/ Прочитано:

3.445

ДИСКРИМИНАЦИЈА И РОДОВ ЈАЗ ВО ПЛАТИТЕ: Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ да се соочат со санкции и казни

Зголемување на минималната плата, онлајн калкулатор на плати и задолжително приложување извештаи за еднакви плати, се дел од мерките што ги предлага Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ за намалување на родовиот јаз во платите.

akademik foto

Голем процент од професиите во кои се плаќа минимална плата се во индустрии или во сектори во кои доминира женската популација, истакнуваат од „Фајнанс тинк“.  Дополнително, во текстилната и во кожарската индустрија минималната плата е пониска од националната минимална плата. Во овие индустрии има тенденција платите да не ја одразуваат продуктивноста на работниците поради тоа што се вработуваат голем дел работници со ниски вештини или квалификации. Сепак, според едно истражување, воведувањето на минималната плата во 2012 година придонело за намалување на родовиот јаз во платите кај најнископлатените работници во Македонија.

akad 4

„Зголемувањето на минималната плата, а посебно изедначувањето на минималната плата на текстилната и кожарската индустрија со националната минимална плата, би придонело за понатамошно намалување на родовиот јаз во платите. Според графиконот, постепеното зголемување на минималната плата до 13.000,00 денари до 2020 година би предизвикало позитивни ефекти. Слично, минималната плата во текстилната и кожарската индустрија треба да расте со побрзо темпо за да го достигне националното ниво во истата година. Промената на висината на минималната плата треба да биде воспоставена преку членовите 4, 9, 10 и 13 од Законот за минимална плата на Република Македонија по претходни консултации помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Економско-социјалниот совет“, истакнуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ предлагаат и воведување на онлајн калкулатор на плати. Воведувањето онлајн калкулатор на плати, истакнуваат од Институтот, има за цел да ги утврди тенденциите на пазарот на трудот во однос на платите според професии, индустрии и сектори. Калкулаторот помага во пресметката на очекуваната плата соодветно на индустријата, секторот и професијата, и на тој начин придонесува кон намалување на потценувањето на вредноста на трудот на работникот соодветно на неговата продуктивност, а независно од неговиот род.

„На овој начин би се зголемила транспарентноста на пазарот на трудот и би се намалила тајноста на платите. Калкулаторот би ги поттикнал преговарачките способности на жените кога се утврдуваат нивните работните обврски. Дополнително, транспарентноста во платите би ги охрабрила работниците, особено жените, да дискутираат помеѓу себе колку се платени, што е базична секојдневна борба против дискриминацијата во платите.  Ваквите влијанија ќе помогнат и во решавање на родовите стереотипи на машки и женски професии, ќе овозможат поголем пристап на жените во професиите кои се доминирани од мажите и ќе го намалат потенцијалниот родов јаз во платите според сектори, професии и индустрии. Калкулаторот треба да се имплементира како дел од стратегиите на Националниот акциски план за родова еднаквост на Министерството за труд и социјална политика. ЕдПлаКо-МК (www.edplako.mk) е солидна основа за имплементирање ваков калкулатор на национално ниво“, посочуваат од Институтот за економски истражувања и политики.

Преку воведување задолжително приложување извештаи за еднакви плати,  образложуваат од Институтот за економски истражувања и политики, компаниите ќе бидат обврзани да приготват извештаи за приходот на своите вработени на секои две години. Извештаите мора да прикажат број на мажи и жени во соодветна професија, нивните плати, просекот и медијаната на платите приспособени за работни часови.

Целта е да се создаде транспарентност во приходите и да се преземаат мерки за да се намали родовиот јаз во платите. Дополнително, преку овие извештаи се гарантира промовирање на еднаквите можности меѓу жените и мажите на пазарот на трудот, преку демотивирање на оние работодавачи кои плаќаат различни плати по родов основ за исти карактеристики или за работни места со иста вредност.

„Работодавачите кои имаат фирми со 50 и повеќе вработени треба да се обврзани да ги приложуваат извештаите преку Националниот акциски план за родова еднаквост на Министерство за труд и социјална политика, кое потоа ги приложува податоците до Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи од Државниот инспекторат за труд и кон синдикатите во Република Македонија. На овој начин се воведува јасна процесна и институционална поставеност за споровите во врска со еднаква плата. Работодавачите што не се придржуваат до Законот за спречување и заштита од дискриминација и до Закон за работните односи би се соочиле со санкции и казни ако се увиди дека има јасна родова нееднаквост“, истакнуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите

M.В