/ Прочитано:

939

Десетгодишни боливиски деца легално на работа – Законот кој го дозволува тоа под мониторинг на меѓународни организации

Петок, 18 јули 2014 – Во Боливија денеска стапи во сила законот со кој се дозволува децата да почнат со работа уште од 10-годишна возраст. Боливиската Влада го озакони работењето на децата, дозволувајќи тие да може да работат уште од оваа возраст.

Со новите законски прописи се дозволува деца на возраст од 12 години да може да работат за друг, врз основа на склучен договор, но за тоа ќе им биде потребна и согласност на нивните родители.Со новиот закон, минималната возраст за вработување е 14 години, а се наведуваат исклучоци за деца кои можат да работат и од 12 годишна возраст, како и за деца на 10 години кои можат да се пријавуваат како самовработени. На глобално ниво, границата е 15 годишна возраст, но меѓународната организација им дозволува на земјите во развој да ја намалат оваа граница за една година, на 14 години.

Боливискиот потпретседател Алваро Гарсија Линера изјави во Ла Паз дека новото законодавство за работа на децата, само ги одразува потребите на земјата.

Боливија важи за една од најсиромашните држави во Јужна Америка. Владата донесе и пакет мерки за заштита на децата, според кои за убиство на дете, сега е определена казна затвор од 30 години.

Според податоците на УНИЦЕФ, повеќе од 500 илјади деца во Боливија работат, како и возрасните, за да го помогнат семејниот буџет.

Децата главно работат како чистачи на чевли по улиците на боливиските градови и како продавачи по пазарите, но голем дел од нив работат и во рудниците и на земјоделските полиња во исклучително тешки услови.

Меѓународната организација на трудот (ИЛО) ги осуди новите броливиски закони за работа на децата, објаснувајќи дека децата не би смееле да работат пред да наполнат 15 години.