Кристијан: Криминалецот поради кого Србија не спие

  Кој е главниот фаворит на современа Србија? Кој е џиберот кого повеќе луѓе го гледаат како спие, отколку што гледаат информативни емисии, на сите телевизии заедно? Дури и Википедија се однесува кон Кристијан со уважување. Претставен е како криминалец од Србија, учесник на Фармата 6. Дури и јас, по година и пол, пишувам повторно за него, за Академик.мк. Па, ајде да видиме дали од Фармата, сместена во село близу Белград, можеби ќе биде унапреден и ќе влезе во Српската академија на науките и уметностите? Можеби, пак, ако се приклучи кон црквата, ќе му се придружи на Господ? Ништо не би ме зачудило.

Во Србија, значи, нема ништо ново. Фудбалот ни е катастрофален, а угледниот криминалец, Кристијан Голубовиќ, станува константа на нашата стварност, појавувајќи се како филозоф, мислител и лајф-коуч, како што би рекле спонзорушите, обожавателки на, таканаречената, водителска книжевност. Кристијан стана како кислород. Работните луѓе и граѓани ни ден, ни вечер, не можат да поминат без него. И толку се има пикнато под кожа, не само на Србите, туку и на сиот регион, што и Георги Димитров, иницијатор на овој угледен портал, како и јас, заборавивме дека на тој ренесансен сликар и поет од асфалтот, кој како номад-селанец се сели, од вечер на вечер, од една на друга насловна страница, веќе му посветив текст токму во овој портал, уште на 29 април минатата година. Дали господата Алцхајмер или Паркинс истовремено не опседнуваат Георги и мене е помалку важно. Она што е многу потажно е дека и нам, како и на останатите, Кристијан ни се вовлече длабоко во потсвеста. Како се случи младенчето на Кинг Конг, кое се однесува како да паднало во казан со супер пијалак што го користат Астерикс и Обелиск, но, со желба за усовршување, да стане самоук, модерен, народен трибун од општа насока и да живее во рeaлитија, наместо во буре? Набилдaниот и истетовиран јунак на српската, виртуелна-рeaлити стварност морализира и размислува за животот, додека го облетуваат старлети, пеачки и овенати глумици.

Што е право, уште на самиот почеток погрешив, затоа што рeaлити галаксијата на српскиот универзум е, всушност, стварноста, додека малцинството кое што го претставува загрозениот вид, размислува како да преживее и да го сочува разумот, интелигенцијата и крвниот притисок во земјата, во која на четири телевизии со национална фреквенција, се прикажуваат сурови, реалити програми.

Кристијан царува на Фармата на ТВ Пинк. Но, треба да се признае дека глетките, од кои кошмарни соништа би имал и другарот Орвел, не се наш изум, туку се само дел од сеопштиот идиотизам, како завршна фаза на глобализмот. Зарем не е сиот свет, вклучувајќи го и Обама, омаѓиен со нервози заради обемот на струкот на Ким Кардашијан, чиј очув, Брус Џенер, некогаш славен американски олимпиец, стана нејзина маќеа?

Откаде ни е, тогаш, правото на белградскиот конан, Кристијан Голубовиќ, да му негираме да стане Сократ на хај-тек  времево? Притоа, не мислам дека прекарот Сократ го стекнал робувајќи со години и во Грција, туку поради неговите аспирации  младите момчиња во него да препознаат учител.

Кој е главниот фаворит на современа Србија? Кој е џиберот кого повеќе луѓе го гледаат како спие, отколку што гледаат информативни емисии, на сите телевизии заедно? Дури и Википедија се однесува кон Кристијан со уважување. Претставен е како криминалец од Србија, учесник на Фармата 6.

Ајде да видиме дали, можеби, од Фармата, сместена во село близу Белград, Кристијан ќе биде унапреден и ќе влезе во Српската академија на науките и уметностите? Можеби, пак, ако се приклучи кон црквата, ќе му се придружи на Господ? Ништо не би ме зачудило. Негов медиумски прататко е бившиот новинар на „Политика“, Александар Кнежевиќ Кнеле, кој со Војислав Туфегџиќ го сними славниот документарец „Ќе се видиме на некролог.“

Беше тоа некаква метафора на нашите животи во деведесеттите години од минатиот век, кога со Белград завладеа нова каста криминалци. Беа естетска стравотија и ужас. Носеа италијански тренерки и патики или ги набиваа дуксерите длабоко во фармерките. Околу врат им висеа дебели, златни ланци и шетаа пит-булови.

