/Прочитано:

2.878

„Дали примената на одредбите од Законот за стечај ја исклучува примената на одредбите од Законот за облигационите односи?“ – примери од адвокатската практика

Едно од прашањата што често предизвикува дилеми во судската практика е прашањето дали примената на одредбите од Законот за стечај ја исклучува примената на одредбите од Законот за облигационите односи. Во правничката фела, вели адвокатот Петро Јанура, постојат спротивставени мислења околу оваа проблематика, кој ова прашање го образложува низ призмата на неговата адвокатска практика.

„Законот за стечај, како lex specialis, го уредува побивањето на правните дејства на стечајниот должник, кој го санкционира преземањето правни дејствија пред отворањето на стечајната постапка со кои одделни доверители се ставаат во поповолна положба. Во такви услови не може да се применат одредбите од Законот за облигационите односи, кои се однесуваат на ништовност на договорите.“

„За ова правно стојалиште, несомнено, постојат различни, но испротивставени мислења во правничката фела. Прашањето што се наметнува е дали примената на одредбите од Законот за стечај ја исклучува примената на одредбите од Законот за облигационите односи? За да можеме да дојдеме до одговор на ова прашање, би издвоил дел од мојата адвокатска практика, три случаи каде што имам застапувано мои клиенти во улога на тужени од страна на стечаен должник“, вели Јанура.

Во сите три постапки, појаснува адвокатот, одлучено е во корист на моите клиенти со примена на Законот за стечај како lex specialis. Имено, станува збор за постапки каде што стечајниот должник поднесува тужба со која бара да се утврди ништовност на договори за купопродажба на недвижен имот кои странките ги склучиле пред отворањето на стечајната постапка врз продавачот. Во односните постапки утврдување ништовност се бара во согласност со  одредбите од Законот за облигациони односи.

„Најпрвин тужбата на стечајниот должник е усвоена од Основниот суд и пресудата е потврдена од Апелациониот суд. По поднесениот правен лек ревизија, Врховниот суд ги прифати моите ревизиски наводи и предметот е вратен на повторно одлучување пред Основниот суд. Постапката е завршена во корист на моите клиенти на начин што тужбеното барање е одбиено“, вели Јанура.

Врховен суд, посочува адвокатот, јасно укажува дека во ситуација кога со Законот за стечај како lex specialis е предвидено побивањето на правното дејствие, во конкретниот случај договор помеѓу странките, не може да дојде до примена на одредбите од Законот за облигационите односи кои се однесуваат на ништовни договори.

Понатаму, Врховниот суд укажува дека ништовноста на еден договор не може да се утврдува во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи, доколку условите за побивање и неважност на ваквиот договор се уредени со друг, посебен закон.

„Дотолку повеќе што со Законот за стечај се предвидени и поинакви законски услови во врска со тоа кој може да поднесе тужба  за побивање и рокови за нејзино побивање, како и поинакви правни последици од оние што произлегуваат од ништовност на договорите како правен институт на облигационото право“, образложува Јанура.

Имено, појаснува Јанура, со Законот за стечај е предвидено дека ако барањето за побивање на правно дејство се прифати, побиеното правно дејствие е без дејство спрема стечајната маса и спротивната страна е должна да ги врати сите имотни користи стекнати врз основа на побиеното дејствие.

Од друга страна, истакнува адвокатот, последиците од ништовноста на договорите, во смисла на Законот за облигационите односи, се враќање на применото врз основа на таквиот договор или давање соодветен надомест во пари на другата договорна страна. По јасните напатствија на Врховниот суд, пониските судови одлучија на начин што го одбија тужбеното барање.

„Во конкретниот случај, судовите го применија Законот за стечај (Сл. весник на РМакедонија бр. 55/97 од 29.10.1997 год.) како lex specialis во случајот според кој тужба  за побивање на правните дејствија може да се поднесе во рок од две години од отворањето на стечајната постапка, а најдоцна до заклучувањето на стечајната постапка. Судовите утврдија дека тужбата е поднесена по истекот на рокот од две години од отворањето на стечајната постапка и го одбија тужбеното барање. На овој начин, судовите го применија Законот за стечај како lex specialis наспроти Законот за облигациони односи, според кој правото на истакнување на ништовноста е неограничено, не се предвидени законски рокови, односно не се гаси. На ист начин, правосилно е одлучено и во уште двете постапки каде што се јавувам како адвокат“, резимира Јанура.

М.В