/ Прочитано:

735

ДАВИТКОВСКИ: Новиот ЗОУП ќе нуди поголема заштита на правата на корисниците на услугите од јавните дејности

Четврток, 11 септември 2014 – Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше Јавна расправа за Предлог-законот за општа управна постапка, на која претставници на институциите можеа да дискутираат за содржината на предложеното решение. Според деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, новиот Закон за општа управна постапка ќе нуди поголема заштита на правата на корисниците на услугите од јавните дејности. 

„Новиот Закон за општа управна постапка е подготвен согласно европските стандарди и начела со помош на експертите на ЕУ. Управните договори што ги склучува државата мора да се направат согласно прописите на општата управна постапка, што претставува радикална новина“,  рече  Давитковски. 

Компаниите што нудат јавни услуги за телефонија, електрична енергија, парно греење, кабелска телевизија, според Давитковски, во случај на неплатена сметка не можат да ја скратат услугата без да го повикаат корисникот, да го информираат и да донесат решение.

„Сега мора да спроведат општа управна постапка со цел да ве исклучат. Ако не сте платиле сметка мора да ви поведат постапка, да ве повикаат да ви кажат дека не сте платиле, да ви донесат решение, кое вие можете да го обжалите. Исто така, ако не сте задоволни од квалитетот на услугите на пример од Телеком, исто така можете до регулаторното тело да поднесете приговор и да се жалите дека не сте задоволни од услугите, а регулаторното тело може соодветно да ја казни установата што врши јавни услуги односно јавни служби“, изјави Давитковски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски се надева дека новиот закон ќе ја подобри работата на администрацијата, а граѓаните ќе бидат позадоволни од услугите. Се предлага целата комуникација помеѓу институциите под управна постапка да се спроведува на електронски начин.

„Целата комуникација меѓу институциите под управна постапка се предлага да се спроведува на електронски начин. Тоа значи дека документите кои ги испраќа првостепениот орган до второстепениот, задолжително ќе мора тоа да го направи во електронски формат. На тој начин, многу јасно и прецизно ќе се знае кои документи стигнале од првостепениот орган до второстепениот, кој ги испратил, кога ги испратил и кога тие пристигнале. Целта е да нема случувања како досега, бидејќи граѓаните постојано се жалат дека една институција постојано ги губи нивните документи и барања. Овој закон тоа нема да го дозволува“, истакна министерот Ивановски.

Со Предлог – законот за општата управна постапка се уредува постапката за сите управни дејствија на државните органи, органите на локалната самоуправа и на други установи или правни лица кога вршат јавни овластувања, како и правни лица кои даваат услуги од општ интерес, со цел на граѓаните да им се гарантира заштитата на нивните права и правни интереси, а истовремено да се овозможи заштита на јавниот интерес.

Според Министерството за информатичко општество и администрација, концептот на ЗОУП кој денес е несоодветен да одговори на новата сложена состојба е основната причина за предлагање на новото законско решение.

>> Предлог – закон за општата управна постапка

>>  Новиот ЗОУП повеќе избалансиран во интерес на граѓаните

Е. П.