/Прочитано:

243

Центарот за правни истражувања и анализи започна со пилот-мерењето на перформансите на правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи на 5.12.2017 година во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија  официјално го започна пилот-мерењето на перформансите на правосудството како дел од проектот „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија“, поддржан  од Британската амбасада во Скопје. Пилот-мерењето ќе се одвива во 9 судови во Македонија од четирите апелациони подрачја Битола, Гостивар, Скопје 1 и 2 и Штип.

Во врска со пилот-мерењето, Центарот за правни истражувања и анализи изготви алатка „Матрица за следење на перформансите во правосудството во РМ“, која има за цел да врши процена на тековните состојби во судството, како и на резултатите од спроведените иницијативи и реформи.

Идејата на овој пристап е преку мерењето на перцепциите на целните групи да се оценат областите наведени во матрицата за да се добие една почетна слика на состојбите и работите во судството.

Крајната цел на ова истражување е да се воспостави метод кој ќе го поддржи македонскиот правосуден систем во неговите активности, во насока на зголемување на неговата независност, ефикасност, ефективност и доверба на јавноста во правосудството.

Процесот на создавањето на оваа алатка, истакнуваат од Центарот за правни истражувања и анализи, беше долг, сеопфатен и инклузивен и во него беа вклучени бројни национални и меѓународни експерти, а истовремено преку организирани средби и дискусии во фокус-групи, беа консултирани претставници од сите засегнати страни, како што се: Министерството за правда, Судскиот совет, судии, судска администрација, јавни обвинители, јавни правобранители, адвокати, нотари, извршители, медијатори, медиуми, здруженија на граѓани, членови на академската заедница и други.

Новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор за периодот 2017-2022 ги постави новите приоритети за судските реформи и натамошниот развој на судството. Оттука, посочуваат од Центарот за првани истражувања и анализи, од голема важност е да се утврдат почетни линии за системско мерење не прогресот наспроти целите утврдени во Стратегијата, во согласност со меѓународните и европски стандарди и практики.

„Затоа првото официјално мерење на перформансите на правосудството е планирано да се спроведе во текот на 2018 година, а имајќи предвид дека станува збор за многу комплексен процес, во периодот на декември 2017 година, ЦПИА врши тестирање на целокупниот процес со цел да ги утврдиме предностите и недостатоците кои можат да се јават при спроведување на мерењето“, образложуваат од Центарот за правни истражувања и анализи.

М.В