/ Прочитано:

2.224

Декларација за борба против корупцијата

Меѓународниот ден против корупцијата, 9 декември, и Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги одбележа со потпишувањето на Декларација за борба против корупција од страна на претставници на централната и локалната власт, како и политичките лидери на коалиционите партнери во Владата на Република Македонија.

На настанот, кој се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“, претседателот на Хелсиншкиот комитет проф. д-р Гордан Калајџиев ги повика Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, Али Ахмети, претседател на ДУИ, Арбен Таравари, генерален секретар на Алијансата за Албанците и Петре Шилегов, во својство на претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да ги изразат своите заложби во борбата против корупцијата и да се обврзат на нулта толеранција кон корупцијата во Владата на РМ, како и во сопствените политички партии.

Како говорници на настанот се обратија амбасадорот на САД, Џес Бејли, и Луиза Винтон, шефица на мисијата на Обединетите нации во Република Македонија. Во своите обраќања тие ги потенцираа загрижувачките индикатори за присуство на корупцијата во изминатите години, што има погубен ефект врз човековите права и слободи. Притоа, ја нагласија неопходноста од преземање сериозни мерки за спречување на корупцијата и потребата за политичката волја при справувањето со овој негативен феномен.

„Декларацијата за борба против корупцијата ќе биде доставена до сите министерства и граѓански организации, кои ќе имаат можност со својот потпис да ја изразат својата поддршка во борбата против корупцијата“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

M.В