/ Прочитано:

946

„ДЕТОНАТОР“: На пладне одлука за случајот што ја тресеше Источна Македонија

Вторник, 24 декември 2013  – Денеска судскиот совет точно на пладне ќе ја соопшти одлуката за судскиот процес познат како „Детонатор“ во кој 14-мина се обвинети дека како група се занимавале со рекетирање и лихварство во Кочани и Виница. Првите петмина освен што се посочени како организатори на групата, тие се товарат и за обид за убиство на кочанчанецот Драганчо Стоименов. 

Акцијата „Детонатор“ резултираше со обвиниение против 16-мина. Низ целата судска постапка каде се појавија многу сведоци, писмени докази како и снимани телефонски разговори меѓу обвинетите, обвинетите ги негираа делата, а прстот го вперија кон оштетениот Стоименов со кој веќе подолго време имале нарушени односи. Сведоците кој во голем број беа кочански дуќанции негираа дека групата преку штипската агенција „Титан груп“ ги рекетирала, а неколкумина се изјаснија дека обвинетите од Виница им давале позајмици со огромни камати.

Во однос на писмените докази, најмногубројни беа фактурите со кои дуќанџиите им плаќале на агенцијата за обезбедување. Преку телефонските разговори меѓу обвинетите, обвинителството се уверило дека токму тие сакале да го лишат од живот нивниот сограѓанин Стоименов. Обвинителката Вилма Русковска во интервју за АКАДЕМИК вели дека краткиот период на прибавувањето на доказите со посебни истражни мерки го намалил кругот на обвинети. Адвокатите тврдеа дека токму тој го изиграл обвинителството наведувајќи невистини за сите случувања во Кочани и Виница.

Јавноста очекуваше разврска за запленетите покер апарати, но сето тоа остана надвор од оваа постапка. Исто така, неколку пати се менуваше обвинението, опфаќајки нови лица и исклучувајќи двајца обвинети.

Како дел од постапката беа сослушани и двајца загрозени сведоци кои цели 6 часа зад затворени врати се изјаснувале во однос на обидот за убиство за кои се обвинети првите петмина од групата.

Одлуката на судот, првите неколкумина ќе ја дочекаат зад решетки, останатите се во куќен притвор. По двајца од обвинетите, полицијата сè уште трага.