Назад во ЕУ, во мини – Југославија

Дури и навистина да постои Дедо Мраз и Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ да го сторат тоа – не Дедо Мраз, туку Косово да го признаат – следниот услов на Берлин би бил Србија да го измисли лекот за рак. Но, и во ваков случај шансите не се загубени, затоа што многу умни глави се моткаат низ Медицинскиот факултет во Белград, та, се обложувам за сите пари, дека тоа сензационално откритие истиот ден би било заменето со нов услов: пред Брисел да ги прими во членство, сите Срби и останатите етнички заедници да се качат на Месечината. Ама, пешки. И, полека, без песимизам. Дури и тоа да го направиме, зашто, нели, Месечината и не е толку далеку, германскиот Бундестаг би смислил нешто ново. На пример, во Крагуевац, наместо Фиат, да се произведува „Мерцедес“. Бидејќи тоа е чиста научна фантастика, тоа би бил конечниот пораз на еврофанатиците.

Ако Македонците сега се смеат и сметаат дека и тие се во слична ситуација, ако тоа го направат и Босанците и Црногорците, што треба, тогаш, да направат тие изброени, несакани деца на СФРЈ, кои моментно престојуваат во домовите за деликвенти, на периферијата на бриселското царство?

Убаво е верувањето дека во далечна иднина Србија ќе влезе во Европската унија, но, тој вид фанатизам не е забранет, зашто, па, ве молам, кој некогаш забранил да престане верувањето и во Дедо Мраз? Се сеќавам, кога поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, му го предаде и последниот обвинет на Хашкиот трибунал, генералот Ратко Младиќ, истиот ден, ама, баш истиот ден, од Брисел му порачаа дека е многу убаво тоа што е Ратко испорачан и дека Борис ќе добие некоја од европските награди за толеранција, „Бамби“, на пример, но и дека тоа што Србија му го предаде сиот свој политички врв на Трибуналот, а имаше дури и да претекне, одненадеж стана недоволно за нејзиното приближување кон ЕУ. Зашто, пораката од евроцентралата беше дека сега ќе следи идниот услов, воспоставување на добрососедски односи со Приштина. Иако, ден пред испорачувањето на Младиќ, европските бирократи се колнеа дека Приштина и Косово немаат никаква врска со патувањето на Србија во Брисел, ненадејно ги обзеде амнезија.

Тогаш напишав дека основен ред беше на Борис Тадиќ да му се дадеше барем една седмица да здивне, да се создаде макар каква-таква илузија на коректност кон Србија, ама, машинеријата на големите сили не допушта таков вид политичка наивност кон малите земји. Таа наивност и верувањето во Западот, патем, придонесе Тадиќ да ги загуби изборите, бидејќи и во Вашингтон и во Брисел сфатија дека тој е уморен од давање се за ништо, па, баш во очи на изборите, Ангела Меркел му предочи дека доколку го сака продолжувањето на европските интеграции, ќе мора да танцува со Хашим Тачи.

Но, бидејќи српските избирачи во тој танц не гледаа ништо романтично, новите играчи кои стапија на сцената одлучија да влезат во тоа рандеву додека избирачите сеуште не беа соземени, односно, на почетокот на мандатот, свесни, исто така, дека освен избирачите, владите во малите земји ги поставува уште некој, кој нема право на глас. Затоа Дачиќ и Вучиќ експресно ја потпишаа Бриселската спогодба, дисциплинирајќи ја дури и Српската православна црква и тргнаа во нејзината имплементација, повторно верувајќи дека условите на Брисел, односно на Германците, ќе сопрат кај флуидното, терминолошко одржување на статус-кво ситуацијата, наречена одржување на добрососедски односи и некој вид тивка коегзистенција меѓу Белград и Приштина, што ќе ги успие националистите и ќе ја задоволи мама Ангела Меркел.

Затоа Србија, во обидот да се зближи со Германија, што особено го правеше најмоќниот српски политичар, Александар Вучиќ, толку силно, надежно, го чекаше овогодишниот Видовден, кога беше најавувано дека конечно ќе ни биде даден датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Поради пријателството што го воспоставија Аца Вучиќ и германскиот шеф на дипломатијата, Гвидо Вестервеле, овој Видовден го прекрстив во Гвидовден, та, ете, вашиот соработник на порталот Академик ја има таа привилегија, во српските медиуми, прв да ја аминува новата, црвена буква во политичкиот календар, што засекогаш ќе биде сведок на едно време и на една заблуда.

