/ Прочитано:

1.366

„Цивил – центар за слобода“ апелира граѓаните да се проверат и да пријават евентуални нерегуларности во Избирачкиот список

Во согласност со законските одредби, граѓаните можат да извршат јавен увид во Избирачкиот список до 9 септември на полноќ. И покрај оценката на ДИК дека увидот во Избирачкиот список од страна на граѓаните е задоволителен, „Цивил“ ги повикува сите граѓани со право на глас, што поскоро да се проверат и да пријават нерегуларности, односно доколку има потреба да побараат да се изврши дополнување, бришење или запишување во Избирачкиот список.

Невладината организација „Цивил – центар за слобода“ упати апел до граѓаните на Република Македонија да помогнат во ревизијата на Избирачкиот список и да пријавуваат нерегуларности. Во согласност со законските одредби, тие можат да извршат јавен увид во Избирачкиот список до 9 септември на полноќ.

И покрај оценката на ДИК дека увидот во Избирачкиот список од страна на граѓаните е задоволителен, „Цивил“ ги повикува сите граѓани со право на глас, што поскоро да се проверат и да пријават нерегуларности, односно доколку има потреба да побараат да се изврши дополнување, бришење или запишување во Избирачкиот список.

„Избирачкиот список останува предизвик за Државната изборна комисија и покрај нејзините напори за ревизија. Со оглед на претходното искуство, но и со состојбата на Избирачкиот список на референдумските изјаснувања во текот на изминатите месеци, ’Цивил‘ констатираше дека покрај вклучувањето на релевантни институции во решавањето на проблемите со Избирачкиот список, на ДИК му се потребни помош и соработка од гласачкото тело и организациите на граѓанското општество“, истакнуваат од оваа невладина организација.

Државната изборна комисија за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври предвидува два начина за проверка на Избирачкиот список, во самите општински изборни комисии или по електронски пат.

„Цивил“ препорачува, доколку се во можност, граѓаните да ги искористат и двата начина за увид во Избирачкиот список, со цел да помогнат во усогласување на податоците.

„Претходното искуство на Цивил наведува бројни примери каде што граѓаните според електронската проверка се во Избирачкиот список, а со увид на лице место нив таму ги нема. Истовремено, ‘Цивил’ ги повикува и граѓаните да го известуваат и ‘Цивил’ за сите неправилности на Избирачкиот список. Заклучно со 3 септември, според извештајот на ДИК, вкупно 16.319 граѓани се провериле во Избирачкиот список“, соопштува „Цивил“.

Имајќи предвид дека на претходните предвремени парламентарни избори во 2016, вкупно 1.784.416 граѓани имале право на глас, „Цивил“ констатира дека со ваквото темпо на увид во Избирачкиот список, ДИК се соочува со, како што истакнуваат оттаму, повторна хаварија на денот на изборите.

„Цивил“ информира дека во текот на оваа недела ќе излезе со свое гледиште и анализа на тема „Избирачки список“ базирани врз досегашните сознанија, но и пријави од страна на граѓаните, кои започнаа накратко по отворањето на Избирачкиот список за јавен увид.

А. Б.