е, навистина, момчето од Плевља, со фаца на исфрлувач од дискотека на спореден влез, чие лице, на ретко достапните фотографии, потсетува на оној вид типови, кои на игралиштето во основното школо никогаш не дотерале потаму од голман? Дали  Дарко Шариќ е најглупавиот во класот,  поставен како кукла во регионалните, политичко - разузнавачко – мафијашки активности или навистина е оној генијален, самоук нарко – бос, кој што управува со милијарди евра и како дух шета меѓу континентите: од прашумите на Јужна Америка, чуван од брадестите компањероси, до тврдините, со стража, во длабочината на Јужна Африка, па, се до тајните брвнари во швајцарските планини, откаде, наводно, намерува да се префрли некаде во соседството – во Албанија, Босна, Македонија… Или, во родниот Монтенегро, од каде, многумина се обложуваат, дека никогаш не излегол и каде што, секое утро, пие лоза и кафе, со лице изменето од пластичен хирург.

Eден од најспектакуларните линкови, секако е, можната врска меѓу Дарко Шариќ и Марко Мишковиќ

Во Плевља, каде што е роден пред 43 години, тој има статус на црногорска верзија на Пабло Ескобар, што и во Медељин и во земјата на брдата и приморјето значи дека Дарко е криминалец со душа, опак за сиот свет, освен за паланката во црногорската пустелија, во која пројавува општествена одговорност и желба неговиот интергалактички нарко – клан  да се интегрира во локалната заедница. Туку, ајде што Плевља живее од неговите пари, та, во бројните анкети, анонимните мештанци признаваат дека радо би го криеле по своите тавани, туку, според истрагата на српската полиција, тој мистериозен тип испрал фантастични 1,7 милијарди евра, вложувајќи ги парите од трговијата со наркотици во Србија. Да сум циник, би рекол дека во периодот од 2006 до 2009 година  и во акцијата „Балкански воин“, Шариќ бил најголем инвеститор во српското стопанство, од кого дури 600 фирми земале кредити, преку два инвестициони фондови во Амстердам. Преку неговите финансиски консултанти, парите од наркотиците биле вложувани во земјоделски комбинати, била купувана земја по Војводина, биле преземани хотели и цели станбени блокови, но, еден од најспектакуларните линкови, секако е, можната врска меѓу Дарко Шариќ и Марко Мишковиќ, синот на најбогатиот Србин, Мирослав Мишковиќ, зашто, како што постои сомневање, мистериозен, висок службеник на нарко – корпорацијата, позајмил пари за изградбата на помпезната населба „Белви“, на Нов Белград.

И таткото и синот Мишковиќ се во затвор, додека Шариќ и понатаму е нефатлив, иако, според пишувањето на белградските медиуми,  најбараниот човек на Балканот е во рацете на американската ДЕА – Агенција за борба против наркотици – и агентите на американската разузнавачка агенција ЦИА, која, согласно  потребите на глобалната борба против трговијата со наркотици, ќе одлучи дали и кога ќе го апси Дарко. Според таа теорија, српската полиција и службите активно учествуваат во потрагата, ама, информациите од Америте им се доставуваат прилично дозирано, поради што моменталната информативната состојба  и понатаму е ограничена и се состои од податоци дека Дарко Шариќ, кој е протеран од Јужноафриканската Република, во Европа нашол прибежиште некаде покрај Цирих, а и каде на друго место, ако не блиску до банкарското царство, откаде се обидува да се префрли во некоја држава од регионов.

Приврзаниците на тезата дека Шариќ е само марионета, дизајниран во човечиште зад кое треба да се сокријат многу крупни ѕверки, како вистински водач го посочуваат Которанецот Родољуб Радуловиќ, кој, како и секој Црногорец, после осумнаесеттата година кинисал за Белград, каде што стекнал два прекари: Миша Банана, зашто, божем, увезувал јужно овошје од Латинска Америка во Србија – да сум пак зол – би рекол дека главна задача му била да ги нахрани горилата на српското подземје – а, потоа, станувајќи сопственик на неколку прекуокеански бродови, е прекрстен во нешто посериозно. Станал – Миша Америка, претставувајќи се како чесен бизнисмен и финансиски консултант што игра тенис и, едно време, шетал  една згодна пеjачка и и го финасирал ЦД –то.

Приврзаниците на тезата дека Миша е мозокот, а Дарко телото, укажуваат дека овој, првиов, е, навистина, сопственик на бродовите „Верди“ и „Голден“, со кои, освен туристи и овошје, се превезувал и кокаин по океанските линии, а кои Миша Америка, односно, Миша Банана, ги насочувал од некоја од белградските, командни соби, се додека не се изгубил без трага, откако по него била распишана Интерполова потерница.

Во продолжение на сценариото, Шариќ, значи  бил менаџер, според проектот на Миша Америка. Зашто, кога во „поморските битки“ во водите на Уругвај, во спектакуларната операција „Балкански воин“`, кога уругвајската полиција, во соработка со српската тајна служба и американската ДЕА, на 15 октомври 2009 година, заплениле 2.174 килограми кокаин на јахтата „Мауи“ во пристаништето Санта Марија и  биле уапсени повеќе членови на Шариќевата екипа, задолжена за шверц со кокаин од Латинска Америка во Западна Европа, српското Обвинителство за организиран криминал не го осомничило веднаш Дарко Шариќ. Се барал, имено, доказ, за неговата улога при организирањето на групата.

