/ Прочитано:

1.325

БОЈКОТ: Нема операции и прегледи на Дигестивна во наредните три дена

Среда, 11 септември 2015 – Лекарскиот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија-Скопје денеска едногласно одлучи дека во наредните три дена нема да се оперираат елективни случаи и да се вршат елективни амбулантски прегледи.  Згрижувани ќе бидат само итните случаи.

Оваа одлука на лекарите е израз на револт и разочараност, поради, како што велат, говорот на омраза во јавноста искажан преку социјалните мрежи , портали односно пишаните и електронските медиуми. 

„Она што особено не загрижува е отсуството на реакција на повиканите институции истото да го спречат, осудат и санкционираат. Разбирајќи го незадоволството  на граѓаните поради длабоко нарушената доверба: лекар-пациент, сепак е неразбирлив од наша страна повикот за линч на сите лекари.

Згрозени сме од настанот кој се случи на  09.11.2015 година  односно обидот за убиство на нашиот колега на неговото работно место и реакциите на јавноста.Читаме се посилни повици за линч на лекарите и ширење на лажни информации за кои цврсто веруваме дека се невистинити. Се деградираат професионалци кои со љубов и пожртвуваност ја работат својата хумана професија и отсуството на поддршка во вакви тешки моменти особено не повредува. Таквите реакции само го продлабочуваат јазот и никому нема да донесат добро, ниту пак водат кон некакво решение“, се вели во соопштението до медиумите.

Претпладнево лекарите ги посетил и министерот Никола Тодоров, кој побарал објаснување како ќе функционира клиниката во наредните денови, но тие останале на ставот дека нема да оперираат наредните три дена и дека нема да се вратат на работните места се додека клиниката не биде посилно заштитена, а не се реализираат и другите нивни барања.

Пациентите кои не се итни случаи додека трае овој бојкот на работата на лекарите, ќе се препраќаат во болниците „8-ми септември“ и „Свети Наум Охридски“.

На дигестивната хирургија се’ уште има присуство на полицијата, а вработените велат дека се’ уште не можат да се смират од инцидентот на кои биле сведоци.