/ Прочитано:

1.097

ДЕНЕСКА ПРЕСУДА ЗА „ФАЛАНГА 2“: Обвинетите тврдат дека се жртви на инструиран сведок, Обвинителството бара да не им се поклони верба

Четврток, 24 јули 2014 – Основниот суд Скопје 1 денеска напладне  ќе ја изрече пресудата за случајот „Фаланга 2“ во кој најголемиот дел од шеснесетмина обвинети се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале.

Судењето стартуваше пред една година, на 9 август 2013 година. „Најгласен“ во текот на судскиот процес беше поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културно наследство, Илче Бојчевски, кој негира дека тргувал со археолошки предмети. Бојчевски кој е обвинет за „злосторничко здржување“, „злоупотреба на службената положба“, „тешка кражба“ и „прикривање“, во своја одбраната тврдеше дека е жртва на лажен сведок и мета на одмазда на финансиски моќници токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти. Тој на минатото рочиште цели два часа го изнесуваше својот завршен збор, повремено директно конфротирајќи се со Обвинителството. Според него обвинението се заснова на претпоставки бидејќи ниту еден артефакт не е најден, а доказите изведени во текот на судскиот процес  се монтирани од МВР и Обвинителството. Клучниот сведок Иле Николов, пак, го нарекуваше „психијатриски случај“ инструиран од органите на прогонот.

„Зошто со години сте дозволувале да се изнесува културното наследство од РМ, односно не сте го спречиле ова, ако сте имале докази. Кој е поважен културното наследство или мојата ликвидација!?“, запраша тој во свој0т завршен збор додавајќи дека и во моментов знае кој и каде го „пустоши“ културното наследство на РМ.

Меѓу обвинети имаше и такви кои се извинија под изговор дека не знале дека сторуваат кривични дела, но побројни беа оние кои наведоа дека клучниот сведок на Обвинителството изнесува лаги за нив во замена за својата слобода и благосостојба, а обвинителниот акт е заснован на претпоставки.

Паско Кузман: Не се чувствувам виновен

Изјаснувајќи се за невин, Паско Кузманкој е меѓу последните обвинети и се товари за злупотреба на службената положба односно бидејќи според Обвинителството како директор на Управата за заштита на културното наследство не бил надлежен да издава Согласност на физички лица за изведување на земјени работи на две локации со цел проверка на наводи за постоење на културно – историско наследство, го прифати во целост завршниот збор на неговиот бранител Александар Новакоски. Обвинителството исто така тврди дека тој „без било каков правен основ, иако согласноста била дадена на физички лица, преку МВР  побарал полициска асистенција во насока на обезбедување на локациите на товар на Управата за заштита на културното налседство со што го оштетил Буџетот на РМ за 3.798.375.,00 денари“. Новаковски, пак, тврди дека поранешниот директор на Управата за заштита на културно наследство постапил согласно законските овластувања и дека не се точни наводите и толкувањата на законите од страна на Обвинителството.

Бранителот во својот завршен збор изрази сомнеж во мотивите на органите на прогонот, Кузман, како што рече, по секоја цена да биде дел од овој процес. 

„Тоа ми дава за право сериозно да се посомневам во намерите на Обвинителството дека од самиот почеток, па до самиот крај обвинението го заснова на база на претпоставки, веројатности, можни злоупотреби, можни користи и што уште не. Ова ми дава за право да се посомневам во мотивите на органите на прогон обвинетиот Паско Кузман по секоја цена биде дел од овој процес т.н. ,,Фаланга 2” со некоја за нас непозната цел“, рече Новакоски во завршниот збор.

„И покрај својата долгогодишна плодна работа не му беше овозможено ниту да се раздолжи со своите обврски во Управата, каде беше директор се до приведувањето, а ова ми дава право да се сомневам дека некој имал потреба да го изолира и отстрани Паско за подолг период од јавниот живот, од работата и друго“, додаде тој.

