/ Прочитано:

1.476

Даночниот систем и социјалната политика во програмата на новата Влада на РМ

Новата реформска Влада на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните”, со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на луксузни производи. Што се однесува до делот за работните места и областа на трудот, oсновни цели на Владата во областа на трудот во периодот на мандатот се: вработување во приватниот сектор на 64.000 лица со помош на активни мерки, подигнување на минималната плата на 16.000 денари (до крајот на мандатот) и обезбедување поголема заштита на работничките права.

Според објавената предлог-програма на Владата на Република Македонија 2017-2020, се предложува праведен даночен систем, а целта е обезбедување поголема праведност во даночниот систем, со намера да се врши корекција во неправедната распределба на доходот и општественото богатство. Некои од поважните мерки кои се однесуваат на оваа област се:

– воведување поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%) што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните кои имаат многу ниски месечни лични доходи. За мнозинството граѓани ќе остане стапката од 10%, а дополнителната стапка од 18% ќе се воведе само за дополнителниот приход на лицата со највисок доход

– укинување на максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати

– воведување можност даночната стапка на данокот на имот за резидентен и нерезидентен недвижен имот со пазарна вредност повисока од 400.000 евра да се зголемува за 0,1 процентен поен

– зголемување на стапката на акцизата на патнички автомобили во вредност повисока од 40 илјади евра.

Новата реформска Влада на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните”, со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на луксузни производи.

Што се однесува до делот за работните места и областа на трудот, oсновни цели на Владата во областа на трудот во периодот на мандатот се: вработување во приватниот сектор на 64.000 лица со помош на активни мерки, подигнување на минималната плата на 16.000 денари (до крајот на мандатот) и обезбедување поголема заштита на работничките права.

Во таа насока, ќе бидат преземени следниве поважни мерки и активности:

– зголемување на минималната плата на 12.000 денари во првата година на мандатот и таа ќе важи и за трите оддели со најниски плати. Ќе биде воведена буџетска финансиска поддршка за одделите со најниска плата, со цел нивно постепено приспособување на оваа обврска

– алоцирање на 22 милиони евра за активни мерки за вработување. Ќе се настојува сумата да расте секоја година, со цел на крајот на мандатот да изнесува 33 милиони евра

– стимулирање на отворање на подобро платени работни места. Ќе се воспостави поддршка на малите и средните претпријатија при вработување на невработени лица, која ќе има за цел отворање на нови работни места, вбризгување на ликвидност во претпријатијата и полнење на фондот за ПИОМ

– воведување на проект „Гаранција за младите”, кој ќе обезбеди во период од четири месеци по завршување на школувањето или станување невработен секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да стапи на пракса или тренинг за подготовка за вработување

– донесување нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Со него ќе се воспостави и регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистaр

– донесување Закон за социјално претприемништво преку кој ќе се олесни пристапот до пазарот на трудот за социјално ранливи категории граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и нивното инвестирање во социјални цели

– со законски измени ќе се ограничи времетраењето на договорите за вработување на определено време и тие ќе бидат поврзани со работното место, а не со извршителот. Ако се работи за ново работно место, договорот за вработување на определено време по 6 месеци ќе мора да се трансформира во вработување на неопределено време

– со законски измени ќе се обезбеди работниот однос што непрекинато трае подолго од 9 месеци (сезонски работници) и ќе продолжи во следната календарска година, да се трансформира во работен однос на неопределено време

висината и бројот на отпремнини за работникот во случај на прогласување технолошки вишок ќе бидат зголемени за 20%

– одредување на забрана за ново вработување во период од 2-3 години, во случај на прогласување технолошки вишок, за истото работно место. Доколку работодавецот има потреба да вработи лице на исто или слично работно место, тогаш прво ќе мора да го контактира лицето кое го отпуштил врз основа на технолошки вишок

– донесување законско решение со кое вработените ќе бидат заштитени во случај на несолвентност на нивниот работодавач

– вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, заради дополнително унапредување и заштита на жените работнички

– гарантирање на враќање на истото работно место по породилното отсуство и задржување на истото работно место во наредната година

– унапредување на работното законодавство со дополнителна заштита на бремените жени работнички

– овозможување на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци (по истекот на 3. месец, мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство).

Клучна цел на Владата во областа на социјалната политика е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година. Владата ќе го постави системот на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита. Воедно, ќе се воведе принципот на семеен социјален работник, близок со граѓаните кој работи на превенција и интервенција. Владата ќе понуди решение на проблемот на стечајните работници и ќе обезбеди паричен надоместок на сите категории стечајни работници кои имаат најмалку 15 години стаж и старост од 52 години за жени и 55 години за мажи.

Владата ќе предложи намалување на надоместокот за извршителите и за должниците кои се социјални случаи и извршувањето ќе биде без наплата на извршителска тарифа. Ќе се воведат ограничувања според кои судските такси и трошоци нема да можат да бидат повисоки од 20% од спорот, а кумулативот на каматите нема да смее да биде повисок од висината на главнината, за сите семејства чии просечен месечен приход е понизок од една просечна месечна плата.

Програмата на новата Влада во делот на правосудството, пристап до правдата и човековите права

Предлогот за новиот владин кабинет доставен до Собранието на Република Македонија

С. М.