/ Прочитано:

1.902

Децата-сведоци и малолетните жртви на кривични дела ограничени во остварувањето на своите права

Децата неретко се доведени во ситуации на сексуална, физичка или психичка злоупотреба, на насилство, малтретирање или запоставување, а во најлошо сценарио се мачени или убивани. Македонската полицијата, обвинителите, судиите, адвокатите и здравствени работници, не се обучени како да ги гарантираат правата на децата, а судската средина не е прилагодена на потребите на децата, што честопати оддава застрашувачки впечаток кај децата, вели д-р Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Дотолку повеќе, покрај недоследностите поврзани со примената на законите што предвидуваат заштита на децата, во домашното законодавство изостануваат доследни современи решенија произлезени од меѓународното право, тврди д-р Александра Груевска од Институтот за стратешки истражувања и едукација.

Децата честопати се предмет на кривични дела, како што се: сексуална, физичка или психичка злоупотреба, насилство, малтретирање и запоставување; користени се во насока на вршење кривични дела, а најлош случај е нивното мачење или убивање. Во мнозинството случаи, детето-жртва е единствениот сведок на кривичните дела извршени врз него или врз друго лице. За да се гонат и да се осудат сторителите на кривичните дела, сведочењето на детето е неопходно, што само по себе предизвукува траума од повторно преживување на настанот, зголемувајќи ја ранливоста на детето и доведувајќи до секундарна виктимизација на детето. Македонската полицијата, обвинителите, судиите, адвокатите и здравствени работници, не се обучени како да ги гарантираат правата на децата, а судската средина не е прилагодена на потребите на децата, што честопати оддава застрашувачки впечаток кај децата, вели д-р Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Во Македонија, судските постапки поведени за кривични дела чии жртви и сведоци се малолетни лица, се разликуваат од вообичаениот тек на кривичната постапка предвидена за полнолетните граѓани. Домашното законодавство предвидува посебна заштита за децата во повеќе свои акти: Законот за кривична постапка, Законот за малолетничка правда, како и Законот за заштита на сведоците. Одредбите од овие закони предвидуваат посебни услови за водење на постапките што, пред се, се огледаат во: соодветно образование и обука на лицата-учесници во постапката; итност на постапката; заштита на личноста, интересите и развојот на децата; сослушување единствено во присуство на психолог или педагог; сослушување преку употреба на технички средства и во посебна просторија; обесштетување преку државниот буџет итн.“, истакнува Стојановски.

Без оглед на вака востановената заштита, досегашната судска практика бележи голем број отстапки во примената на овие закони. Дотолку повеќе, покрај недоследностите поврзани со примената, во споменатите закони изостануваат современи решенија произлезени од меѓународното право, тврди д-р Александра Груевска од Институтот за стратешки истражувања и едукација.

„До денес не е усвоен ниту еден меѓународен инструмент со правнообврзувачка сила, којшто би се однесувал единствено на правата на децата-жртви и на децата-сведоци. Сепак, обврските кои произлегуваат од меѓународното право можат да се најдат во меѓународните инструменти со поширок опфат. Освен придржувањето до националното право, земјите-членки на ЕУ се обврзуваат и од страна на три рамништа на меѓународното право: инструменти усвоени од Обединетите нации на меѓународно ниво, од Советот на Европа на регионално ниво, како и од Европската унија на супранационално ниво. Компетентноста на ЕУ да усвојува задолжителни правни акти во сферата на заштита на децата во кривичните постапки е производ на Лисабонскиот договор кој влезе во сила во 2009 година. Особено значаен е Членот 82 во кој е утврдено дека ЕУ има надлежност за усвојување на директиви кои ќе се однесуваат на правата на индивидуите во кривичната постапка и на правата на жртвите“, потенцира Груевска.

Во 2012 година, ЕУ ја усвои Директивата за воспоставување минимум стандарди за правата, поддршката и за заштитата на жртвите на кривични дела. Директивата содржи решенија и од инструментите на ОН и на Советот на Европа, но воведува и новини. Така, на пример, во Член 23 и во Член 24 се наведува дека сите сослушувања треба да ги спроведува едно лице, дека се забрануваат прашања што се однесуваат на приватниот живот на детето, дека аудиовизуелни снимки може да се користат за кое било сослушување, дека во случаите кога не може да се утврди дали странката е дете, а постојат основи за верување дека е, таа да биде сметана како дете.

Последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2012 година бележи ограничен напредок во областа на правата на децата. Измените и дополнувањата на Законот за малолетничка правда обезбедуваат поголеми права и подобра заштита на децата-жртви, а воведени се и посебни мерки за заштита на деца-сведоци. Професионалците вклучени во процесите на малолетничката правда имале полза од сеопфатната обука. Надлежните институции остануваат без доволно средства и без доволно кадар во однос на управувањето на малолетничката правда. Постои потреба од зајакнување на координацијата на процесот на реформирање. Извештајот забележува дека не е обезбедена бесплатна правна помош за малолетници. Програмата за компензација на малолетни жртви не е оперативна. Бројот на специјализиран персонал, како што се психолози и социјални работници, останува недоволен. За превенцијата, заштитата и за грижата сè уште нема доволно финансиски и човечки ресурси, особено во поглед на децата-жртви на семејното насилство, на сексуалната злоупотреба или на трговија со луѓе, се наведува во Извештајот.

Имајќи ја предвид ваквата состојба, согласни се Стојановски и Груевска, неопходно е што поскорашно воведување извесен број новини со чија помош ќе бидат надминати какви било пречки за натамошно унапредување на заштитата на децата-сведоци и на малолетните жртви: обезбедување заштитни мерки за избегнување контакт помеѓу детето и обвинетиот (засебни простории за прием и за сослушување на децата во судот); усвојување законска обврска за присуство на обучено лице за редовен контакт со детето за времетраењето на судската постапка; соодветна алокација на финансиски средства за редовни обуки на сите службени лица-учесници во судските постапки и обезбедување технологија за аудио-визуелно сослушување; вклучување на сексуалната ориентација и нс родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација; операционализирање на програма за компензација на малолетни жртви, со цел нивно соодветно обесштетување, како и обезбедување ефективна бесплатна правна помош за децата.


Автор: Далибор Стајиќ Фото ©: Наке Батев Објавено на: 13.6.2013