/ Прочитано:

2.879

ДАЛИ ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА РАБОТАТ ЕФИКАСНО И ЕКОНОМИЧНО: Анализа за работењето на јавните претпријатија во скопскиот плански регион

Јавните претпријатија се посебни форми на правни лица кои вршат дејност од јавен интерес. Во скопскиот плански регион работат 13 јавни претпријатија. Тие вршат широк круг на дејности од јавен интерес, од комунални услуги, уредување на јавните зелени површини, организирање на јавните паркинзи, па до одржување на улиците и патиштата.

Многу често се поставува прашањето колку се задоволни граѓаните од услугите што ги добиваат од јавните претпријатија. Дали навреме ќе биде исчистен снегот од улиците, дали во летните месеци нема да има рестрикции од вода, дали навремено ќе бидат испразнети контејнерите и ред други прашања кои ги мачат граѓаните.

Во таа смисла, дополнително се наметнува и прашањето како функционираат јавните претпријатија, колкав е бројот на нивните вработени, дали остваруваат добивка, дали имаат капацитети да одговорат на потребите на граѓаните.  Токму оваа тема беше предмет на анализа на проектот „Транспарентно Скопје – Анализа за креирање на отворени и достапни бази на податоци за поттикнување реформи и заштита на јавниот интерес во скопскиот регион“, спроведен од Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје, поддржан од Европската Унија и Центарот за граѓански комуникации од Скопје.

Колкав е бројот на вработени во јавните претпријатија?

Како основачи на јавни претпријатија во скопскиот плански регион се јавуваат Градот Скопје и општините Центар, Сарај, Петровец и Илинден. Вкупниот број вработени во сите јавни претпријатија во 2016 година е 5449, од кои 5094 лица се вработени во редовен работен однос, додека пак со договор на дело и со договор за привремени вработувања, ангажирани се 355 лица.

Најголемо јавно претпријатие со 1394 лица е Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, понатаму следуваат Јавното претпријатие „Комунална хигиена”, со 1137 лица во редовен работен однос и дополнителни 122 лица во категоријата договор на дело или договор за повремени вработувања, а трето јавно претпријатие по број на вработени е ЈП „Водовод и канализација“, со 1140 лица во редовен работен однос и 92 лица ангажирани со категоријата договор на дело или договор за повремени вработувања. Најмало јавно претпријатие со број на вработени во скопскиот плански регион е ЈКП „Сопиште“ со 11 вработени и 4 лица ангажирани во категоријата договор на дело или договор за повремени вработувања.

Дали парите се трошат ефикасно?

Исто така, едно од клучните прашања што се наметнува во јавноста и што си го поставуваат граѓаните е дали парите кои јавните претпријатија ги собираат преку сметките на граѓаните или преку надоместокот кој се плаќа за користење на одредени услуги (како на пример, паркинг услуги, возење со градски сообраќај и слично) се трошат ефикасно.

Во таа смисла, прашањето што особено ги засега и мачи граѓаните е дали јавните претпријатија работат домаќински и создаваат добивка или прикажуваат загуба и се задолжуваат. Во 2016 година со исклучок на ЈКП „Сопиште“ и ЈП „Градски паркинг“ од Скопје, сите други јавни претпријатија работеле со добивка.

Според податоците на анализата, она што се забележува на прв поглед е дека ЈП „Градски паркинг“, иако во 2016 година остварило промет од 25 милиони евра, годината ја завршило со загуба од 130.000 евра.

Топ три јавни претпријатија со најголема добивка според нивните завршни сметки се: 1) ЈПК „Комунална хигиена“ со добивка од 130.761.629 денари (или 2,1 милиони евра), ЈСП „Скопје“ со добивка од 65.260.231 денари (или 1,1 милиони евра) и „Дрисла“ со добивка од 41.825.289 денари (685.000 евра). Од сите јавни претпријатија најмала добивка остварило ЈКП „Водовод“ од Општина Илинден, 1.007.480 (или околу 15.000 евра). Загубата на ЈКП „Сопиште“ е 977.833 денари или околу 15.000 евра, додека, пак, загубата на ЈП „Градски паркинг“ е 8.242.740 денари (130.000 евра). Друга бројка која е интересна за граѓаните е износот што на годишно ниво го наплаќаат јавните претпријатија (односно прометот) за услугите што им ги даваат на граѓаните.

Во таа насока, најголем промет во 2016 година прикажува ЈП „Градски паркинг“ Скопје со промет од 1.555.556.050 денари (25 милиони евра), следува ЈСП „Скопје“ со промет од 1.544.732.307 денари и на трето место е ЈП „Водовод и канализација“ Скопје со годишен промет од 1.281.830.033 денари  (околу 20 милиони евра) во 2016 година.

Транспарентноста и отчетноста на јавните претпријатија мора да се подобри

Презентираните бројки, се посочува во анализата, покажуваат дека треба да се подобрат транспарентноста и отчетноста на јавните претпријатија. Граѓаните имаат право да знаат како се трошат парите и каков квалитет на услуги добиваат за дадените пари. Јавните претпријатија мора да ги користат своите ресурси ефикасно и да овозможуваат што поефикасни услуги за граѓаните.

М.В