/ Прочитано:

1.923

ДЕБАТА: „Судиите се чувари на угледот на десетина високи функционери, а не на јавниот интерес“

Судовите треба да покажат во практика дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Судиите се чувари на угледот на десетина високи функционери, а не на јавниот интерес. Притисоци во судството секогаш ќе има, но квалитетот на судиите е пресуден. Ова се дел од заклучоците на дебатата „Судиите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси“ која денеска се одржа во Скопје.

IMG_8403Адвокатот Жарко Хаџи-Зафиров, кој заедно со доц. д-р Дивна Илиќ-Димоски е автор на публикацијата на истоимената тема, посочува дека истражувајќи го ова прашање дошле до заклучок дека во најголем дел од пресудите, речиси никогаш не се објаснува што е јавен интерес.

„Голем дел од заклучните согледувања во публикацијата се однесуваат на клеветата и навредата. Она што е евидентно е дека не постои конзистентност во постапувањето на судиите, особено кога е новинар во прашање. Досега не сум видел некој јавно да се извини. Сите се фокусирани на надомест на штета“, истакна тој.

За разлика од граѓанските судови, како што рече Хаџи-Зафиров, Управниот суд, како и Вишиот управен суд, многу почесто се сретнуваат со прашања во кои јавниот интерес е предмет на одлучување, но тие не навлегуваат во едно пошироко толкување на истиот во предметите во кои одлучуваат. Како што рече, постојат бројни примери од практиката каде што судот ја цени само законитоста, но не и суштината на правната работа.

Според Маргарита Цаца-Николовска, претседателка на Институтот за човекови права и и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, Македонија е пред голем тест во однос на прашањето како да го соочуваат интегритетот судиите во услови на притисоци.

„Самиот збор интегритет значи одреден квалитет. Чувството на заслуга дека се избрани за судии тие понатаму треба да го елаборираат во практиката. Судијата кој не постапува квалитетно нема интегритет. Судиите мора да носат квалитетни и аргументирани одлуки. Не можам веќе да го прифатам размислувањето од 19-ти век дека ние сме континентален систем и не можеме да ја прифатиме практиката на Европскиот суд за човекови права  бидејќи не е извор на правото. Како да ја применуваме Европската конвенција за човекови права, ако не ја прифатиме праксата на Судот за човекови права. Ако се применуваат Уставот, законите, меѓународните документи и акти, тогаш интегритетот на судијата зајакнува и притисоците се намалуваат. За каков притисок ќе зборуваме ако во одлуката на судијата се наведени сите аргументи. Ако Апелациониот суд има аргументирана одлука, се прашувам како таа може да биде укината“, рече Цаца-Николовска.

Според уредничката на неделникот „Фокус“ Јадранка Костова, случајот „Мијалков против Фокус“, кој заврши со пресуда во корист на ексдиректорот на УБК и тужените новинари беа задолжени да му платат  вкупно 6.000 евра, е типичен пример како постапуваат судиите кои треба да се грижат за јавниот интерес.IMG_8382

„Пресудата требала да нѐ направи поодговорни новинари, а јас мислам дека резултира со понедоговорни политичари. Објавувањето на текст кој се однесува на носител на функција не е од јавен интерес за судијата. Ексамбасадор не е сериозен извор за судијата бидејќи е поранешен и има семејни проблеми… “, рече Костова.

Според Костова, судијата при одлучувањето воопшто не ја зел предвид нивната имотна состојба.

„Казните за нас беа драконски и значеа затворање на медиум. Многу сум благодарна на оние што ни помогнаа да ги собереме парите. Судската такса за да се жалиме на Апелација нè чинеше 1.500 евра, а знаевме дека нема да добиеме ништо. Истото се однесува и на Врховниот суд. Овие инстанции ги поминуваме само за да стигнеме до Стразбур“, истакна таа.

„Судиите се чувари на угледот на десетина највисоки функционери, а не на јавниот интерес“, додаде Костова.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски, пак, се осврна на потребата за формирање на специјалното обвинителство.

„Се доведовме во состојба проблемите во државата да ги решаваме со специјални закони и специјално обвинителство. Потребата од формирањето на оваа институција е очигледна“, истакна тој.

Според адвокатката Наташа Трпеноска, во Македонија во последно време се избираат не толку квалитетни судии  и честопати како резултат на тоа одлуките се укинуваат.

IMG_8362

„За жал, одлуките не зависат од само од квалитетни закони, туку во најголема мера од компетентни судии. Секојпат судот треба да е коректив. За жал, бројот на квалитетни судии во Македонија се намалува. Не велам дека нема квалитетни судии, но тие се се помалку“, рече Трпеноска.

За доц. д-р Димитар Апасиев дегутантно е да се зборува за судиите, во услови „кога шеф на тајна служба ѝ соопштува на вработена во Кривичниот суд дека ја избрале за судијка“. Според него, околу 200 судии треба да се прогласат за технолошки вишок.

„Имаме рекорден број на судии по глава на жител, а најбавна правда. На два милиони жители треба да имаме 400 судии, а ние имаме 650“, истакна тој.

Според Апасиев, суштинските прашања за кои треба јавно да се зборува секогаш се на маргините.

IMG_8369

„Невозможно е ако немате пари да дојдете до правда. Немаме елементарен пристап до правда… Зарем не е дојдено време да се зборува за ограничување на траење на мандатот на судиите? Зарем не е дојдено време да се зборува за специјално судство? Зарем не е дојдено време за цензус на староста на судиите кои се избираат бидејќи и дактилографката има повеќе познавања во областа од 28-годишен судија“, подвлече тој.

Дебатата, која беше организирана од Институтот за комуникациски студии, е дел од проектот Изразување на јавниот интерес зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во ширењето на јавните политики на Македонија. Целта на проектот е подигање на свеста на граѓаните и едукација на медиумските професионалци за значењето на јавниот интерес.

>> „Судовите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси