/ Прочитано:

1.415

БОРИСЛАВ БОЈАНОВ, водечко име на бугарската адвокатура, предавач на Конференцијата за правни ризици

Адвокатот Борислав Бојанов, едно од водечките имиња на бугарската адвокатура, оваа година како предавач ќе биде дел од Четвртата правна меѓународна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“, која ќе се одржи на 27 и 28 октомври во Скопје.

На овогодишната меѓународна конференција „Управување со правни ризици: „Правна етика и естетика“, реномираниот адвокат Борислав Бојанов ќе говори за транспарентните тајни на адвокатскиот бизнис и за предусловите за креирање успешен адвокатски бизнис.

Познатиот адвокат во соседна Бугарија важи за истакнат лобист за општествени прашања и водечко име за корпоративни прашања. Стручната и пошироката бугарска јавност го оценуваат Бојанов како врвен професионалец со истакнато чувство за општествена одговорност.

Неговиот професионален пат и определбата за правните науки и адвокатската професија започнуваат на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, каде што како студент и магистер по правни науки добива рангирање во класот: прв од 500 студенти. Своето образование го продолжува на Академијата за американско и меѓународно право во Далас, САД. Со своето одлично оформено образование, адвокатот Бојанов низ годините гради кариера за која вели дека е заснована на многу труд, почит кон другите, но и на бескомпромисното почитување на етичките правила и моралот.

За адвокатурата, како негова професија, и за нејзиното понатамошно практикување, адвокатот Борислав Бојанов вели дека го водела максимата дека клучот на успехот е да се дава најдоброто од себе и да се работи ефективно, но исто така да се има и сериозен пристап на почетокот со кој неминовно ќе се дојде до посакуваниот резултат.

„Светот е голем и разнолик, но вредностите се едни. Во таа смисла, ако го даваш најдоброто од себе – ќе дојде и посакуваниот резултат“, истакнува Бојанов.

За адвокатурата Бојанов посочува дека, за да се биде подготвен за неа како професија, мора да се има солидно образование, но и морал.

„За моралот нема компромис. Морал во односите со клиентите, со колегите, во работата. Да се почитуваат вредностите на адвокатурата“, нагласува познатиот бугарски адвокат.

Поаѓајќи од овие професионални постулати за адвокатурата како професија, Борислав Бојанов во својата биографија има запишано импресивни податоци кои говорат за неговата посветеност кон адвокатурана, но и кон општествената одговорност, кон бизнис активностите и културните активности насочени кон промоција и развој на општеството и државата.

Имено, како што се согледува од неговото професионално портфолио, тој е основач и управен партнер на престижната „Boyanov & Co.“ – врвна бугарска адвокатска канцеларија,  основач и претседавач на Индиско-бугарската бизнис комора , член на Одборот на директори на Британско-бугарската бизнис асоцијација,  основач, копретседавач и почесен претседавач на Правната група на Југоисточна Европа (SEE Legal) , застапник пред Европскиот патентен завод и почесен конзул за Малта во Бугарија.

За своите активности во повеќе области, адвокатот Бојанов вели дека секогаш мора да се има чувството за општествена одговорност, но и добра организација на времето. Адвокатот го темели ваквиот рецепт за професионален успех повторно на односот кон вредностите на адвокатурата, на односот кон клиентите и на ангажманот како адвокат во рамките на законодавството и етичките правила.

„Треба да се работи во интерес на клиентите, да се стремиме да содејствуваме низ сите законски и морални начини. Почитувањето на законите и клиентите не може да биде прашање на големо его од страна на адвокатот“, вели Бојанов.

За неговите ставови и за неговиот стил на практикување на адвокатурата, бугарска стручна јавност го опишува Бојанов како водечко име во полето бугарските корпоративни прашања, како и во полето на трансакциските прашања во Централна и Источна Европа. Тој е високо ценет поради неговото богато искуство и поради стручноста и изворите го сметаат за „човекот на кого треба да му се обратите за стратешки совети“.

Бојанов е  единствениот бугарски адвокат кој редовно се појавува на листата на најугледни правни фирми „Who’s Who Legal“ во полето на спојувања и аквизиции.  Тој е член на Адвокатска комора на Софија, на Адвокатска комора на Бугарија и  на Меѓународна адвокатска асоцијација. Бил претставник на Бугарија, член на Советот, заменик-претседавач, постар заменик-претседавач и копретседавач на Европскиот форум на МАА.

Во неговата биографија се вбројува и членството во Советодавниот одбор на Европскиот форум и претседавањето со  Фондацијата за правен развој.  Познатиот адвокат, исто така, е основач и претседавач на Балканскиот правен форум, а бил и член на Советодавниот одбор на Институтот за меѓународно и компаративно право во Далас, заменик-претседател на Бугарската инвестициска и бизнис асоцијација, член на Одборот на директори и претседател на Американската стопанска комора во Бугарија,  член на Одборот на Конфедерацијата на индустријалци и работодавачи во Бугарија, претседавач на „SEE InvestConsult“. Од оваа година тој е член на Одборот на директори на Британско-бугарската бизнис асоцијација.