/ Прочитано:

1.117

ДИК усвои упатство за референдумот за ГТЦ

Среда, 8 април 2015 – Државната изборна комисија денеска усвои Упатство за претстојниот референдум, закажан за 26 април, во Општина Центар за изгледот на Градскиот трговски центар во Скопје.

Во Избирачкиот список што го доставило МВР до ДИК има запишано 43.461 граѓанин. Граѓаните можат да се изјаснат на референдумот на 78 избирачки места.

Според претседателот на ДИК, Никола Рилковски, оваа бројка би можела да се промени, имајќи го предвид јавниот увид што трае во текот на оваа недела, односно до 14 април.

Во тек е и јавната пропаганда за референдумот, која мора да заврши 48 часа пред датумот на одржување на референдумот.

Во однос на избирачките одбори, според предлогот на ДИК, избирачките одбори ќе имаат по тројца членови од постојните избирачки одбори од редот на јавната и на државната администрација од Градот Скопје и од Општина Центар.

Бедредин Ибраими, член на ДИК, потенцираше дека за првпат на ова изјаснување граѓаните нема да бидат обележувани. Ибраими појасни дека УВ-ламбата беше укината и веќе нема законска одредба за нејзина употреба, а обележувањето со мастило беше укинато од страна на Уставниот суд.

Претседателот на ДИК, Рилковски, најави дека на следната седница Комисијата ќе расправа за претседателот на Општинската изборна комисија на Центар, за кого опозицискиот СДСМ презентираше наводно прислушувани телефонски разговори.

„Моето лично мислење од она што го чув е дека претседателот на ОИК Центар треба да поднесе оставка, барем од морална одговорност“, рече Рилковски.

Оваа седница, според него, треба д се одржи веднаш по велигденските празници. Рилковски исто така тврди дека во изводот од Избирачкиот список за Општина Центар сè уште има адреси на коишто се регистрирани по 40 или 50 лица, но треба да се почека до крајот на увидот.

Инаку, разликата во бројот на избирачи во списокот од последните избори, одржани во земјата во 2014, до 30 март годинава, според Рилковски, е од 500 до 600.