/ Прочитано:

1.893

Декларација за универзитет без корупција потпишаа ректорите на седумте јавни универзитети

Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска од страна на  ректорите на седумте јавни универзитети во Република Македонија беше потпишана Декларацијата за универзитет без корупција. Со Декларацијата ректорите се обврзаа на спроведување на Законот за заштита на укажувачите и за генерална превенција на корупцијата на универзитетите.

Покрај ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски и претседателот на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ проф. д-р Мишо  Докмановиќ, на настанот се обрати и министерката за образование и наука на РМ д-р Рената Дескоска и заменик-амбасадорката на САД, Михаела Шварцер Блум. Министерката Дескоска го искористи настанот и на ректорите им го достави и новиот Предлог-закон за високо образование.

„Корупцијата во универзитетите ја поткопува довербата во образовниот систем. Како резултат на тоа, студентите, кои стануваат сè поразочарани, се одлучуваат да ја напуштат земјата. На Македонија ѝ требаат тие студенти, кои се паметни и амбициозни, да останат тука и да го дадат својот придонес“, истакна Блум.

„Во Предлог-законот за високо образование предвидени се повеќе механизми за борба против корупцијата, како што се: транспарентност на носење одлуки во универзитетите, деконцентрација на моќта, учество на студентите во одлучувањето, механизми за департизирање на одредени постапки кои се спроведуваат. Предвидено е да се избере овластено лице за прием на пријави на корупција кај кое пријавувањето ќе биде анонимно. Тоа лице ќе биде избирано Сенатот за период од две години и ќе го информира Сенатот за својата работа“, образложи министерката Дескоска.

Денешниот настан беше организиран од Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, со поддршка на Амбасадата на САД во РМ.

Декларација за „Универзитет без корупција“

Тргнувајќи од уставно загарантираната автономија на универзитетот, посветени на приближувањето кон европскиот образовен простор, положбата, правата и достоинството на студентите, унапредувањето на наставниот процес и истражувањата како и положбата и дигнитетот на наставниот кадар, со потпишувањето на оваа Декларација, ги реафирмираме сите досега преземени чекори и уште еднаш ја изразуваме нашата посветеност во изградбата на Универзитет без корупција. Имајќи предвид дека студентите преку образованието го формираат етичкиот и моралниот светоглед на идните професионалци, со што директно влијаат на насоката во која ќе се развива општеството, свечено го изјавуваме следново:

  1. Универзитетот во 21. век подразбира академска средина во која се цени знаењето на студентите кое се потврдува единствено врз основа на нивниот вложен труд, посветеност кон науката и трудољубивост. Уште еднаш потврдуваме дека во академската заедница немало и нема да има место за пристрасност и субјективност.
  2. Наставниот кадар независно од својата професионална дисциплина, посветено ги промовира етичките стандарди во научно-истражувачката работа, за време на извршувањето на своите наставни обврски.
  3. Универзитетите ќе се залагаат за начелата и принципите на законитост, чесност, трудољубивост, стручност и компетентност во работата со студентите и со пошироката заедница. Од тие причини, посветени сме на преземање на дејствија, активности и иницијативи за надминување на предизвиците во високото образование, особено:

– Поттикнување на слободното знаење како и креативната и критичка мисла на студентите и промоција на политика на отворени врати, преку обезбедување на најдобри можни услови за студирање.

– Унапредување на меѓуфакултетската и меѓууниверзитетската соработка особено во контекст на вклучување на содржини во наставните програми со кои се поттикнува етичкото однесување и се објаснуваат механизмите на борбата против корупцијата, во согласност со универзитетските акти.

– Имплементирање на најдобрите меѓународни практики и стандарди во борбата против корупција во високото образование во етичките кодекси и интерните акти на универзитетите.

– Усогласување со обврските кои произлегуваат од Законот за заштита на укажувачите.

– Информирање и промоција на соработката со студентите, студентските организации, студентските правобранители и воспоставување на континуиран дијалог помеѓу студентите и органите на управување на факултетите и универзитетите од аспект на ова актуелно прашање.

Скопје, 18 декември 2017 година

За Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски

За Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола, ректор, проф. д-р Сашо Коруновски

За Универзитетот „Гоце Делчев”, од Штип ректор, проф. д-р Блажо Боев

За Универзитет на Југоисточна Европа, ректор, проф. д-р Замир Дика

 За Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, ректор, проф. д-р Нинослав Марина

 За Универзитет „Мајка Тереза”, од Скопје, ректор, проф. д-р Азис Положани

За Универзитетот во Тетово проректор, проф. д-р Хазир Положани

М.В