/ Прочитано:

1.149

Делегирани седум судии на местото на приведените во „ЈУСТИЦИЈА“

Вторник, 28 октомври 2014 – Седум судии од тетовскиот, кумановскиот и неготинскиот Суд ќе ги менуваат дел од судиите од Одделот за прекршоци при Основен суд Скопје 1, кои беа приведени во неодамнешната акција „Јустиција“ и суспендирани до правосилноста на постапката.  

Oд Судскиот совет на РМ за АКАДЕМИК велат дека  на дененешната седница биле делегирани тројцa судии од Основен суд Тетово – Ивица Николовски, Љупчо Спировски и Садула Изаири; тројца судии од Основен суд Куманово – Бранка Наумовска, Даница Павловска, Јусуф Ајрулахи и еден судија од Основниот суд Неготино – Александра Поп Стефанија.

Од Судскиот совет истакнуваат дека при делегирањето била направена анализа во однос обемот на работа во судовите каде што судиите постапуваат, но како околност во предвид било земено и нивното место на живеење.

„Најголем број од судиите се со место на живеење во Скопје, а судиската функција ја извршуваат како судии во во овие судови“, велат од ССРМ.

Делегираните судии ќе започнат со работа од 1 ноември 2014 година, а доколку има потреба ќе бидат делегирани уште двајца судии.

Во акцијата  „Јустиција“ беа приведени 14 судии (од кои пет се во пензија, а девет активни судии) и 11 соработници од Одделот за прекршоци поради сомнение дека застариле 8.000 предмети, а со тоа го оштетиле државниот Буџет за 1 милион и 300 илјади евра.  Во меѓувреме, Судскиот совет на РМ едногласно донесе одлука за суспензија на судиите до правосилно окончување на постапката.

Одделот за прекршоци при Основен суд Скопје 1 привремено функционира со четворица судии. 

E. П.