Од таа цела екипа на сурови убијци и нарко-дилери, само Кристијан преживеа. И, конечно, успеа во животот. Стана дел од реалити естаблишментот, човек кој што ги усвитува пиплметрите. Кнеле, мојот некогашен колега, со кого што се дружев и играв баскет, се замонаши после тој документарец, приближувајќи му се на Господ и сега е еден од водечките монаси во древниот манастир Хиландар, на Света Гора. Сериозни птички ми јавуваат дека полека, како што тоа и доликува на црквата, го подготвуваат за иден патријарх на Српската православна црква. Како што и заслужува. Зарем не треба, за награда, да биде посредник помеѓу Севишниот и Србите, откако ги преживеа оние силни убијци?

Кристијан, неговиот антипод, уште во младите денови  искажуваше блискост со организираниот криминал. Сакаше да биде ѕвезда по било која цена, да стане кум на српската мафија. Се прослави кога во раните, утрински часови во февруари 1990 година, со екипа момчиња, упадна во тогаш прочуениот ноќен клуб „Мажестик“ и ги принуди гостите да легнат на подот. Испука неколку куршуми во таванот и место визит карта, згрми: „Добровечер, јас сум Кристијан.“

Во тоа време, ноќниот клуб „Мажестик“ важеше како омилено собиралиште на агентите на Државната безбедност, на шефовите на мафијата, на спортисти и лесни жени, кои што ги делеа. Се среќаваше и понекој новинар. Веќе следното утро Кристијан беше славен. И недостапен за полицијата. Збриша за Диселдорф.

Според една верзија, таму отишол сосема сам, а според друга, инцидентот во „Мажестик“ бил организиран од тајната служба, за да брендира нова ѕвезда меѓу мафиозите, а потоа го упатила во Германија, за да учествува во неколку обиди за атентати на припадниците на, таканаречената, непријателска емиграција.

Во многубројните интервјуа што сега ги дава, тој тврди дека уште како малолетник го предизвикал Аркан на двобој, во порака со следнава содржина: „Не може повеќе еден Белград да има двајца господари!“ Кој знае, можеби и навистина така било. Она што е извесно е дека Кристијан и Милорад Улемек Легија, организаторот на убиството на Зоран Ѓинѓиќ, пораснале заедно. Ја опљачкале Елановата продавница на Нов Белград, но, не за да украдат пари, туку тегови. До изнемоштеност билдале во гаража. Кристијан носел 150 килограми челик се до Легииниот солитер, извишен покрај хотелот „Југославија“, што е на границата на Нов Белград со Земун. Двеве деца бргу го надминале Белград. Сакале да влезат во историјата на светскиот криминал. Млади и наивни и не знаеле дека дамна пред нив, некои други непрокопсаници, веќе пљачкале банки. Сонувале за нив да се снимаат филмови.

Верзијата на Кристијан, кога станува збор за пукањето во „Мажестик“ и за неговото бегство во Германија, не е согласна со официјалната. Наводно, тој и Легија избегале во Италија, каде што ги гонеле карабињерите, а потоа се разделиле. Легија ја промашил Швајцарија и завршил во Франција. Веројатно убил некого на вратата  на некоја дискотека и што друго таква персона би можела да стори, освен да избега во Легијата на странците. Според сведочењето на Кристијан, Легијата одамна му била желба на Легија. Зборувал дека во Легијата на странците се вистинските „есесовци“, како него. Во француската воена формација, Легија се здружил со Анте Готовина, хрватскиот неранимајко со, речиси, идентична биографија, а потоа двајцата биле прекомандувани  во нивните матични, новосоздадени, банана татковини, каде што недостигале такви мозоци со коцкести глави. Легија, навистина, станал десна рака на Аркан, а потоа и полковник на српската тајна служба, т.е. на Црвените баретки, единиците за специјални операции на Државната безбедност.

