/ Прочитано:

5.542

ДЕСКОСКА: Учениците се преоптоварени со голем број часови, ќе има промени во учебниците и наставните планови

Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, најавува промени во образовниот процес, со фокус на ревизија на учебниците, наставниот план, програмите и соодветноста на изборот на лектирите.

Овие промени, вели Дескоска, се со цел подобрување на образовниот процес. Промените првично ќе започнат во основното и средното образование. Главните промени, нагласува министерката, ќе одат во основното образование и тоа во одделенската настава, бидејќи за поставување темели на писменост најважни се првите години.

„Сметаме дека треба да има нов наставен план соодветен на учениците од таа возраст, понатаму да се воведат методи кои ќе значат креативно изучување на прашањата и начин кој ќе ги заинтересира  децата да ја следат наставата и да учествуваат во неа, а потоа и соодветни материјали кои ќе бидат користени“, истакнува Дескоска.

Во процесот на промени ќе бидат вклучени и наставниците со кои ќе се прават консултации и тоа преку апликација која веќе е подготвена. До половината на месецов, наставниците ќе треба да дадат мислење за одредени учебници и да укажат на проблемите.

„До директорите е испратен и пасворд преку кој може да се пристапи до апликацијата. Наставниците ќе можат лично да ги внесат бараните податоци. Тие анонимно без притисок од директорите ќе можат да одговорат на прашања кои нас како Министерство нè интересираат“, вели Тренеска-Дескоска, која најавува и целосна ревизија на наставниот план, програмите и учебниците.

„Очекуваме од наставниците што секојдневно работат со учебниците да дадат коментари, забелешки и оценка дали сметаат дека учебникот е добар, дали соодветствува на возраста, дали има грешки и дали текстовите се соодветни. Податоците ќе бидат сублимирани и процесот ќе продолжи понатаму. Нови учебници може да се очекуваат најрано идната година, затоа што учебник не се пишува за еден месец“, вели Дескоска, додавајќи дека разгледувањето и промената на наставниот план и програма треба да значат и намалување на бројот на часови, особено во одделенската настава.

„Учениците се преоптоварени со поголем број часови и на тој начин нема ефикасност во учењето. Сметаме дека треба да има скратување на бројот на часови и реорганизирање на начинот на организирање на часовите. Во моментов во МОН се прават компаративни анализи од искуства на земји кои имаат добри резултати на тестирањата по писменост и математика. За сите евентуални промени ќе бидат консултирани јавноста, експертите, но и наставниот кадар, кој може да даде најдобар инпут за реформите во образованието“, посочува министерката за образование.

По завршувањето на оваа прва фаза, нагласува министерката, во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на лектирите за основно и средно образование.

М.В