/ Прочитано:

1.740

Центарот за економски анализи со осврт на препораките на ММФ

Во однос на предлогот од страна на ММФ за зголемување на старосната граница за пензионирање, ЦЕА не се согласува, како што велат, со политики кои водат кон одржливост на првиот пензиски столб, а се потпираат претежно на демографски подлоги и атрибути. „Причините за неодржливоста на првиот пензиски столб во Република Македонија не се, пред сè, од демографска природа, движења и динамика. Предизвикот е што очекуваните позитивно интертемпорални ефекти за зголемување на бројот на работни места, пред сè, од воведувањето на рамниот данок и од намалувањето на придонесите не се остварија, а тие нови работни места требаше да доведат до нето зголемени придонеси за пензискиот фонд“, истакнуваат од ЦЕА.

По повод завршната изјава на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Центарот за економски анализи укажува на неколку клучни прашања. Во однос на предлогот од страна на ММФ за поефикасно собирање на данокот на додадена вредност – ДДВ, ЦЕА укажува дека Меѓународниот монетарен фонд акцентот го става на ефикасноста на УЈП, а не на даночните стапки и/или даночната база.

„ММФ смета дека Дирекцијата за големи даночни обврзници може да го зголеми својот капацитет во зголемување на опсегот и соодветно управување на ризиците. Јасно е дека големите даночни обврзници придонесуваат со најголем удел во вкупно прибраните приходи по основ на ДДВ и на тој начин се и најобемни и административно најефикасни за управување со добро поставен и таргетиран систем за управување на ризици со тие големи ДДВ обврзници“, истакнуваат од Центарот за економски анализи.

Дополнително, во смисла на зголемена ефикасност на управување на ДДВ, ЦЕА предлага Законот за ДДВ да се прочисти, измени и дополни по претходна евалуација на сите измени и дополнувања кои настанале во последните десетина години во овој закон.

Понатаму, како што истакнуваат од ЦЕА, Македонија мора да поработи на зголемена ефикасност во јавните финансии и да ги лоцира изворите на внатрешни заштеди.

„ММФ препораките даваат нов импулс кон потребата за зголемена ефикасност на јавните финансии во Република Македонија. Имено, ММФ и порано има укажано дека во Република Македонија секој милион евра јавни инвестиции се всушност со 55% ефикасност или со други зборови, јавните инвестиции во Република Македонија може да бидат поефикасни за 45% со подобра селекција на проекти, нивна оценка, имплементација и евалуација“, велат во ЦЕА.

Македонија може да ја зголеми ефикасноста во јавните финансии со воведување на буџет базиран на резултати (performance budgeting). ЦЕА има пресметано дека очекуваните бенефити од воведување на буџетирање по перформанси е во рангот од 13%-40% на бруто додадена вредност од БДП. Ова, според Центарот за економски анализи, се можни бенефити во рангот од 850 милиони евра до 2,5 милијарди евра со постепен раст во наредните 50 години од моментот на воведување на буџет базиран на резултати (performance budgeting).

ЦЕА не се согласува со ММФ за „повисок данок на имот“. Данокот на имот е изворен приход на единиците на локална самоуправа – ЕЛС на Република Македонија. ЕЛС, како што посочуваат од Центарот за економски анализи и сега имаат можност да избираат од рангот на пропорционалните стапки од 0,1% до 0,2%.

„Сепак, градоначалниците ретко се одлучуваат да излезат пред советите со предлог за горниот лимит на пропорционална даночна стапка за данок на имот (само 10% од ЕЛС имаат пропорционална стапка од горниот лимит). Објаснувањето може да биде во политичка сензитивност од воведувањето на една политика на повисоко оданочување на имот не само поради можноста за плаќање на граѓаните туку и поради тоа што преференциите на локалните граѓани во повеќето ЕЛС не можат да бидат откриени поради релативно нискиот степен на учество во изработка на програмите во буџетот и/или поради нискиот степен на фискална транспарентност, т.е. деволуцијата во системот на децентрализација не е на задоволително ниво во РМ“, велат во ЦЕА.

Центарот за економски анализи предлага да се посвети внимание на структурата и квалитетот на децентрализацијата во Република Македонија, а не на механичкото зголемување на приходите преку повисоки даночни стапки и повисока даночна база. ЦЕА, појаснуваат оттаму, пресмета дека со примена на даночната стапка од горниот лимит од 0.2% ЕЛС можат да ја намалат зависноста од централната власт во обем од 1-10 процентни поени во зависност од структурните претпоставки за социо-економијата кои ги движат приходите на локалната власт.

ЦЕА предлага да се оцени потребата од оданочување на капитализирањето на личниот недвижен имот кој доаѓа од подобрена инфраструктура која е резултат од инвестиција од единиците на локалната самоуправа. Во тој случај, додаваат од Центарот за економски анализи, би можело да се размисли за воведување на специјално оданочување т.е. давачки за подобрување (таканаречени betterment levy).

ЦЕА предлага и поефикасна имплементација на комуналната такса за истакнување на фирма на ниво на ЕЛС со воведување на оданочување според тип на индустрија, големина на претпријатие, број на вработени. Укажува на потребата од транспарентно собирање и трошење на наменските локални даноци.

Во однос на предлогот од страна на ММФ за зголемување на старосната граница за пензионирање, ЦЕА не се согласува, како што велат, со политики кои водат кон одржливост на првиот пензиски столб, а се потпираат претежно на демографски подлоги и атрибути.

„Причините за неодржливоста на првиот пензиски столб во Република Македонија не се, пред сè, од демографска природа, движења и динамика. Предизвикот е што очекуваните позитивно интертемпорални ефекти за зголемување на бројот на работни места, пред сè, од воведувањето на рамниот данок и од намалувањето на придонесите не се остварија, а тие нови работни места требаше да доведат до нето зголемени придонеси за пензискиот фонд“, истакнуваат од ЦЕА.

Во таа насока, потенцираат од Центарот за економски анализи, ММФ треба да укаже на Владата дека trickle-down економија е неефикасна и генерира нееднаквост.

„Улогата на секоја влада не е да вработува и да креира работни места туку да креира амбиент за претприемачи за тие претприемачи да креираат работни места. При исклучителни ситуации, извршната власт може да дава импулси на пазарите за да ги стабилизира, но тие импулси во вид на субвенции треба да се од транзиторен карактер, а не трајна определба и да се оправдуваат низ политичкиот механизам на владеење бидејќи немаат никаква подлога во ефикасна пазарна економија. Евидентни се нееднаквоста која се креира во Република Македонија и емигрирањето на населението. ММФ има обврска да укаже во согласност со нивните емпириски истражувања дека ако доходот за 20% најбогати се зголеми, тогаш БДП растот опаѓа на среден рок затоа што бенефитите не стигнуваат до најсиромашните. Спротивно на тоа, ако доходот на 20% најсиромашни се зголеми, тогаш тоа ќе биде придружено со повисок економски раст. Крајниот заклучок на самиот ММФ е дека сиромашните и средниот слој на населението се најважни за економски раст не само преку економски канали туку и преку општествени и политички канали“, велат во Центарот за економски анализи.

А. Б.