/ Прочитано:

2.022

Дискриминација по основ на јазик во областа на работата и работните односи

Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација по основ на јазик во областа на работата и работните односи во Општина Гази Баба, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во својот месечен извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија.

Случајот, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет, се однесува на вработен во  Општината, кој неколкупати бил дискриминиран од страна на секторски раководител кој му  забранувал на вработениот да го користи својот  мајчин јазик (албански) во секојдневната неформална комуникација со своите колеги.

„По добиено правно советување од страна на Хелсиншкиот комитет, дискриминираната странка поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата во своето мислење констатира дека службен јазик во Општина Гази Баба е македонскиот јазик и тој треба да се употребува во службената комуникација, но дека секој може да го користи својот мајчин јазик во неформална комуникација и дека тоа право не може да му биде ограничено и да му  биде забрането на ниту еден вработен во Општината. Мислењето на Комисијата завршува со препорака до Општина Гази Баба за отстранување на повредата во рок од 30 дена од приемот на мислењето“, велат од Комитетот.

Хелсиншкиот комитет го поздравува позитивното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, но апелира во иднина Комисијата при изработување на своите мислења да внимава тие да немаат технички, формални и суштински недостатоци.

„Иако ваквото мислење претставува позитивен пример“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет, „укажуваме дека и понатаму продолжува трендот на Комисијата за заштита од дискриминација на донесување мислења кои во себе содржат технички, формални и суштествени недостатоци. Во петитумот на конкретното мислење, Комисијата констатира дека се утврдуваат елементи на дискриминација во еден дел од  претставката, но не е изречно наведено дали е утврдена или не е утврдена дискриминација. Заклучокот дека е утврдена дискриминација се наоѓа на крајот на мислењето и во препораката, која е во рамки на мислењето. Исто така, Комисијата во конкретното мислење нема наведено  дали станува збор за директна или индиректна дискриминација. Исто така, Комисијата во предметното мислење утврдува дека дискриминацијата се случила неколкупати, но изречно не утврдила повторена и продолжена дискриминација како потешки облици на дискриминација во согласност со Законот за спречување и заштита од  дискриминација“, посочуваат од Комитетот.

М.В