Не ликувам, туку, со жалење го констатирам тоа, бидејќи на светиот ден Гвидовден, Србија не го доби заслужениот датум, туку доби еден вид терминолошки заплет од Европскиот совет, дека ќе ги започне преговорите во декември или во јануари следната година, доколку имплементацијата на Бриселската спогодба ќе се спроведува онака како што е договорено. Меѓутоа, на оној кој што ги следеше изјавите на Меркел, совршено му беше јасно дека наредна фаза на српскиот, сизифовски пат кон Брисел е признавањето на Косово.

Дури и навистина да постои Дедо Мраз и Ивица Дачиќ и Александар  Вучиќ да го сторат тоа – не Дедо Мраз, туку Косово да го признаат – следниот услов би бил Србија да го измисли лекот за рак. Но, и во ваков случај шансите не се загубени, затоа што многу умни глави се моткаат низ Медицинскиот факултет во Белград, та, се обложувам за сите пари,  дека тоа сензационално откритие истиот ден би било заменето со нов услов: пред Брисел да ги прими во членство, сите Срби и останатите етнички заедници да се качат на Месечината. Ама, пешки. И, полека, без песимизам. Дури и тоа да го направиме, зашто, нели, Месечината и не е толку далеку, германскиот Бундестаг би смислил нешто ново. На пример, во Крагуевац, наместо Фиат, да се произведува „Мерцедес“. Бидејќи тоа е веќе чиста научна фантастика, тоа би бил конечниот пораз на еврофанатиците.

Веднаш да се разбереме, јас, исто така, припаѓам на таа залудна екипа Европјани што веруваше во фер играта на Брисел, т.е. Берлин, екипа што веруваше дека големите сили го сакаат целиот Балкан во единствената Европа, за, конечно, од буре барут, да се претвори во сандак полн со чоколади. Ама, што се може! И мисиците веруваат во мир во светот.

Ако Македонците сега се смеат и сметаат дека и тие се во слична позиција, ако тоа го направат и Босанците и Црногорците, што треба, тогаш, да направат тие изброени, несакани деца на СФРЈ, кои моментно престојуваат во домовите за деликвенти, на периферијата на бриселското царство? Може и натаму да се самозалажуваат и да се однесуваат како оние деца во одделението со кои никој не сака да си игра и кои секогаш, на големиот одмор, стојат во аголот на школскиот двор, со наведнати глави, при што се молат да не им се доближи најсилниот од класот и да не им удри чврга. Белки се подразбира, дека на школските игранки, дамите никогаш не ги бираат таквите.

Ако Словенците, а сега и Хрватите, од почетокот беа предодредени да влезат во Бриселското царство, новата, постмодернистичка Австроунгарија, чија престолнина не е повеќе Виена, туку Берлин и во која нема повеќе Хабзбурговци, туку Меркеловци, и ако во тоа делење на картите, на сирачињата им е доделена улога во аголот на европскиот двор, при што, кај децата барем нема лицемерност, туку најсилниот, понекогаш, приоѓа и им зашлакува шлаканици на отфрлените дечиња, колку да е јасно кој е главен во школото – во новата поделба на моќта во Европа, децата од аголот на дворот ги уверуваат дека, еден ден и тие ќе танцуваат со најубавото девојче во одделението. Од прилика, таква е оптимистичката проценка на Ивица Дачиќ, дека преговорите на Србија со Европската унија ќе траат 4-5 години, иако искуството на земјите што пред нас започнале преговори, всушност, потврдува дека нема никакво правило. Земјите кои бргу влегоа во ЕУ имаа покус пат благодарение на нивниот повластен, политички третман во Брисел или во Берлин, како што милувате. Можеби Грција, која во ЕУ е примена и покрај негативното мислење на Европската комисија, е најречит пример за тоа. Можеби токму тоа е и објаснување зошто Турција, со децении после поднесувањето на барањето за прием во членството, не напредувала многу во затворањето на преговарачкото поглавје. Турција, ајде да погледнеме во праисторијата, почетокот на преговорите за ССП ги започна уште кога ЕУ се нарекуваше ЕЕЗ. Тоа беше во 1959 година. Губењето на нервите на турскиот премиер Ердоган може сосема да се разбере и поради тоа што Турците барањето за членство го поднеле на 14 април 1987 година.

Ако некој заслужил да стане член на ЕУ поради својата помирлива политика, одбегнувањето на војната во Југославија и политичкиот договор со Албанците, тогаш тоа, секако, е Македонија, но, таа, откако кон крајот на 2005 година доби статус на кандидат од Европскиот совет, нема мрднато кон Брисел. Што, тогаш, да очекува Србија, која тој статус го доби седум години подоцна?

Дури и Хрватска, за која се мисли дека е миленичка на Германија, па и оние 250.000 протерани Срби во операцијата „Олуја“, кои како бегалци, може само да се жалат на несреќниот живот и на геополитичката неправда, преговараше со Брисел цели седум години.

