/ Прочитано:

1.557

Царина и МВР: На граница не се чека повеќе од 1 час, МАКАМ-ТРАНС: Чекаме и по 10 часа

Царинските постапки, патната инфраструкура, техничката опременост или станува збор за човечки фактор. Македонија се залага за побрз проток, а се уште не се исполнети условите за реформирана административна патна инфраструктура. Соседите побрзи во изградбата, македонските патишта заобиколени. Транспортерите и одговорните со поделени ставови околу транзитот низ земјава. За едни, Македонија години наназад ги следи европските искуства, а македонската царина се реформира преку техничка опрема и добро екипирани царински служби. Оние пак, што секојдневно ги прелетуваат нашите најдолги 200 километри и за час стигнуваат до граничните премини, имаат поразлична слика за времетраењето на царинарење. Во врска со состојбата на наплатните рампи, ЈП Македонија пат и Агенцијата за државни патишта си ја префрлаат топката.

МАКАМ-ТРАНС: Воопшто не сме задоволни, понекогаш чекаме и со денови

Дополнителни ленти за поминување на празни возила и возила товарени со жива стока, стока под АДР режим и стока во свежа состојба, 24/7 работа на инспекторски служби на сите гранични премини, намалување на процедури и воспоставување на поголем број поедноставени царински процедури, се трите основни чекори што треба да се сторат за камионите да ги поминуваат граничен премин во просек за 1 минута. Превозниците, здружени во Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва на РМ (МАКАМ – ТРАНС), сонуваат за оваа засега невозможна мисија. Според нив, сегашните неколку часовни чекања на граничните премини, понекогаш станува чекање што трае и по неколку денови.

  • „Воопшто не сме задоволни, затоа што во попладневните часови кога претежно товарните возила тргнуваат на пат надвор од нашата држава се зголемува времето на чекање кое може да трае подолго од 10 до 12 часа, на фреквентните гранични премини. За влез во државата исто така имаме големи забелешки затоа што чекањето може да биде и со денови особено ако се работи за викенд и празници, а на помалите гранични премини и во работни денови“, велат од „МАКАМ-ТРАНС“

Царина: Просечно време на спроведување на царинска постапка во внатрешни терминали е приближно 62 минути

МВР: Од Табановце до Богородица, никој не чека повеќе од 30 минути

Од Царинската управа ги демантираат тврдењата дека на границите се чека со часови или денови. Според нив, силната царинска контрола и контролата на останатите служби придонесуват за времетраењето на целосната царинска постапка.

  • Според нашите податоци, просечното време на поминување на возила при влез во Република Македонија на граничен премин е 55 минути, додека просечно време на спроведување на царинска постапка во внатрешни терминали е приближно 62 минути. Треба да се има предвид дека освен Царинската управа, контрола при преминување на граничните премини вршат и повеќе други служби, како што се МВР-Гранична полиција, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за земјоделство и Државен санитарен и здравствен инспекторат. Освен инспекциите, учесници во постапката се и царинските декларанти (шпедитери) кои ги подготвуваат документите пред тие да се достават на царина. Најголемиот број од постапки, доколку стоката не е селектирана за физички преглед и доколку не подлежи на контрола од некој од инспекторатите, завршуваат за помалку од половина час. Овој рок не е воопшто долг, имајќи ги предвид процедурите кои треба да се спроведат на граничен премин или во царински терминал“, велат од Царинска управа.

Од Табановце до Богородица, патниците и возилата не чекаат повеќе од 30 минути за да поминат граница, велат од МВР. Минута за наши државјани и за државјани на земји членки на Европската унија, две минути за државјани од трети земји за влез и излез од територијата на Македонија. Ако чекањето е поголемо од 30 мунити од МВР велат дека и за тоа има решение.

„Кога времето на чекање ќе надмине половина час, а при  тоа се искористени сите технички, организациони и кадровски потенцијали и можности, согласно членот 17 од Законот за гранична контрола се врши попуштање во режимот на граничните проверки при што за државјаните на Република Македонија и за државјаните на земјите членки на Европската унија кои согласно изготвените анализи на ризик се вклопуваат во општиот профил на патници се врши само утврдување на идендитетот и валидност на патниот документ“, додаваат од МВР.

За брзи и едноставни царински постапки ќе почекаме уште најмногу 2 години

Царинската управа најавува брзи и едноставни царински постапки, што ќе овозможат побрз проток на транспорт во земјава. Нервозите и неколку дневното чекање, Царинската управа планира да го отстрани најмногу за две години. Најавен е нов електронски безхартиен систем, за кој Царинската Управа најавува дека е спремна да го воведе. Велат дека имаат уште една новина што ќе ги израдува транспортерите, а тоа е поднесување на декларација пред стоката да биде ставена на увид. На овој начин, на декларантите им се овозможува да поднесуваат декларации пред воопшто возилото да пристигне на граничниот премин.

