/ Прочитано:

2.055

Даночните експерти предлагаат реформа на данокот на добивка која ќе овозможи поправедно оданочување

Даночните експерти и економските аналитичари сметаат дека во Македонија има простор за подобрување на данокот на добивка кое треба да се движи во насока на модернизиран и праведен даночен систем. Првенствено, потребни се промени на данокот на добивка, кој ќе биде поправеден за фирмите и подобар за буџетот.

„Профитите на компаниите во македонската економија постојано растат и тоа толку многу што Македонија стана една од ретките земји во Европа во која профитите на компаниите ги надминуваат платите на работниците. И покрај тоа, стапките на економски раст остануваат ниски, а невработеноста, сиромаштијата и социјалните разлики рекордни во Европа. Оттука, се чини прашањето веќе не е – дали ни се потребни промени кај данокот на добивка, туку – какви промени ни се потребни“, велат од Асоцијацијата на економски истражувачи, која за ова прашање заедно со Центарот за даночна политика организираа трибина насловена „Какви промени кај данокот на добивка се потребни“.

На трибина економските аналитичари и даночните експерти беа согласни дека треба да се променат данокот на добивка и сегашната рамна даночна стапка, да се модернизира и да се воведе прогресивна стапка која ќе овозможи поправедно оданочување.

Според економскиот аналитичар д-р Бранимир Јовановиќ, потребата за реформи во даночниот систем во Македонија е неопходност. Македонскиот даночен систем, нагласува Јовановиќ, е неправеден и е поставен така што сиромашните плаќаат многу, а големите профитери плаќаат малку. Она што го плаќаат работниците, на пример, преку персоналниот данок е 34%, а големите компании кои создаваат висок профит плаќаат само 10%.

Јовановиќ посочува дека околу две третини од вкупните компании во македонската економија се генерираат од страна на дваесетина компании кои имаат монополска или олигополска позиција на пазарот и живеат од рента која треба да им припаѓа на сите граѓани. Затоа, вели Јовановиќ, неопходно е да се направи реформа на данокот на добивка кој треба да биде прогресивен.

Според даночните експерти, не постои земја во Европа и светот која има учество на данокот на добивка под 50 отсто во домашниот бруто-производ (БДП). Во Македонија, вели Јовановиќ,  учеството на овој данок во БДП е околу 45 отсто.

За Славко Лазовски од Центарот за даночна политика, несомнено е потребна реформа на данокот на добивка која треба да биде добро осмислена, транспарентна и предвидлива. Потребно е, вели Лазовски, да се направи даночна прогресија кај овој данок кој би дал подобри ефекти.

„Прогресивната даночна стапка е подобра. Потребно е да се направи даночна прогресија кај овој данок, со што би се овозможило различно да бидат оданочени субјектите според нивниот профит. На тој начин ќе се овозможат подобри ефекти отколку кај персоналниот данок.

Борче Смилевски, претседател на Центарот за даночна политика, вели дека дебатата за промена на даночниот систем и данокот на добивка треба да биде во насока на тоа дали е потребна промена околу прагот и околу висината на добивка на оданочување на правните лица или да се размислува за некое концентрирано оданочување кај одредени даночни субјекти.

М.В