/ Прочитано:

2.277

Британската адвокатура од аспект на практикант во адвокатската канцеларија „Дарлингтон“

Помалите и средно големите адвокатски фирми во Велика Британија се во предност да привлечат локални клиенти кои сакаат адвокати што се отворени за соработка, без поголеми формалности и процедури, вели Џејн Тејлор, студентка на Универзитетот Вестминстер, која го пренесува своето искуство од практичната работа во адвокатската канцеларија „Дарлингтон“.

Во текст објавен на www.l2b.thelawyer.com, Џејн Тејлор, студентка на Универзитетот Вестминстер, го пренесува своето искуство од практичната работа во адвокатската канцеларија „Дарлингтон“ од Лондон.

Пред сѐ, таа одблизу ја согледала конкуренцијата помеѓу адвокатите, со оглед на тоа што бројот на адвокати постојано се зголемувал во последните 30 години, давајќи им можност на клиентите да избираат каде ќе побараат правна помош, а на адвокатите шанса да се истакнат во своето работење и да бидат конкурентни на пазарот. Клиентите, според неа, дефинитивно сакаат брза услуга за која плаќаат. Тие не сакаат да имаат средби со арогантни и ладни адвокати туку првенствено сакаат некој убаво да ги сослуша за нивните прашања и да им понуди квалитетна услуга.

Понатаму, таа вели дека технологијата има големо влијание во адвокатурата и во правната индустрија воопшто. Адвокатурата, во тој поглед, личи на медицината – луѓето преку интернет често истражуваат од што се болни, бараат разни лекови кои ќе им помогнат да оздрават, читаат совети од други луѓе на разни форуми итн. И со адвокатурата е слично – клиентите сакаат сами да истражуваат за својот проблем на интернет, да се запознаат со правните аспекти и да имаат активна улога во својот случај.

Динамичните адвокатски фирми се во постојана потрага по своја промоција на пазарот, тие бараат разни начини да ја зголемат својата референтна листа и да го подобрат својот профил. Во последните неколку години тие се под притисок да инвестираат во сајбер безбедноста бидејќи постојаното онлајн присуство може да има последици врз нив.

Во периодот што таа го поминала во адвокатската канцеларија, увидела дека сметководителите и агентите за недвижности во Велика Британија станале најдобри пријатели со адвокатите. Сметководителите ги сметаат за свои доверливи советници бидејќи се блиски со клиентот и се во постојана комуникација и адвокатите можат да ја искористат нивната поврзаност за градење на бизнис релации со нив и со агентите за недвижности, со цел да добиваат препораки кај нивните идни клиенти.

Сето ова погоре во интервјуто довело до заклучок дека помалите и средно големите адвокатски фирми се во предност да привлечат локални клиенти кои сакаат адвокати што се отворени за соработка, без поголеми формалности и процедури. Според маркетинг менаџерот Грег Шарп, прогресивните фирми што се во развој, исто така, преферираат ваков тип адвокати, со цел побрзо да го остварат својот интерес, да воспостават пријателски и отворен однос со некој адвокат кој работи самостојно или помала адвокатска канцеларија која побргу ќе го земе во работа нивниот предмет. Тие фирми сакаат некој што нема само да ги гледа правните последици од предметот, туку и ќе го предвидат финансискиот ризик кој може да ги очекува фирмите во иднина и нивните трошоци од работењето.

С. М.