/ Прочитано:

1.898

Дискреционо право или гранично неправо: Адвокатката Трендафилка Сандева со забрана за влез во Грција

Во петокот на граничниот премин „Евзони“ полициската станица на граничниот премин и забранил на македонската адвокатка Трендафилка Сандева да влезе во Грција. Сандева за Академик вели дека причините се препознатливи, но и дека таквиот чекор е правно некоректен во однос на адвокатурата како јавна служба која ги штити правата на граѓаните. Инаку, Сандева како адвокат заедно со нејзин грчки колега е ангажирана во случаите за имотите на Македонците со потекло од Егејска Македонија, односно на македонските бегалци од Граѓанската војна.

„По потекло сум од Егејска Македонија – грчките власти знаат сѐ

Како што вели за Академик адвокатката Сандева, таа и претходно имала слични проблеми, но последниов пат таа според документот што и бил издаден, како што посочува, била регистрирана како „непожелна“.

Според нејзините кажувања, таа веќе подолго време работи на предмети за Македонците со потекло од Егејска Македонија,  претежно во имотни спорови и државјанство на граѓани кои ја бараат правдата пред грчките судови.

„Им помагам на сограѓаните во тој дел, се разбира, во соработка со мој колега, грчки адвокат. Но, напоменувам дека тука се работи за поделикатна работа. Затоа и резултираше со забрана за мој влез во Грција. Е сега, тука се поставува прашањето каква е адвокатската дејност, нели адвокатурата е јавна служба која им служи на правата и интересите на граѓаните и затоа адвокатурата си ужива и професионален имунитет? Инаку, јас потекнувам од Егејска Македонија, мојот татко е од тој крај. Се поставува и прашањето од каде пак грчките власти знаат сѐ, а изгледа дека буквално сѐ знаат“, вели Сандева, додавајќи во таа насока дека нејзина примарна желба е да продолжи со своите активности затоа што не сака да предизвика спектакл, туку едноставно да ја пронајде правната логика и оправданоста на самиот чин, кој, особено е нефер врз професијата како што е адвокатурата.

„На адвокатите  не треба да им се забранува влез на граница“

Адвокатката потенцира дека клучниот проблем всушност е во тоа дали на адвокатот може да му се забрани влез во земјата, особено кога се работи за заштита на правата на граѓаните и давање на правна помош, но, како што потенцира, во соработка со домашен адвокат од друга земја, конкретно во Грција.

„Работата е специфична со оглед на тоа дека се работи за Македонци со потекло од Егејска Македонија, и секако дека покрај другото, потребен е ангажман и на домашен адвокат, тоа се македонски граѓани“, смета адвокатката Сандева, според која на адвокатите не треба да им се забранува влез на граница.

Адвокатката Сандева потенцира дека таа не ги застапува нејзините клиенти пред грчките судови бидејќи и согласно легислативата и практиката не постои правна можност за тоа, но вели дека давањето на правен совет, комуникацијата, истражувањето на законодавството, објаснувањето на постапката, консултирањето на европската судска пракса и предмети во таа насока се во делокругот на работи кои може да се извршуваат, а особено што се работи и за македонски државјани.

Дискреционо право и договор за реципроцитет

Според професорот по меѓународно право, Тони Десковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, државите имаат дискреционо право при одредување на забраната за влез на нивната територија, а таа пак дискреција особено се согледува кога не постои никакво образложение при забраната за влез.

„Иако во овој случај причините за тоа може да се препознаат, искористено е таквото дискреционо право“, посочува професорот, кој додава и дека во случајот со адвокатката се наметнува прашањето дали македонски адвокати можат да вршат работи од нивниот делокруг во поглед на застапувањето во дадена земја доколку не постои договор за реципроцитет со таа држава.

Од Адвокатската Комора на Македонија велат дека македонски адвокати во никој случај не може да застапуваат граѓани во Грција затоа што не постои  договор за реципроцитет.

„Не, тоа не е можно“, децидни се од Адвокатската Комора, од каде истакнуваат дека не се запознаени со конкретниот случај, иако адвокатката Сандева вели дека по електронска пошта ја известила Комората пред извесно време, во кое писмо посочила на проблемите со кои се соочила.

Од Комората информираат дека се во фаза на разгледување на случајот со македонската адвокатка и дека набрзо ќе оформат свој став за ова прашање.

Прашањето за Сандева во Грчкиот парламент

Инаку, денеска македонската адвокатка Сандева беше тема и во Грчкиот парламент.  Пратеничката Марија Јанакаки го постави прашањето зошто Трендафилка Сандева е на листата на непожелни личности, иако, како што рече, се чини дека единствената причина е тоа што таа ги брани клиените кои што соработуваат со неа во барањата пред грчките судови.

„Ако станува збор за грешка, дали одлуката ќе биде повлечена, а оштетената ќе добие извинување ? Со оглед на тоа што изгледа дека полицијата ја донела оваа одлука за да спречи слични дејствија во грчкото судство, дали ќе се спроведе дисциплинска и судска истрага за одлуката и ќе се определи обвинувањето? Дали оваа акција на владата е во согласност со Времената Спогодба меѓу двете земји ? И на кои јазици се напишани двојазичните докуменети со одлуките за забрана на влез на преминот Евзони за луѓето со пасоши од поранешната југословенска Република Македонија, за овие луѓе да можат да ги разберат? “, праша грчката пратеничка.

10.11. 2014 / M.В / veljanoskim@akademik.mk