/ Прочитано:

1.507

Брејвик осуден на 21 година затвор

Петок, 24 август 2012 – Дваесет и една година затвор за убиецот на 77 лица, Андeрс Геринг Брејвик, виновен е за тероризам и убиство со предумисла, одлучи судот во Осло. Судскиот совет составен од петмина судии едногласно одлучи дека Брејвик е пресметлив и со ова го одговори клучното прашање во судскиот процес. Покрај затворот во траење од 21 година, што инаку е највисока казна во Норвешка, масовниот убиец доби и продолжено затворање, кое би требало да се надоврзе по истекот на затворската казна доколку се процени дека и натаму претставува опасност за општеството. Може да се каже дека пресудата е онаква каква што посакуваше мнозинството во Норвешка, но и самиот Брејвик.

Облечен во темен црн костум, Брејвик се смешкаше при влегувањето во судницата и повторно ги поздрави присутните со тупаница. Пресудата, ја дочека смирен.  Максималната затворска казна од 21 година ќе ја служи во затворот Ила – специјално прилагоден затвор со високо ниво на безбедност, лоциран во предградие на Осло. Во просторнате ќелија тој има е посебна соба за вежбање, компјутер, телевизор. Доколку беше прогласен за непресметлив ќе беше испратен во психијатриска установа, можниот исход за кој тој најави жалба.

„Добро е што го прогласија за пресметлив. Сега тој ќе биде затворен до крајот на неговиот живот, а ние ќе можеме да заборавиме на него“, изјави еден од роднините на невините жртви, пренесува британски „Телеграф“ . 

Инаку, Обвинителството бараше Брејвик да биде прогласен за непресметлив. Двете вештачења направени за таа цел дадоа спротивни резултати. Поради ова, неизвесно е дали Обвинителството  ќе ја обжали пресудата.

33 годишниот Брејвик е осуден за две тешки кривични дела, тероризам и убиство со предумисла. Тој на 22-ри јули 2011 година најпрвин ја активирал експлозивната направа поставена во автомобил во центарот на норвешката престолнина Осло, при која што загинаа 8 лица, а беа повредени повеќе од 200. Потоа се упатил на блискиот остров до Осло, Утеија, и убил 69 лица, главно тинејџери, учесници на летниот камп на лабуристичката младина. Брејвик уште на првиот ден,  без трошка каење, го призна масовното убиство. На прашањето, кој му дал право да убива, тој одговори дека „самиот ја донел таквата одлука”. Рече дека ги признава делата, но не и кривичната одговорност, бидејќи тоа го извршил во самоодбрана. Декларирајки се како екстремен десничар, Брејвик изјави дека мотивот поради кои ги извршил овие грозоморни дела  бил со цел да ја “заштити” оваа нордиска нација од мултикултурализмот.