/ Прочитано:

921

ДЕБАТАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО СОБРАНИЕ: „Не учествуваме во дебата која не е правно темелена“, велат од Професорскиот пленум

Понеделник, 5 јануари 2014 – Интеруниверзитетската дебата за предложените измени во Законот за високо образование, што беше закажана за денес во хотелот „Александар палас“, во последен момент по иницијатива на премиерот Никола Груевски се пресели во Собранието на Република Македонија.

Пред почетокот на дебатата, додека професорите даваа изјави за медиумите, пристигна премиерот Никола Груевски кој ги повика да присуствуваат на расправата. Тие го одбија предлогот на премиерот велејќи дека хотел не е место за дебатирање и дека бараат квалитетна расправа, по што тој ги покани во Собранието.

Според претставниците на Професорскиот пленум, ниту поканата во Собранието нема смисла затоа што Законот е веќе внесен во собраниска процедура и изгласан во неговата прва фаза. Според нив, ваквата средба е вонинституционална зашто ја организираат Владата и Министерството наместо надлежната собраниска Комисија за образование и наука.

„Со ова се уриваат уставните начела за поделба на извршната и законодавната власт. Ние не учествуваме во дебата која не е правно темелена. Процедурата е гаранција за демократијата“, рече професорката по уставно право Гордана Силјановска.

Професорите истакнаа дека ако предлог-измените поминат и во второто читање, ќе пристапат кон граѓанска непослушност и протести.

 За студентите, пак, неприфатливо е повеќе од три месеци и неколку протести никој да не ги слушне, а сега одеднаш, кога е влезен Законот на второ читање,  да се оргазнизираат дебати.

 „Ниту сме повикани на ваква дебата, ниту пак сакаме да бидеме дел од ваква дебата. Ние не сакаме да ѝ дадеме легитимитет на дебатата што е само проформа на Владата само за да ја задоволи својата агенда и дебата на која би се слушнале само нашите аргументи и ставови што ги трубиме три месеци, кои потоа ќе бидат грубо игнорирани. Порачуваме дека тука не дојдовме да дебатираме, дојдовме да посведочиме за дебатата што ќе го погреба високото образование“, изјавија преставниците на Студентски пленум.

Стојковски: Никој не е против промени, но потребен е подолг период за дебата

Во меѓувреме, на дебатата во Собранието, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и претседател на Интеруниверзитетската конференција, Велимир Стојковски, порача дека навистина се потребни измени во Законот за високо образование меѓутоа и во името на Ректорската управа побара подолг период за дебата, бидејќи, како што рече, предвидените сериозни измени може да предизвикаат сериозни импликации. 

„Ние доставивме забелешки на цели 130 страници. Никој не е против подобрување на квалитетот на образованието. Факт е дека образованието не е тоа што било некогаш, меѓутоа постои уште еден факт кој укажува на тоа дека со дипломата од нашите универзитети, дипломираните лесно наоѓаат работа во странство, со што се потврдува квалитетот на образовните установи во Македонија“, рече ректорот на УКИМ.

На ова Груевски реплицираше дека за Законот се дискутира уште од октомври 2014 година и дека имало доста простор досега.

„Наместо да дадете аргументи, вие барате одложување на дискусијата. Еве сме сите тука и кажете ги аргументите“, рече Груевски.

Според Груевски,  измените во Законот за високото образование се носат со најдобра намера – за повеќе знаење на студентите, за поуспешни професори и за понапредна држава.

Во врска со нормите за научни трудови што професорите треба да ги објават во меѓународни списанија со импакт-фактор, Груевски рече дека се воведуваат заради меѓународна конкурентност на македонските професори кои, како што рече, со ум и достигнувања треба да ја претставуваат Република Македонија. Додаде и дека не е штетен предлогот декан или ректор да биде странец зашто тоа нема да биде масовно или нема да биде правило, туку се отвора таква можност ако има корист.