/ Прочитано:

707

Дискриминацијата ќе се спречува со намален распон на глоби

Вторник, 25 август 2015 – Со измените на Законот за  спречување и заштита од дискриминација ќе се овозможи усогласување со одредбите од Законот за прекршоците, се вели во образложението на новите законски измени на Законот за  спречување и заштита од дискриминација. Исто така, во законското образложение се додава дека со измените се намалува распонот на глобите.

„Со законските измени се врши усогласување со Законот за прекршоци  при што се намалува распонот на глобите, а глобите за службеното лице кај правното лице се заменуваат со процентуален износ“, се образложува во новите измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според новите измени на членот 42, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот на правното лице  односно трговец поединец кој повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа.

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба  за правното лице односно трговец поединец ќе се изрече на одговорното  лице во правното лице,  односно  на одговорното лице во трговецот поединец, кое повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа.

Глоба во износ од 80 до 120 евра во денарска противвредност ќе се изречена функционерот  на  државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или  на овластено лице  во правното лице  на кое му е доверено вршење  на јавно овластување, кој повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа.

Глоба во износ од 70 до 110 евра во денарска против вредност  ќе се изрече на физичко лице, кое повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа.

Во новите законски измени не се пропишува дека ќе биде изречена глоба за „секој оној“ што повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа, кој ќе го повреди достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика и кој ќе го доведе во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

 Член 42 од постоечкото законско решение

(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на секој оној кој повикува или поттикнува на дискриминација и помага во дискриминаторско постапување врз основа на дискриминаторска основа (член 3).

(2) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече запрекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице, државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или орган со јавни овластувања или на поединец кој во вид на регистрирано занимање врши определна дејност.

(3) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на правното лице.

Според новите измени на членот 43, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот на правното лице  односно трговец поединец кој ќе го повреди достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Глоба во износ од 30%  од одмерената глоба  за правното лице односно трговец поединец ќе се изрече за одговорното  лице во правното лице,  односно  на одговорното лице во трговецот поединец, за повредување на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Глоба во износ од 80 до 120 евра во денарска противвредност ќе се изрече за функционерот  на  државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или  на овластено лице  во правното лице  на кое му е доверено вршење  на јавно овластување, за повредување на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Глоба во износ од 70 до 110 евра во денарска против вредност  ќе се изрече на физичко лице за повредување на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Член 43 од постоечкото законско решение

(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на секој оној кој ќе го повреди достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика (член 7).

(2) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице, државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или орган со јавни овластувања или на поединец кој во вид на регистрирано занимање врши определна дејност.

(3) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на правното лице.

Според новите измени на членот 44, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот на правното лице  односно трговец поединец кој ќе го доведе во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

Глоба во износ од 30%  од одмерената глоба  за правното лице односно трговец поединец ќе се изрече  на одговорното  лице во правното лице,  односно  на одговорното лице во трговецот поединец за доведување во неповолна состојба на лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

Глоба во износ од 80 до 120 евра во денарска противвредност ќе се изрече на функционерот  на  државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или  на овластено лице  во правното лице  на кое му е доверено вршење  на јавно овластување, за доведување во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

Глоба во износ од 70 до 110 евра во денарска против вредност  ќе се изрече на физичко лице, за доведување во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

Член 44 од постоечкото законско решение

(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на секој оној кој ќе го доведе во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на кој било начин учествувало во постапката за дискриминација.

(2) Глобата од ставот (1) на овој член ќе се изрече на секој кој намерно во неповолна положба ќе го доведе лицето кое било сведок во постапката за дискриминација или одбило налог за дискриминаторско однесување.

(3) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице, државен орган, органот на единицата на локалната самоуправа или орган со јавни овластувања илина поединец кој во вид на регистрирано занимање врши определна дејност.

(4) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на правното лице.

М.В