/ Прочитано:

2.827

Директорот на Народниот музеј во Велес осомничен за кражба на две сребрени монети

Вторник, 10 септември 2013 – МВР поднесе кривична против П.К. (46), директор на Народниот му­зеј од Велес, под сомнение дека ги украл двете стари монети, кои пред два ме­се­ца исчезнаа од институцијата. Кражбата се случи на 16 јули оваа година. 

Полициската истрага го опфатила и директорот П.К, откако отисоците од лице место се совпаднале со неговите отисоци.

Монетите биле од времето на Александар Ма­ке­дон­ски, нивната вредност на пазарот се проценува на околу 12 илјади денари. СВР Велес против П.К. поднесе кривични пријави за кражба и за злоупотреба на служ­бе­на положба и овластување. Освен двете монети тетрадрахми од времето на Александар Македонски, би­ла украдена и белезица, сопственост на вработена, која ги чувала заедно со мо­не­ти­те во сефот. Осомничениот бил повикан во велешката полиција и таму го приз­нал делото, а по неколку дена ги вратил монетите, со образложение дека бил со­би­рач на стари пари, па сакал во неговата колекција да ги има и овие. При кражбата, директорот ја отклучил вратата од кан­це­ла­ри­ја­та на вработената, која тогаш била службено отсутна, па го отклучил би­ро­то каде што бил сефот, за на крај да го отвори и него и оттаму да ги земе две­те монети и да си ги однесе дома. По пријавата за кражбата, директорот во изјава за медиумите побара полицијата да го најде сторителот и остави над­леж­ни­те да ја расчистат оваа кражба. По ова, градоначалникот на Општина Велес, Слав­чо Чадиев, под чии ингеренции е именувањето на директорот на ова локална ин­сти­ту­ци­ја, најави дека штом официјално ќе ја добие информацијата од ве­леш­ка­та полиција, ќе изврши смена на директорското место во Народниот музеј во Ве­лес. П.К. е дипломиран археолог и на оваа позиција е од април 2010 година.