/ Прочитано:

1.524

Црвенковски и Вељаноски не ја прифаќаат одлуката за нивно помилување

Црвенковски ги повикува сите останати чии имиња се најдоа во одлуките за помилување на Иванов да покажат морал и достоинство и да ја одбијат, како што вели, оваа антидемократска, антиправна и антидржавна одлука.

Бранко Црвенковски

Поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски денеска преку соопштение побара да биде избришано неговото име од листата на помилувани од актуелниот прв човек на државата Ѓорге Иванов.

Како што веќе објавивме, без да биде наведено за кое дело, со одлука за помилување –ослободување од гонење без спроведување на постапка е опфатен и Бранко Црвенковски.

„Ниту има каква било основа против мене да се води каква било постапка, ниту од Вас, ниту од  кого било барам и прифаќам помилување“, пишува Црвенковски во својата реакција.

Тој ги повикува сите останати чии имиња се најдоа во одлуките за помилување на Иванов да покажат морал и достоинство и да ја одбијат, како што вели, оваа антидемократска, антиправна и антидржавна одлука.

По однос на одлуките на Иванов се изјасни и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски чие име исто така е меѓу помилуваните.

„Сакам лично како човек и како пратеник да истакнам дека ниту сум побарал, ниту ја прифаќам одлуката за аболиција на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Но, исто така, сметам дека секоја јавна личност и политичар, вклучувајќи го и претседателот на државата треба да сноси одговорност за своите постапки и за своите одлуки“, вели Вељановски во денешната реакција во која, покрај другото, наведува дека не може да закаже седница на Собранието по неговото распуштање.