/ Прочитано:

1.932

ДА СЕ ВРАТИ СТАРОТО РАБОТНО ВРЕМЕ ОД 7:30 ДО 15:30 – едно од барањата на УПОЗ и ЗСА на утрешниот штрајк

Едно од барањата на утрешниот штрајк на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија е и повторно враќање на старото работно време.

akad 4

„Синдикатот на УПОЗ и ЗСА, покрај веќе истакнатите барања за измена на Законот за судска служба, со утрешниот штрајк ќе побараат и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5 % на јавната администрација и враќање на работното време од 7:30 до 15:30 часот. Промената на работното време и понатаму е на врвот на листата на барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ, нормално, заедно со потребата од зголемување на платите и законските измени“, велат за Академик од УПОЗ.

Прашањето за враќање на старото работно време од УПОЗ не го актуализираат првпат. Кон крајот на минатата година, од УПОЗ истакнаа дека ќе ја реактивираат Иницијативата за промена на работното време, која претходно била расправана од страна на работната група формирана од Економско–социјалниот совет на РМ и за која се согласиле претставници на ресорните министерства, синдикатите и работодавачите.

Податоците од анкетата што ја направил УПОЗ за потребата од менување работно време, како што велат од УПОЗ, покажуваат дека за над 75 проценти од испитаниците кои биле опфатени со анкетата  новото работно време е контрапродуктивно и побарале негово менување.

„И покрај тоа што беше постигната согласност од сите заинтересирани страни, Владата на РМ не го зеде предвид ова и понатаму работното време во РМ остана непроменето, но негативностите од сегашниот распоред на работното време не исчезнуваат ниту, пак, се намалуваат со текот на времето, а нивните последици се сè повидливи“, велат од УПОЗ.

Штрајкот на УПОЗ И ЗСА започнува утре и најавено е дека ќе трае три дена, од 23 до 25 март. Како што велат од УПОЗ, во среда и во четврток штрајкувачите ќе ја прекинат работата во полно работно време, додека во петок ќе биде организиран протест кој ќе започне во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија, ќе се одвива и пред Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација, а ќе заврши пред Владата. Штрајкот е  продолжување на предупредувачкиот штрајк од 03.12.2015 година.

ДА СЕ ВРАТИ „СТАРОТО“ РАБОТНО ВРЕМЕ ИЛИ ДА СЕ ВОВЕДЕ ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ – УПОЗ ја реактивира Иницијативата

(ФОТО) ШТРАЈК НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: „Ако за една недела не се исполнат барањата, можен е и генерален штрајк!“

М.В / veljanoskim@akademik.mk