/ Прочитано:

678

Да се воведе ред во потрошувачкиот хаос: прецизно закoнско регулирање на распродажби, намалувања, лажни попусти

На работна средба на членките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија со претставници од Министерството на економија на Република Македонија и Државниот пазарен инспекторат, се  расправаше за покренатата иницијатива за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите.

Во Законот за заштита на потрошувачите  со одредбите на чл. 12, 13 и 14 се регулирани прашањата кои се однесуваат на распродажба на производите. Со оглед дека одредбите не се доволно прецизни, Здружението на трговијата предложи текст со иницијатива за дефинирање на различните видови на распродажбите на сезонските производи, на производите кои се исфрлаат од продажба, производи со грешка, производи на кои им истекува рокот на траење, но и за сите други видови на продажба со различна продажна цена од редовната. Стопанските субјекти од трговијата, во делот на информирањето на купувачите и спроведувањето на маркетиншките активности за подобро истакнување на предностите на секој субјект и поттикнување на продажбата, имаат потреба од допрецизирање на овие одредби со опфаќање на можноста за намалување на одредени цени за одредени производи за определен период, како и за производи за определена намена.

Поради наведените причини, а со цел да нема дилеми, трговците предлагаат Законот да предвиди различни облици на продажба кои би ги опфатиле сите облици кои и сега трговците во Македонија и во други земји ги применуваат. Примери за такви закони има во некои европски држави.

Членките на Здружението на трговијата предлагаат да се предвидат повеќе облици на продажба, како и други соодветни елементи, од тоа како производите да бидат означени и  изложени во маркет, времетраење пред и по воведувањето на овие продажби и слично. Истовремено, одредбите да бидат јасни и прецизни, едноставни и применливи. Потребно е да се допрецизираат термините: распродажба, акција, рок, означување, сезонско намалување, трајно намалување и нов производ.

Од Министерството за економија истакнаа дека ќе се подготвува нов закон за заштита на потрошувачите, при што ќе бидат земени предвид Директивите од Европската унија за овој сектор, но и укажувањата на членките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија од овој состанок, како и вклучувањето на стопанските субјекти од трговијата при предвидената јавна расправа во процесот на донесувањето на новата законска регулатива.

М.В

15.10.2014