Поднаредникот Анте Готовина, како и Легија, отпатувал во Загреб и, гледај чудо, во копипејст варијантите за дестабилизирање на регионот, станал клучен хрватски воен стратег. Или, пак, сево ова било, можеби, случајност? О, боже, понекогаш го разбирам другар ми Кнеле, кој што се смирува во Хиландар. Тој сфати уште пред дваесет години: „Господ нека ни е на помош.“

За тоа време, Кристијан се излежуваше по европските метрополи и нивните затвори. И без прекин билдаше. А, сепак, некако сфати дека образованието нема алтернатива. Ама, не посетуваше школи, туку ја следеше комунистичката парола – затворите се наши универзитети! Стана најпознатиот српски робијаш. Дава интервјуа, изјавува дека е неконтролирано хуман, дури тврди и дека бил политичка жртва. Дека претходните власти му подметнале афера, зашто не ги поддржувал и дека, божем, лажно го обвиниле за дилање дрога во црквата Свети Марко, на Ташмајдан.

Можеби тогаш Кристијан најмногу му се доближил на Господ? Судиите не ја уважија неговата религиозна одбрана, со примеси на политика, па, како што стојат сега работите, после Фармата, ќе оди право на робија. Ама, Кристијан ич не се обѕира на ова. Тврди дека е идол на младите, дека напишал две автобиографски книги и дека неговата вистина ќе ја вознемири мајчичката Србија.

Кога на Фармата дојде војводата Шешељ, пред близу три милиони луѓе, Кристијан му рече дека одамна требал да го убие со снајпер. Но и дека се откажал во последниот миг. Можеби, одненадеж, се зачленил во Радикалната партија.

Точно, гостин во Фармата беше и лидерот на српските радикали, Шешељ. Човекот кој сосем сам го демолираше и го посрами Хашкиот трибунал. Па, кога може Шешељ, после хашкиот казамат, да биде на Фармата, зошто да не може и Кристијан, после српскиот?

И, си продолжува, од ден на ден, да си раскажува Кристијан како го презира секој порок, особено дрогата и цигарите. И како планира изложба на цртежи. Не запира во уметничкиот излет, туку најавува и натамошно пишување книги и продолжение на личната акција за одвраќање на децата од наркоманијата. Сака, ширум Србија, да отвори многу сали за некакви психо-физички тренинзи на сите оние кои што мораат или сакаат да ја чујат разликата меѓу доброто и злото. Секако, се подразбира дека добрата самовила ќе биде ишараното човечиште Кристијан.

На Фармата старлетите начисто одлепија по него, што, по нешто зборува за жените, а по нешто за мажите. Сакаат да му раѓаат деца, што повеќе мали кристијанчиња, зашто така Србија ќе ја добие вистинската младеж за Новото Доба. Дури и полицијата во живо го уапси, додека се емитуваше Фармата, затоа што раскажуваше како неговата екипа нарачувала неколку убиства за членовите на противничките банди.

На радост на нацијата, изутрината беше ослободен. На полицијата и признал дека зборувал глупости, за да се подигне гледаноста.

Таблоидите сега откриваат дека Кристијан, всушност, бил член на свинската мафија. Веројатно, со кумот, крадел прасиња по селата и ги продавал на пазар.

Пак почна да дивее, за по минута-две, да се претвори во темјанушка. И го скрши носот на новата старлета, балерина, на кого ќе стигне од фармерите му се заканува со смрт и како ништо да не било. На Кристијан се му е дозволено.

Само Господ знае која верзија на неговата биографија е вистинската. Но, зошто да се расипува митот за човекот поради кого Србија не спие? Зошто да се уништува илузијата за криминалецот-херој, по кого се палат клинките? Зошто да се критикува неговото едукативно значење, што го има за нашите деца? Во времето на комунистичката диктатура, што толку ја презираме и со која се подбиваме, телевизијата ги прикажуваше емисиите на прочуениот Бранко Коцкица. Учевме како да бидеме добри деца, а потоа добри луѓе. Денес, кога нема диктатура и кога цвета демократијата и заштитата на човечките права, особено на најмладите, детски идол е – Кристијан Коцкица.

Затоа, не ме прашувајте по кого полудуваат пиплметрите. Тие полудуваат по Кристијан. И пак, затоа, не ме прашувајте, онака, хемингвејски, за кого бијат камбаните.

Затоа што на сите нас одамна ни е одѕвонето!

 Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 11.11.2015


Останато од авторот: