/ Прочитано:

2.533

ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА: адвокатот Андон Димитров, еден од основачите на револуционерната организација

Република Македонија денес го празнува 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Денешниот датум го симболизира континуитетот на македонската револуционерна борба за независност.

foto akademik

Прв законодавен конгрес на организацијата

Формирањето на Македонската револуционерна организација го означило почетокот на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинденското востание и Крушевската Република, па понатаму преку НОБ, како продолжување на ослободителната борба, резултирало со создавање современа самостојна македонска држава.

Македонската револуционерна организација е формирана на 23 октомври 1893 година во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. Покрај Иван Хаџи Николов, нејзини основачи се: лекарот Христо Татарчев од Ресен, Даме Груев, професор од Смилево, Петар Поп Aрсов, професор од Богомила, Андон Димитров, адвокат и судија од Солун  и Христо Батанџиев, професор од Гуменџе.

Формирањето на организацијата следува откако претходно, на 21 октомври 1893 адвокатот Андон Димитров се сретнал со Даме Груев и со Иван Хаџи Николов и на средбата  било договорено да ја формираат Македонската револуционерна организација. Тој настан Христо Татарчев го нарекува Прв законодавен конгрес на организацијата, зацврстен со правните акти на Македонската револуцинерна организација, како основен програмски и идеолошки ориентир на дејствување.

Андон Димитров, адвокат, судија и основач на Организацијата

Адвокатот Андон Димитров е роден во 1867 година, во сeло Ајватово, Солунско. Димитров одлично ги говорел грчкиот и турскиот јазик. Познавањето на турскиот јазик била голема предност за да добие можност за студирање на Правниот факултет во Истанбул. За време на студиите се разболува и се враќа во Македонија. Д-р Христо Татарчев го лекувал и извршил големо револуционерно влијание врз Димитров. По подобрувањето на здравствената состојба,  Димитров започнува да учителствува во Солунската гимназија. Како член на Централниот комитет и секретар на Солунската црковно-училишна општина, Димитров веќе започнува активно да работи на тој план, запознавајќи ги учениците и свештенството со, како што го нарекувале македонските интелектуалци, револуционерното дело.

foto akademik

Непомирливата желба за образование го поттикнува Андон Димитров да го продолжи своето правничко образование и тој заминува во еден од најзначајните центри на европското образование  – градот Лиеж во Белгија, каде што ќе го оформи и ќе го усоврши своето правничко образование.

По враќањето во Македонија, Димитров започнал со својата работа како адвокат во Битола, но благодарејќи на неговото престижно образование и познавањето на турскиот јазик, Димитров од страна на турската држава и од султанот првично бил назначен за судија во Судот во Солун.  Набрзо бил делегиран за судија во Битола, каде што веќе, заедно со Даме Груев, имал формирано револуционерна активност. Дејствувал како судија кој дава исклучителна помош  на населението. Андон Димитров бил и судија во Судот во Истанбул и од таа функција вршел разузнавачки активности во корист на Организацијата. Покрај дејствувањето за слободата на Македонија од османлиското ропство, Димитров по Првата балканска војна дошол во судир и со грчките и со српските окупаторски власти. Починал на 13 март 1933 година во Софија.

M.В