Тоа значи следното: дека не учествувал директно во транспортите на милионските пратки и дека немал директна врска со кокаинот. Не го консумирал, ниту тоа им го допуштал на најблиските соработници. Оваа приказна може да го трасира следното решение: дека Дарко Шариќ, всушност, се подготвува за улогата на сведок – соработник во најновиот балкански трилер од А продукција.

И, ајде, сега, бидете паметни и разрешете ја  енигмата за ситниот измамник од паланката во Монтенегро, кој, на почетокот на деведесеттите, на соседот кројач му украл 72.000 марки и килограм злато, па потоа заминал на усовршување во Италија, каде што, веројатно, така вели легендата, учел странски јазици и дипломирал на факултетот за крал на подземјето.

Во Белград веќе се мери и политичката употребна вредност на Дарко Шариќ

Навистина  треба да се има коефициент на интелигенција на шимпанзо, кому, место вода, му дале литар ракија, па да се поверува дека се работи за Дарковиот инстинкт, дека сосем сам заминал во белиот свет, за  после пет години, да се врати како бизнисмен од европски ранг, да започне да вложува во локалното стопанство, да помага на бедните, да купува фудбалски клуб, фурна, бутик, фабрики, да асфалтира улици, да поставува улично осветлување, да ја стрижи тревата по парковите… Ах, да, легендата уште вели дека го повикал оној, кројачот и дека му вратил 50.000 марки  и му дал автомобил, марка „пасат“, сосе клучеви и сообраќајна дозвола. Килограмот злато не го ни спомнал. Можеби секому од неговите војници му направил по еден златен заб. Ова, последново решение, не е доказ дека во белиот свет Дарко специјализирал максиофацијална хирургија, туку е нешто како фикција, колку да се постави логично сомневање во верзијата за самоукиот, локален батка, кој, потоа, кинисува кон судбината на секој Црногорец: штом му потпораснат првите мустачиња, кога станува маж, тој, инстинктивно, воден од внатрешниот систем за наведување, тргнува во една насока: кон железничката станица, каде што купува билет само за во еден правец, никако повратен, а потоа седнува во првата класа на патничкиот воз за Белград. Токму како Миша Америка.

А во Белград, конкуренцијата е обезглавена при апсењата во операцијата „Сабја“, што следеше по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, а, она малку, што преостана, одлета со џиповите в небо, изрешетено е со хеклери или фрлено во Дунав, со чевли од бетон.

Останува енигмата: како ситните криминалци, кои во 2007 година белградската полиција ги уапси со 20 килограми хероин, во гаражата изнајмена од Душко Шариќ, за една година се претворија во типови опасни по безбедноста на САД, како станаа дел од оската на злото, со тајни, банкарски сметки, вредни милијарди евра, заработени во меѓуконтиненталниот транзит со наркотици? Во тоа време, Шариќ, со својот помлад брат, Душко, кој е уапсен во Црна Гора една година после „Балканскиот воин“, под сомнение дека тргувал со наркотици во Италија,  стана вистинска, белградска фаца, омилен лик на ноќниот живот и на естрадата, затоа што изнакупи голем број компании, најголемите ноќни клубови, неколку сплавови, стана близок со неколку пејачки. Со време, почна, со шепот, да се пренесува бајката за семоќните браќа од Плевља, кои, како астероид, треснаа во Србија и станаа нејзини неформални газди. Тогаш владееше уште една фама: дека видео надзорот од Дарковите сплавови крие занимливи снимки на политичари, бизнисмени и полицајци, кои се забавуваат на негов трошок, со фуснота, дека тие снимки можат да урнат многу кариери и бракови. Но, тоа е само уште еден слој од контроверзата за браќата кои  дојдоа од никаде и станаа фактор кој, во регионот, може да урне барем неколку влади.

Во Белград веќе се мери и политичката употребна вредност на Дарко Шариќ. Имено, таблоидот Информер ја почна приказната дека нарко-босот имал луѓе во самиот државен врв, цитирајќи таен извештај на српската полиција, според кој, Бранко Лазаревиќ, поранешниот шеф на кабинетот на премиерот Ивица Дачиќ – додека Ивица беше министер на полицијата во владата на Мирко Цветковиќ – на луѓето од кланот на Шариќ им давал податоци од истрагата. Сега, Лазаревиќ е службеник во амбасадата во Атина.

Премиерот Дачиќ бурно реагираше, нагласувајќи дека станува збор за местенка и кампања против владата и против него лично, затоа што безбедносните служби никогаш не го информирале за наводните врски меѓу Шариќ и Лазаревиќ.

Се чини дека трилерот се усложнува. Се појавуваат нови јунаци, се очекуваат секакви изненадувања, големи наслови, политички потреси, теории на завери, но, решение за равенката и натаму нема: кој е, всушност, Дарко Шариќ?  Џин или џуџе?

Објавено: 30.01.2013

 

КОМЕНТИРАЈ