  • „Декларацијата се обработува, а доколку согласно анализата на ризик возилото не е селектирано за физички преглед, веднаш по пристигањето на граничниот премин, се пушта. Спроведен е успешен пилот проект и е во тек е заживување на оваа постапка“, велат од Царинска управа.

Успешноста на тешката мисија што Царинската управа планира да ја спроведе зависи од законските измени за царинските постапки. Нови човечки ресурси, буџет, добра организација, сето ова да се спакува во законски рамки, а уште поважно е законските прописи да се почитуваат. Набилданата агенда со големите планови на Царинската управа е надеж дека Македонија ќе го подобри транспортот, а камионите нема да чекаат подолго од 5 минути.

  • „Со цел да се спроведат активностите, потребни се законски и подзаконски измени. Така, подготвена е измена на Царинскиот закон, Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, во тек е подготовка на Правилникот за пополнување на единствениот царински документ и соодветни интерни упатства“, велат од Царинската управа.

Транспортерите сепак не гледаат низ розови очила

Се додека големите планови не се остварат, транспортерите не гледаат розево на сегашната ситуација, а ниту имаат голема надеж за иднината. Освен измени на законските прописи, потребни се и големи инвестициони вложувања, велат од асоцијацијата МАКАМ-ТРАНС.

  • „Не е возможно, за да се оствари ова, потребни се големи инвестициони вложувања за доградување на дополнителни ленти за премин на возила како и дополнителен број на лица од царина и полиција за преглед и евиденција, логистички центри на  поголемите гранични премини, 24 /7 присуство на инспекторски служби на граничните премини, воспоставување на поголем број на поедноставни постапки односно куќно царинење во увозно – извозните компании, намалување на процедурата за евиденција која се спроведува на граничните премини од страна на пограничната полиција како и полициското пратење на акцизната стока“.

Но освен од царинарењето, брзината на протокот на патници и камиони зависи и од работата на граничната полиција. За разлика од жалбите на транспортерите и поинаквата слика за царината, МВР се оградуваат од евентуален застој на границите.   

  • „Материјално-техничко опремување на нашите гранични премини е извршено согласно препораките и најдобрите пракси на ЕУ – Schengen catalogue, а припадниците на нашата гранична полиција се обучуваат во склад со Програмата за обука на Европската Агенција за менаџирање на надворешните граници – Фронтекс“, велат од МВР.

Ниту притворените 200 инкасанти не ставија електронско наплаќање на патарина

Скршени кабини, инкасанти што тепаат странци, обвинети 200 вработени во ЈП„Македонија пат“ за организиран криминал. Неколку години јавноста ја тресат скандали за состојбата и случувањата на патарините низ земјава. Сомнежот за криминалот, ниту познатото пола-пола наплаќање, лажните фискални сметки, ништо од ова не помогна да се воведе ред на патарините. ЈП „Македонија пат“ и „Агенцијата за државни патишта со различни одговори за тоа кој е одговорен за патарините. Додека си ја префрлуваат топката едни на други, уште еднаш преку штур одговор информираат дека се планира електронска наплата и реновирање на наплатните станици. Не се утврди ниту кој е одговорен за степенот на љубезност на инкасантите.

„ „Агенцијата за државни патишта“ работи согласно Годишната програма на ЈП „Македонија пат“, каде има позиција за одржување на наплатните станици, за која секој месец се врши плаќање по позиција одржување на наплатните станици, а обрската за нивно одржување е на ЈП Македонија пат, се додека не се изврши целосно преземање на наплатните станици и нивните вработени. Во тек е тендер за модернизација на системот за електронска наплата, во кој е планирано реновирање на наплатните станици. Во врска со информираноста и љубезноста на вработените по наплатните станици ве известуваме дека тие се вработени во ЈП „Македонија пат“ и е потребно да се обратите до ЈП „Македонија пат“, велат од „Агенцијата за државни патишта“ (АДП).

Во потрага по одговори за состојбата на кабините на наплатните рампи, Академик ги контактираше ЈП „Македонија пат“. Оттаму преку штур одговор, топката ја префрлија на „Агенцијата за државни патишта.

  • „Во врска со вашиот мејл во однос на прашањата што сте ги доставиле  до ЈП Македонија Пат-Скопје, ве известуваме дека поради финансиски средства тоа го планира Владата на РМ со предлог на Агенцијата за Државни Патишта“. За подетални информации обратете се до АДП – одделение  за наплата на патарини“.

За 20 години се изгради 150 километри автопат, соседите им се попривлечни на транспортерите

Иако Македонија претставува важна крстосница на стратешките сообраќајни правци: коридорот Север-Југ кој најдиректно ја поврзува Централна Европа со солунското пристаниште и коридорот Исток-Запад кој го поврзува црноморскиот регион со јадранската област, сепак новите соседни коридори ја заобиколуваат земјава. Во однос на другите балкански земји, Македонија е на дното со изградени 150 километри автопат за цели две децении. Според податоците на ЕвростатАлбанија е на врвот со изградбата на патната инфраструктура, со изградени 300 километри за 3 години.


Автор: Паула Божиновски Објавено: 12.09.2012