/ Прочитано:

1.161

Британските судии повторно „маршираат“ кон уставните начела и обичајното право, дефокусирајќи се од ЕУ легислативата

Четврток, 21 август 2014 – Британските судии повторно ставаат акцент на британските уставни принципи, после долги години концентрирање на европската легислатива како извор на правата и обврските, смета заменик – претседателот на Британскиот Врховен суд , Бренда Хејл.

Највлијателната жена во британското правосудство, како што ја опишуваат некои британски медиуми, на Конференцијата организирана од Адвокатската комора во Лондон, истакна дека според податоците од последните анализирани пресуди забележливо е дека во Велика Британија во пораст е расположението кај судиите кон „враќањето на конституционализмот, уставните начела и принципите на англиското обичајно право“.

Таквата појава, смета Хејл, се претпоставува дека е во корелација со растечката плима на антиевропски чувства која се појавува последниве години во земјата, особено на политички план.

“По повеќе од една деценија концентрирање на европските инструменти и легислатива, како извор на правото, повторно се обновува акцентот на обичајното право и уставните принципи како извор, но и како нова правна инспирација”, изјави таа, додавајќи дека тие сознанија говорат за евидентирање на „нови насоки на британското правосудство“.

Наведувајќи бројни судски одлуки, Хејл соопшти дека воочлива е тенденцијата за растење на трендот со кој уставните начела на Велика Британија треба да бидат во првите редови на анализа на судот, додавајќи дека статистичките показатели и праксата го покажуваат тоа, но самиот феномен треба да биде предмет на анализа од други социо-политички и истражувачки фактори.

„Клучното прашањето како предмет на анализа е дали трендот во развој е одговор на растечката плима на антиевропски чувства меѓу пратениците, медиумите и јавноста“, смета заменик-претседателот на Врховниот суд, која со ова навести нова тема за дискусија во британското општество, а сознанијата од праксата ги постави како основа за поширока јавна расправа во адвокатската и судска заедница на Велика Британија.

(М.В)