Во однос на наводите на застапникот на обвинението Лиле Стефанова дека Кузман и Бојчевски веројатно се имаат чувствувано премногу моќни кога се договориле  полицијата да врши обезбедување  на овие ископувања за некој да не им смета во работата и со ова го оштетиле Буџетот на РМ, Новакоски рече дека нема логика во ова тврдење и запраша од кого во конкретниот случај да се бара обезбедување, ако не од МВР.

„Согласно Правилникот на начинот на вршење на полициски работи, должност е на полицијата да прибира податоци и информации, а во конкретниот случај државен орган и се обратил и укажал за барањата и во прилог и биле пратени и согласностите. Од доказите во предметот е јасно дека МВР и во текот на 2011 година постапувала по овој предмет и не е јасно зошто тогаш не нашле елементи на кривично дело, а сега истата наводно нашла и вршела предистражни дејствија и тоа од Одделот за организиран криминал. МВР согласно Правилникот е должна пред да одговори на барањето да изврши проценки“, нагласи тој и подвлече дека за штета на Буџетот не може да стане ни збор.

Во однос на ова обвинение, првообвинетиот Бојчевски, пак, рече дека за обезбедувањето директно добивале насоки од поранешниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски, кого Судот не го прифати како сведок.

„Од кога Единицата за брзо распоредување обезбедува вршење на кривични дела?“ запраша Бојчевски и додаде дека е апсурдно да се тврди дека го поттикнал Кузман да изврши кривично дело со цел он да се збогати.

Обвинителство: Судот да ги прогласи обвинетите за виновни

Според Обвинителството во текот судскиот процес преку материјалните и вербалните докази се докажало дека обвинетите се виновни. Обвинителката Стефанова истакна дека од посебните истражни мерки, односно од телефонските разговори меѓу Бојчевски и дел од другите обвинети кои се товарат за злосторничко здружување, се утврдило дека тие создале криминална група која имала за цел – стекнување на имотна корист преку илегални ископувања на археолошки предмети и нивно продавање во Македонија и странство.

Стефанова во својот завршен збор посебно се осврна на исказот на еден од клучниот сведол на Обвинителството, Иле Николов, кој пред Судот наведе дека и самиот купувал и продавал артефакти, но прстот го впери и кон дел од обвинетите, меѓу кои Бојчевски,  како членови на криминална мрежа со артефакти. Обвинителката побара од Судот да ги прогласи сите петнесетмина обвинети за виновини.

Германија одби да го екстрадира второобвинетиот поради немање докази

Она што ја обележа оваа постапка е и одбиеното барање за екстрадиција од страна на германските власти на српскиот државјанин, обвинетиот Давид Шекуларац – Циле, поради немање докази за сторено кривично дело злосторничко здружување.

Шекуларац, кој на почетокот на судскиот процес беше издвоен од оваа постапка, од македонското Обвинителство беше посочен како купувач на археолошки предмети, додека од првообвинетиот Бојчевски како соработник на МВР кој работел на откривање на криминалната група која се занимавала со продажба на артефакти.

Тој моментно се наоѓа во својод дом во Србија од каде најави тужба против Македонија пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур поради одлежаните два месеци во германски притвор.

Инаку судскиот процесот првите неколку месеци го водеше Вангелина Маркудова, која беше избрана за судија на Уставниот суд на РМ, по што го презеде судијата Огнен Ставрев. Судијата Јани Нича е исто така дел  судскиот совет кој постапува по овој предмет.

Обвинетите се наоѓаат во притвор веќе 15 месеци.

„Фаланга 2“ е продолжение на акцијата „Фаланга“ која беше спроведена во 2011 година. Врховниот суд во овој случај ја потврди пресудата со која 22 обвинети беа прогласени за виновни за злосторничко здружување, тешка кражба и за нелегална трговија со артефакти. Дел од денес обвинетите во „Фаланга 2“ беа сведоци во првото судење за нелегална трговија со артефакти.

>> Детално за предметот информирајте се тука.

 E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk