/ Прочитано:

3.097

БРИШКОСКА – БОШКОВСКИ: „Ги поддржуваме измените на Законот за нотаријатот и немаме дилеми за адвокатската тарифа“

Сабота, 23 мај 2015 – Министерството за правда во целост ги поддржува проектите кои се поврзани со адвокатурата и очекуваме измените на Законот за нотаријатот да бидат донесени во следниот период.  Адвокатската тарифа е неприкосновено право на адвокатите и Министерството за правда нема дилеми околу тоа. Ова денеска го изјави заменик-министерката за правда, Билјана Бришкоска – Бошковски на денешното 60- годишно собрание на АКРМ кое овие два дена се одржува во Охрид во рамки на настанот „Денови на македонската адвокатура“.

„Министерството за правда во целост ги поддржува проектите кои се поврзани со адвокатурата и во согласност со своите надлежности презема активности за нивна реализација“, истакна Бришкоска – Бошковски на денешниот настан, во таа насока осврнувајќи се и на новите измени на Законот за нотаријатот во чие подготвување била вклучена и Адвокатската Комора на Република Македонија.

„Очекуваме измените на Законот за нотаријатот да бидат донесени во следниот период“

„Очекуваме овој закон, кој беше изготвен  во соработка со Адвокатска комора на Република Македонија, да биде донесен во следниот период“, потенцираше Бришкоска – Бошковски, појаснувајќи кои се клучните решенија во предложените законски измени.

Таа рече дека според измените, за првпат се предлага задолжително присуство на адвокат во постапки пред нотар и употреба на адвокатскиот печат и потпис на нотарскиот акт и тоа при составувањето на нотарските акти со вредност на предметот на службеното дејствие над 20 илјади евра.

„Доколку некоја од странките не обезбеди адвокат нотарот ќе побара од АКРМ да назначи адвокат од листата на адвокати која ќе биде составувана од страна на АКРМ“, истакна Бришкоска – Бошковски.

Заменик-министерката рече дека според измените, се предлага приватната исправа која ја потврдуваат нотарите задолжително да биде составувана од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку се работи за правна работа со вредност над 10 илјади евра.

„Оваа особено ќе се однесува за приватните исправи во однос на договорите и преддоговорите за купопродажба“, додаде таа.

Заменик-министерката образложи дека новина во законските измени е и тоа што  се предлага адвокатот да има активна улога во постапката пред нотар за донесување на решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, нотарскиот платен налог, а во однос на составувањето, печатот и потписот. Таа најави и измени во делот на оставинските постапки пред нотарите, според кои адвокатите ќе имаат задолжително присуство и учество.

„Во делот на оставинските постапки пред нотар се предвидува дека предлогот за расправање на оставината задолжително да има адвокатски печат и потпис, а при расправањето на оставината задолжително е учество на адвокат во својство на полномошник на секоја од странките“, појасни заменик – министерката.

Нема дилеми околу адвокатската тарифа

Бришкоска – Бошковски акцентираше дека за Министерството за правда не постојат дилеми околу адвокатската тарифа.

„Исто така, во овој дел би сакала да додадам дека адвокатската тарифа е неприкосновено право на адвокатите и Адвокатската Комора на Република Македонија“, рече Бришкоска – Бошковски, изразувајќи и јавна благодарност до АКРМ  за улогата на адвокатите во подготовката на законските решенија поврзани со правосудството, проектите во рамки на Министерството за правда, учеството на обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, системот на бесплатната правна помош и воопшто во правосудните реформи и заштитата на човековите права и слободи.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

23.5.2015