/ Прочитано:

1.847

ДА СЕ ЗГОЛЕМИ СВЕСТА ЗА ЕДНАКВИТЕ МОЖНОСТИ: Пред уставот мажите и жените се еднакви, но во практиката фактите се поинакви

Oстварување меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање стратегиски политики за развој беа централните теми за кои се говореше на „Глобалниот самит на жени лидери 2017“.

Дводневниот „Глобалeн самит на жени лидери 2017“ ги обедини жените штосе успешни во својата професија во најразлични области: политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Учествуваа над 40 еминентни жени лидери во улога на панелисти и над300 гости од земјава и странство.

„Потребно е надминување на јазот во родовата еднаквост и поголемо учество на жените лидери во бизнисот и во политиката“, беше порачано на самитот организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија, Асоцијација на бизнис жени, како и од Светската бизнис организација.

Иако има извесен напредок во поглед на родовата еднаквост, беше нагласено на настанот, жените во Македонија не успеваат да стигнат до клучните позиции во општеството. Пред уставот и законите мажите и жените се еднакви, меѓутоа на терен бројките се поинакви, така што е потребно да се зголеми свеста за еднаквите можности.

„За разлика од квотите што постојат во политиката и јавниот сектор, во приватниот сектор нема загарантирани квоти и секој треба да се избори на пазарот во согласностсо својата компетентност и квалитет, постои нерамноправна борба бидејќи да бидеш еднаков значи да постојат еднакви можности за развој. И покрај тоа што жените се храбри и смели, не се доволно застапени на раководните функции, пред сѐ поради стереотипите и недоволната свесност во Република Македонија. Потребно е да се изнајдат начини како да се поттикнат и поддржат жените да стапат на раководни функции и зошто да немаме во блиска иднина жена на највисоките позиции како премиер или претседател на Република Македонија“, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска.

На настанот беше нагласено дека во приватниот сектор,жените не се доволно застапени на раководни позиции. Беше посочено дека во македонското Собрание има повеќе од 33 отсто жени, но тие немаат доволно гласност, иако нивните иницијативи промениле многу работи кон подобро. Како што беше посочено на настанот, поразителен е фактот што жените не се наоѓаат на највисоки политичко-раководнипозиции во Република Македонија.

Според министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, која учествуваше на вториот ден од „Глобалниот самит на жени лидери 2017“, развојот на технологијата како професија нуди многу можности и придонесува за отворање на нови работни места и оттука таа треба дабиде предизвик за вклученост на жените во овој домен на бизнис секторот.

Република Македонија, истакна Арсовска-Томовска, уште во 2012 од страна на Обединетите нации, беше посочена како земја со најиновативен пристап во мотивирањето на младите жени и девојки да се вклучат во технологијата, преку иницијативата „Девојки во ИКТ“ која е сѐ уште актуелна.

„Работните места во технологијата стануваат сѐподефицитарни и јазот меѓу можностите и потребите е сѐ поголем. Информатиката не е само машка професија и на младите девојки и жени треба да им се сугерира да ја изберат, бидејќи оваа професија обезбедува сигурна иднина“, посочи Арсовска-Томовска.

M.В