/ Прочитано:

5.485

„Да ги следиме современите трендови за легализација на канабисот“ – порачa стручната јавност пред бројната публика на Правниот факултет

Денеска во салата на Наставно-научниот совет при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа научна расправа на тема „Легализација на канабисот, да или не?“, во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари.

Пред бројната публика на денешниот настан говореа адвокати, судии, професори и обвинители, кои заклучија дека за прашањето за легализација на канабисот мора да се следат современите трендови и, во таа насока, да се отвори сериозна јавна дебата за усогласување на законодавството со либералните концепти за легализацијата на канабисот.

Во својот поздравен говор проф. д-р Никола Тупанчевски, основач и претседател на Здружението на млади кривичари, истакнувајќи го значењето на денешниот настан, нагласи дека Правниот факултет „Јустинијан Први“, како најстар храм на правото, е најдоброто место да се соочат аргументите и да се реализира расправата за легализацијата на канабисот од аспект на кривичноправната наука и практика.

Адвокатот Јанаки Митровски, основач на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ Скопје, во своето излагање даде историска перспектива на криминализацијата на канабисот и односот на конвенциското право кон ова прашање, акцентирајќи дека во 1996 година со новиот КЗ Македонија преку членот 215 го предвидува како посебно кривично дело неовластеното производство, држење заради продажба, продажба на наркотици, за што првично предвиде казна затвор од една до десет години, со тоа што понатаму се зголеми минималната казна од една на три години затвор.

Подоцна, посочи Митровски, се вметна и привилегиран облик на делото, а тоа е продажба, пренесување или производство на помали количини наркотици, психотропни супстанци или прекурзори.

Но, нагласи Митровски, токму во овој дел се јавува вакуум, од причина што КЗ е недоречен, односно не појаснува која количина ја поима како „помало количество“, ниту пак членот 122 кој ги појаснува значењата на изразите во КЗ не ни дефинира што подразбира по „помало количество“.

„Членот 215 од Кривичниот законик, кој го регулира ова прашање, е недоречен во смисла на тоа дека, иако ставот 2 од цитираниот член предвидува привилегирана или полесна форма на делото (помала количина), самиот закон тоа не го регулира ниту, пак, го казнува градациски за опасноста од наркотикот по здравјето на луѓето и степенот на опасност од создавање зависност. Затоа ‘на помош’ доаѓа Јавното обвинителство кое на незаконски начин со интерно упатство го дополнува Законот и се става во улога на законодавец“, истакна Митровски, нагласувајќи дека казнувањето треба да се градира и дека за прашањето за декриминализација на канабисот мора да има сериозна и издржана јавна расправа во континуитет.

Судијата Владимир Туфегџиќ, судија во Основен суд Скопје 1 – Скопје, истакна дека употребата на канабис е лична одлука на секој поединец и дека тој е да се следат современите трендови. Во минатото, рече судијата, и тутунот се сметаше за дрога, а денес е достапен за сите. Во однос на компаративните искуства и во поглед на држави со либерални ставови за ова прашање, судијата ги посочи Израел и Италија.

„Користењето на канабис до 15 грама во приватни цели не е казниво, а доколку се користи јавно се казнува со 225 евра. Притоа, доколку едно лице до 4 пати се обиде да користи канабис на јавно место, се опоменува и се казнува парично, а дури ако биде фатено по петти пат, тогаш станува збор за кривично дело. Во Италија пак дозволено е и одгледување“, нагласи судијата Туфегџиќ.

Тој додаде дека позитивен пример е и хрватското решение каде што во Кривичниот законик децидно се пропишува казнивоста за дрогите кои прецизно се пропишани со конкретен акт. „Во таа смисла, а во однос на прашањето за легализација на канабисот, јас сум за следење на современите и на европските трендови“, нагласи судијата Владимир Туфегџиќ.

Јавната обвинителка од СЈО Ленче Ристоска нагласи дека легализацијата на канабисот не смее да биде по секоја цена, односно дека легализацијата на канабисот треба да биде во строга законска рамка и процедура и под сериозна контрола од страна на државата. Таа потсети дека Македонија е потписник на низа конвенции кои ја обврзуваат да прави строги контроли на опојните дроги, како што е Единствената конвенција за наркотични дроги.

Ристоска истакна дека во Македонија има, како што рече, блага неусогласеност на прописите во однос на ова прашање и дека отсуствуваат сериозни научни анализи и аргументации за кои треба да се дебатира, како што е на пример прашањето дали употребата на канабис генерира криминалитет. Обвинителката Ристоска потенцираше дека не е доволна аргументацијата и законското образложение зошто канабисот е дозволен само за медицински цели, а не и за лична употреба.

„Во Македонија канабисот се смета за опојна дрога од прва категорија и е строго забранет. Државата би требало да го декриминализира канабисот, но треба 100 пати повеќе од сега да врши контрола на опојните дроги“, рече Ристоска.

Проф. д-р Александра Деаноска,  основач на Здружението за млади кривичари, истакна дека во дебатите за легализација на канабисот, покрај мислењето на кривичноправната наука и медицинското казнено право, клучно е и мислењето на биоетиката, социологијата, медицината и психологијата. Во контекст на кривичното право и систем, Деаноска истакна дека има разлика помеѓу либерализација, легализација, депенализација и декриминализација на канабисот. За кој модел и да се дебатира неопходно е да има јавна расправа и аргументации. За професорката Деаноска несомнено е потребно членот 122 потемелно да ги појаснува значењата на изразите во КЗ, односно прецизно да се  дефинира што се подразбира под поимот „помало количество“. Професорката во своето излагање ги посочи и современите меѓународни примери во однос на легализацијата на канабисот.

М.В