/ Прочитано:

1.251

БРЕГЗИТ: „Ден на независност“ за поддржувачите, „катастрофа“ за приврзаниците за останување во ЕУ

Процесот на одделување од ЕУ може да трае најмалку две години, но, како што ветуваа поддржувачите на опцијата за напуштање на ЕУ уште за време на кампањата, целиот процес треба да заврши до 2020 година, датумот кога се закажани следните избори во Велика Британија.

Брегзит

Резултатите од британскиот референдум за излез од Европската Унија се 52 % за напуштање на Унијата, наспроти 48 % за останување во европското семејство. Во Англија и Велс, Брегзит доби најголема поддршка, додека Лондон, Шкотска и Северна Ирска гласаа за останување во ЕУ, пишува „Би-би-си“.

Најџел Фараж, лидерот на УКИП (партија за независност на Велика Британија), го нарече овој ден „ден на независност“, додека спротивниот табор го нарече овој ден „катастрофален“. Одѕивот на референдумот е 71,8 % или 30 милиони луѓе кои гласале на референдумот, што претставува најголем одѕив по изборите во Велика Британија во 1992 година.

Поради исходот од референдумот, фунтата падна историски на најниско ниво во споредба со доларот. Џон Мекдонел, канцеларот во сенка од редот на Лабуристите, вели дека Банката на Англија ќе мора да интервенира за да го запре падот на фунтата.

Фараж, кој повеќе од 20 години е во постојана кампања за напуштање на ЕУ, пред своите поддржувачи истакна дека ова е победа за обичните и чесни луѓе. Тој го повика премиерот Дејвид Камерон, кој беше приврзаник на опцијата за останување, веднаш да си поднесе оставка.

Извор од лабуристите за „Би-би-си“ изјавил: „Ако гласаме за излез од ЕУ, Камерон треба сериозно да размисли за својата позиција.“

Брегзит

Сепак, останатите поддржувачи на напуштањето на ЕУ, меѓу кои и Борис Џонсон и Мајкл Гоув, со писмо побарале Камерон да остане на својата позиција, без разлика на тоа каков ќе биде резултатот.

Процесот на излегување

Премиерката на Шкотска, Никола Старџон, изјави дека гласањето јасно покажало дека луѓето во Шкотска ја гледаат својата иднина како дел од Европската Унија, откако 32 округа во земјата гласаа за останување во ЕУ. Лондон се изјасни за останување со 40-60 % поддршка за ЕУ.

Ако се погледнат одделните резултати од референдумот, според анализите, тие ги отсликуваат социјалните и културните разлики помеѓу Лондон и провинциската Англија.

Велика Британија е првата земја која ја напушта Унијата од нејзиното формирање, но тоа не значи дека таа веднаш ќе престане да биде дел од семејството на 28 земји.

Процесот на одделување од ЕУ може да трае најмалку две години, но, како што ветуваа поддржувачите на опцијата за напуштање на ЕУ уште за време на кампањата, целиот процес треба да заврши до 2020 година, датумот кога се закажани следните избори во Велика Британија.

За Унијата, пак, тоа ќе значи економско, но и политичко ослабување, бидејќи ќе се соочи со заминување на една членка која има право на вето во Обединетите нации и е голема воена сила.

Камерон најави оставка. Европските лидери со реакции за Брегзит

По објавувањето на резултатите, премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, објави дека ќе поднесе оставка од функцијата до октомври оваа година, откако Британците гласаа за напуштање на ЕУ, наспроти неговите заложби за останување на Велика Британија во составот на ЕУ.  Камерон изјави дека веќе разговарал и со кралицата за да ѝ го објасни својот план за понатаму.

По референдумот, веднаш со реакции се јавија и европските челници.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека ова не е момент за хистерични реакции и дека ЕУ е решена понатаму да ги задржи постојаните 27 земји членки. Сè додека Велика Британија формално е во ЕУ, правото на ЕУ ќе се однесува на неа и ќе биде правнообврзувачко.

Мартин Шулц, претседателот на Европскиот парламент, изјави дека го почитува резултатот на Британците и нивната желба да продолжат по својот пат. Сега, вели Шулц, е време за сериозни и одговорни одлуки за да не ја следи судбината на еврото судбината на фунтата.

Герт Вилдерс, лидерот на Народната партија за слобода и демократија на Холандија, вели дека сега е ред на Холандија да организира сопствен референдум.

Марин Ле Пен, којашто е лидер на Националниот фронт, крајно десничарска партија во Франција, изјави дека ова е победа на слободата и дека и во Франција треба да се организира истиот референдум како во Велика Британија.

Себастијан Курц, австрискиот министер за надворешни работи, изјави дека сега домино-ефектот за другите држави не може да се исклучи, но се надева дека ЕУ ќе се одржи како целина.

Германскиот министер за надворешни работи Валтер Штајнмаер го опиша референдумот како „тажен дел за Европа и за Велика Британија“.

За денес, исто така, е најавен итен состанок на европските лидери со премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон.