/Прочитано:

2.067

Четврта од третиот циклус студентски обуки – практични вежби од кривичното право

Во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик, вчера се одржа четвртата од третиот циклус студентски обуки посветени на прашања од кривичното право.

Предавач на обуката посветена на прашања од кривичното право, конкретно на прашањето за видовите пресуди, беше судијата Огнен Ставрев од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој има долгогодишно искуство во кривичната област, работејќи на значајни и тешки случаи од организираниот криминал.

Говорејќи за видовите на пресудите, судијата Ставрев посочи дека во кривичната постапка постојат осудителна, ослободителна и одбивателна пресуда. По завршување на главната расправа, истакна судијата Ставрев, односно по завршните зборови, претседателот на советот ќе објави дека главната расправа е завршена и советот ќе се повлече на советување заради донесување пресуда.

„Пресудата се изразува јавно и се објавува во името на граѓаните на Република Македонија. Откако судот ќе ја изрече пресудата, претседателот на советот веднаш ќе ја објави“, образложи судијата Ставрев, додавајќи дека пресудата мора писмено да се изготви во рок од 15 дена од објавувањето, а во сложени предмети по исклучок во рок од 60 дена.

На практичната обука за студенти и млади правници се говореше и за содржината на писмено изработената пресуда и за издавањето казнен платен налог. Писмено изработената пресуда мора наполно да ѝ одговара на пресудата што е објавена.

За кривични дела под надлежност на судија поединец, кога за тоа се располага со доволно докази, јавниот обвинител може да поднесе предлог за издавање казнен налог.

„Темата за пресудите во кривичната постапка е навистина интересна од практичен аспект. Кога и како се донесува пресудата, што треба таа да содржи, што значи изрека на пресудата, што се наведува во образложението, какви се видовите на пресудите, за сите овие прашања детално се говореше на обуката во организација на Академик. Особено беше интересно и прашањето што може да направи бранителот по донесувањето на пресудата, па така на обуката беше образложено дека против пресудата донесена во прв степен овластените лица, како што се странките, бранителот, законскиот застапник на обвинетиот и оштетениот, можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата. На обуката, исто така, се говореше и за постапката за издавање казнен налог. И ова прашање беше мошне умесно образложено. Сумарно, обуката помина одлично, беше проследена со голем интерес и со корисно предавање“, коментираат студентите и младите правници кои учествуваа на практичната обука.