/ Прочитано:

1.500

Десет години членство во ЕУ на десетте земји од некогашниот комунистички блок: од грамаден деспотизам до прегледна политика на реформирање на правосудството

Изминаа десет години откако десетте земји од поранешниот комунистички блок во Источна Европа ѝ се придружија на Европската унија. Педро Магалаес, професор на Институтот за општествени науки при Универзитетот во Лисабон, тврди дека курсот на институционалната реформа на правосудствата во земји како што се Бугарија, Полска и Унгарија, го одредила, пред сè, борбата меѓу политичките партии. Нивниот интерес, во услови на предизборна несигурност, е концентриран единствено врз зајакнувањето на нивната моќ. Магалаес потцртува дека во оние земји, каде што комунистичкиот деспотизам бил особено суров и во кои минатото оставило висока тоталитаристичка политизација на правосудството, се оформиле понезависни правосудства; како пример за најостра борба на политичките сили во демократизирањето на правосудните системи ја наведува токму Бугарија.

Изминаа десет години откако десетте земји од поранешниот комунистички блок во Источна Европа станаа членки на Европската унија. Преку исполнување низа предуслови во повеќегодишниот транзициски период, на овие земји им појде од рака да го преиначат своето централизирано општествено уредување во прегледен демократски систем. Реформите во областа на правосудството, како врвен приоритет, имаа силен одраз врз зачувувањето на државноста. Во тој поглед е голем придонесот на Педро Магалаес, којшто има спроведено подробно истражување на процесот на реформирање на правосудствата во Бугарија, во Полска и во Унгарија. Неговиот фокус ја стеснува институционалната реформа на правосудството како предмет на спогодувањата помеѓу главните политички играчи, чиј интерес е концентриран единствено врз зајакнувањето на нивната моќ во услови на изборна несигурност.

Новите правосудни системи во младите демократии, најчесто се обликуваат според стратегии на доминантните политички актери, коишто секогаш наново се обидуваат да го усогласат развојот на правосудството со своите приоритети. Во поширокиот контекст на владеењето на правото, воспоставувањето на демократските правосудства е во голема мера процес што го управуваат политичките кампови сред нивната борба за преживување на државниот терен. Преку оваа дијагноза, Магалаес тврди дека секогаш мора да се има предвид што претпочитаат политичките челници од институционална гледна точка за да се процени дали правосудната реформа ќе биде успешна. Балансот на силите меѓу главните политички актери, како и рамнотежата меѓу нивните стратегии од интерес, продолжуваат да вршат влијание врз стабилноста на правосудните институции и по завршувањето на транзицијата кон демократија.

Многу аналитичари и истражувачи, наведува Магалаес, го ставале во преден план наследството од минатото – норми, ставови, практики – како најголема пречка за развојот на новите правосудни системи во Источна Европа. Според нив, на пример, постои голема разлика помеѓу земјите што се избавиле од тоталитаристичко општество и оние што имале авторитарен режим. Овие разлики можеле да ја објаснат мерата со која земјите во транзиција го воведуваат владеењето на правото. Поранешни авторитарни режими, како што биле Португалија, Шпанија и Чиле, извлекле големи придобивки од претходното прифаќање на принципите на правото од западните општества, а едновремено бележеле и помал степен на политизација на државната управа. Земјите од Источна Европа, се вели, имале доста политизирани правни апарати: мешањето на политиката и правото оставило културни и институционални траги што тешко се бришат до ден-денес.

Наспроти ваквите тврдења, разгледувајќи ги примерите на Бугарија, на Полска и на Унгарија, Магалаес доаѓа до заклучокот дека курсот на реформскиот процес во правосудствата низ Источна Европа бил најмногу одредуван од конфликтите меѓу политичките актери. Различни политички партии имале различни ставови во однос на обликот на идните, демократизирани правосудни институции и настојувале што повеќе да ги наметнат своите преференции. Притоа, тој потцртува дека токму во оние земји, каде што наследството од минатото во себе вклучувало и високо ниво на тоталитаристичка политизација на правосудството, се оформиле понезависни правосудства. Дотолку поинтересно, како пример за најостра борба на политичките сили во демократизирањето на правосудните системи ја наведува Бугарија, бидејќи, во поранешниот Источен блок, комунистичка Софија имала невидено тоталитаристичко влијание врз судските практики. 

Правдата во Бугарија се дели на  три инстанции. Институциите на правосудството се државни органи што одлучуваат во граѓански, во кривични и во административни постапки. Постојат 113 реонски судови, 28 окружни судови, 28 административни судови, еден специјален кривичен суд, пет апелациони судови, еден специјален апелационен кривичен суд, пет воени судови, еден воен апелационен суд, врховен касационен суд и еден врховен административен суд. Уставниот суд, пак, е составен од 12 судии со мандат од девет години и се избираат од Народното собрание, од Претседателот, како и од Вишиот судски совет. Сите судења се јавни. Бугарија задолжително ги применува одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Од трите анализирани случаи – Бугарија, Полска, Унгарија – најголем степен на заштита на судиите од политичките влијанија бил постигнат во земјата, каде што влијанието на некогашната Комунистичка партија врз општествениот живот, а со тоа и врз правосудството, било најжестоко: во Бугарија. По осамостојувањето на земјата, Социјалистичката партија на Бугарија успеала да го обликува правосудството во време кога била во состојба точно да ја предвиди рамнотежата на политичките сили. Оттаму, сликата за правосудниот систем во земјата треба да се гледа како борба за тоа кој ќе владее и кој ќе придобие од политичкиот поредок. Никој не негира дека е потребна што поголема независност на правосудството, но сè додека сите кампови на бугарскиот политички терен не согледаат дека нивниот опстанок зависи и од нивната поддршка за независни судии и обвинители, правосудството ќе остане проблематично“, заклучува Магалаес.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 29.09.2014