/ Прочитано:

1.509

Дел од решенијата предложени во Нацрт-законот за јавни набавки отвораат повеќе дилеми за градежниците

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите  при Стопанската комора, во присуство на претставник на Бирото за јавни набавки, расправаше по текстот на Нацрт-законот за јавни набавки. На средбата беше истакнато дека прво и најбитно е што механизмот на задолжителна електронска аукција во која основен критериум беше најниската цена како основно решение веќе е променето. Се користи новиот термин економски најповолна понуда.

„Ова беше едно од основните барања на економските оператори бидејќи на голем дел од набавките нереално им се симнуваа цените на набавките што доведуваше до нереална конкуренција. Сепак, подобрување на содржината на текстот на Законот во однос на ова решение е на Министерството за финансии и на Бирото за јавни набавки да им се даде појаснување дека во различни сектори, економски најповолната понуда се дефинира на различен начин, а општото решение, односно дискреционото право на договорниот орган да ги утврдува критериумите за економски најповолна понуда повторно може да доведе до злоупотреби во тендерските постапки. Се предлага да се изработи  методологија за утврдување на критериуми за најповолна понуда во зависност од набавката која се спроведува за секоја гранка одделно, кои ќе бидат правците преку кои ќе се утврдуваат дефинитивни и подетални критериуми за одделните јавни набавки, и тоа што претставува економски најповолна понуда“, посочуваат од Стопанската комора.

Втората позитивна работа која е изменета со овој закон е тоа што се отстранети одредби кои беа преземани од другите закони, модифицирани и применети во овој закон и кои предизвикуваат недоволна јасност во нивната примена. На пример, недоволно прецизирана е одредбата за 10 години гаранција, која е преземена од Законот за облигационите односи, а е во врска со стабилноста на градежништвото, која пак во никоја смисла не може да се земе како гарантен период за изградба на одделни објекти.

„Во обемната дискусија се поставија многу прашања и се отворија повеќе дилеми. Посебно беше потенцирано дека се избришани повеќе дефиниции, како на пример за вишоци и кусоци, кои мора соодветно да се регулираат со цел да не се јават проблеми со термините кои сега постојат во овој предлог, а и како ќе се земат предвид при утврдувањето на надминувањето на вредноста на договорот и можноста за негова измена. Се предложи да се размисли дали е подобро решение да се вратат тие дефиниции во овој текст или пак од наша страна да ги изготвиме узансите за кои веќе има еден предлог-текст кој ќе ги опфати дефинициите на овие специфични термини, со што би требало да се надмине овој проблем“, истакнуваат од Стопанската комора.

Инаку, на средбата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите се поставија следните дилеми:

– да се предложи измена на одредбата за гаранцијата на понуда која во овој законски текст не е уредена со ограничување, така што се заклучи дека претходното решение со максимален износ од 3 % да остане и да се имплементира во овој закон;
– новини се поставени и во одредбите за докажување на способноста на економските оператори и условите за учество, при што треба да се дефинира што претставува техничко докажување на потребните квалификации;
– за измени во договорот за јавните набавки ќе има потреба за прецизирање, бидејќи има утврдено ограничување од 20 % од вредноста на договорот, а при тоа не е јасно што претставува тоа, дали ги опфаќа дополнителните непредвидени вишоци и кусоци.

Објавен е текстот на Предлог-законот за јавните набавки кој е во фаза на подготовка

М.В