/ Прочитано:

6.206

Централен регистар на РМ: Отворена е стечајна постапка за АД „ЕМО – Охрид“

Централниот регистар на Република Македонија во решението наведува дека предлогот за отворање стечајна постапка над должникот „ЕМО – Охрид“, кој го поднесоа доверителите Република Македонија, Министерство за финансии, УЈП РД Битола, се усвојува. Доверителите имаат рок од 15 дена од објавувањето на решението во „Службен весник на РМ“ да ги пријават побарувањата.

Централен регистар

За Акционерското друштво за истражување, проектирање, производство и изградба на енергетски индустриски објекти со полна одговорност „ЕМО – Охрид“, со седиште во охридското село Косел, е отворена стечајна постапка која е побарана од страна на Управата за јавни приходи, на која ова друштво ѝ должи поголема сума пари од неплатен данок и неплатени придонеси. Основниот суд во Охрид за стечаен управник на „ЕМО – Охрид“ го назначи Коле Волчевски од Битола.

Централниот регистар на Република Македонија во решението наведува дека предлогот за отворање стечајна постапка над должникот „ЕМО – Охрид“, кој го поднесоа доверителите Република Македонија, Министерство за финансии, УЈП РД Битола, се усвојува. Доверителите имаат рок од 15 дена од објавувањето на решението во „Службен весник на РМ“ да ги пријават побарувањата.

„Се повикуваат доверителите, во рок од 15 дена од објавувањето на решението во Службен весник на РМ, да ги пријават своите побарувања кај стечајниот управник на адреса на стечајниот управник ул. Прилепска бр. 53 а/3, Битола. Се повикуваат доверителите кои имаат разлачни права на подвижни предмети и правата на должникот, како и доверителите кои имаат разлачни права на недвижности на должникот кои не се запишани во јавните книги (Катастарот), во рок од 15 дена од објавувањето на решението во Службен весник на РМ, да ги пријават своите побарувања кај стечајниот управник. Во пријавата мора да се назначат предметот на кој постои разлачно право, начинот и основата за засновање на правото, како и обезбеденото побарување. Се повикуваат должниците на стечајниот должник да ги исполнат своите обврски кои ги имаат спрема должникот на стечајниот управник“, се вели во решението на Централниот регистар на Република Македонија.

Доверителот, како што стои во одуката на Централниот регистар, кој без оправдани причини намерно ќе пропушти да донесе и ќе го одолжува поднесувањето на пријавата одговара за штетата која би можела да настане поради тоа. Исто така, Централниот регистар напоменува дека отворањето на стечајната постапка треба да се запише во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на РМ, како и да се објави оглас на огласна табла на судот и во „Службен весник на РМ“. Стечајната постапка за „ЕМО – Охрид“ треба да се објави и во два дневни весници кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија.

Жалбата поднесена против ова решение не го задржува извршувањето на решението, наведува Централниот регистар на РМ.

Инаку, Акционерското друштво „ЕМО – Охрид“, кое е во доминантна сопственост на државата, е компанија која години наназад е во исклучително тешка финансиска состојба. За овој долгогодишен загубар, Владата, и покрај неколкуте обиди, не успеа да најде инвеститор, поради што уште во 2013 година УЈП побара да се отвори постапка за стечај на „ЕМО – Охрид“.

А. Б.