Работата е прилично проста: по политичкиот прием на такви економски и демократски суперсили, како што се Романија и Бугарија, како и после крахот на целиот медитерански блок во ЕУ, од Грција, Шпанија и Португалија до Италија, која уште накривува на стаклени нозе, секој германски избирач, при гласање, е свесен дека мора да гласа за онаа германска влада, која нема да дозволи Берлин да издржува толку европски „мрзи“. Ако секој просечен Германец крај подвижната лента, како што му се набива на нос, е принуден да ја храни спомнатата братија, што ли ќе се случи кога во редицата ќе застанат Србите, Македонците, Албанците, Бошњаците, Црногорците…? Едноставно, тоа е перцепцијата на секој Германец кој што го уфрлува листот во гласачката кутија и предмет на интелигенција е да се пророчува политичката иднина на несаканите деца на бивша Југославија.

 Auf  Wiedersehen, браќа мои, но, од Дрина наваму, Брисел тешко дека ќе го гледаме.

Ех, сега да се живи Киро Глигоров и Алија Изетбеговиќ, кои, како спас при распадот на Југославија нудеа асиметрична федерација, како нов, ама, прилично раздраган др. Франкештајн, кој би се родил на операционата маса на постјугословенската комбинаторика. Формулата гласеше: Србија, Македонија, Босна и Црна Гора би биле федерација, која би била во посебен, конфедеративен однос со Хрватска и Словенија – што беше план колку-толку да се задоволи логичното тежнение за сочувување на било каков облик на Југославија.

Но, ако тогаш е пропуштена шансата, не гледам зошто не би ѕирнале пак  во старите, интегративни записи и не би ги обновиле прилично интересните идеи.

 Да се разбереме: СФРЈ беше премногу моќна, богата и среќна држава и не треба да се има мозок на шимпанзо за дури сега, после игрите околу стопирањето за прием на непослушните, балкански деца во ЕУ, да се согледа дека идеите за нејзиното разбивање пристигнувале од оние исти адреси кои подоцна се обидувале да се наметнат како старатели на нејзините остатоци.

 Тие држави – остатоци работат за околу 350 евра месечно, иако мислам дека и тие податоци се фризирани и дека на крајот тој просек ќе се  спушти на потсахарските 200 евра. Кој и да праша –  добро, а зошто ова го трпиме – ќе го занимаваат со приказни за национализмите и за создавање на националните држави, големите или малите Србии или Албании, а ако при тоа нештата не се влошат, ќе се активираат проблемите на црквите или нешто егзотично, што ќе ги запали националните фитили и ќе го заслепи клучното прашање – од што и како се живее. Тоа прашање, што ги поставува или ги руши владите во Берлин, во земјите на отфрлените деца е маргинално.

 Можно ли е, поради ова, да биде изведено спектакуларно формирање на мини ЈУ-федерација, со што, каков парадокс, пометнатите деца на СФРЈ, всушност, би се вратиле во ЕУ? Само навидум тоа звучи како парадокс и утопија, затоа што СФРЈ ги имаше сите карактеристики на денешната Европска унија и стравувам дека тој паралелизам е толку стварен, што на крајот на баладата и нивната судбина ќе биде идентична.

Впрочем, зарем сите проблеми во СФРЈ не почнаа со приказните за снемување кафе и бензин и со програмата за стабилизација и мерките за штедење, а потоа се наметна проекцијата на страв од влијанието на најголемата република – Србија и нејзиниот тогашен озлогласен водач, Милошевиќ?

Меѓутоа, тогаш и работникот во Србија, како и работниците во останатите, загрозени републики, примаше повеќе од 1.000 марки, одеше, со сопствено возило, барем две седмици на море, имаше стан, ги школуваше децата. И, ах, каков ерес – здравството беше бесплатно. А, сега? Србите станаа светски рекордери во консумирање изнутрици. Во просек, дневно јадеме по 21 грам цревца на жар, што значи дека економски и гастрономски потполно сме распукани. И дека сме на работ на гладување.

Ама, такви, кутри и сакати, бар имаме браќа, слични според маката, со исто искуство и иста свест за отфрленоста и проклетството. Ако се уфрлат и Турците во приказната, ете нова слика и прилика на географската карта на Европа, која мојот пријател, Георги Димитров, од Скопје, веќе ја крсти – Туркославија! Но, ќе се појават скептици и таа творба ќе ја наречат обновено, Османлиско царство.

Без Турците, ама во стратегиски сојуз со нив, како да ги именуваме децата од аголот? Како да ги убедиме да ги надминат национализмите, како да се помират Србите и Албанците, како да се обединат пазарите и раскантаните економии, создавајќи нов сојуз – мини ЕУ или мала Југославија?

Мене ако ме прашаат, јас би почнал од приказната за изнутриците.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 12.07.2013