/ Прочитано:

877

ДИК: Иванов води во првиот круг од претседателските избори со 447.109 гласови, Пендаровски освои 325.119

Понеделник, 14 април 2014 – Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов победи во првиот круг од претседателските избори со добиени 447.109 гласови (51,63%), втор е кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 325.119  гласови (37,54%), покажуваат првичните неофицијални резултати што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница.

Податоците се однесуваат за обработени 99,46 проценти, односно 3.493 од вкупно 3.512 избирачки места.

Илијаз Халими од ДПА има освоено 38.893 гласови (4,49%), а Зоран Поповски од ГРОМ 31.291 гласови (3,61%).

Излезноста на првиот круг од претседателските избори е 48,86 отсто или вкупно гласале 865.951, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.

Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски на вечерашната прес-конференција рече дека изборите поминаа мирно со регистриран еден едиснтвен инцидент во Неготино каде во попладневните часови од непознато лице е искршена гласачка кутија и гласањето е прекинато на тоа гласачко место.

„Гласањето помина без проблеми и во дијаспората, а сите гласачки места во Македонија беа отворени навреме“, посочи Рилкоски.  

Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.

Според Уставот на РМ, вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината избирачи.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.